МИА Општински пул
- МИА Општински пул

23 април 2025
Струмица – Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов и в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, денеска потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете општини, кој на првите наредните седници на советите ќе прерасне во Договор за меѓуопштинска соработка.
Според струмичкиот градоначалник, на чија иницијатива се одржа денешната средба, сега доаѓа време кога на Кочани му е потребна институционална поддршка.
-Имавме состаноци со Секторот за инспекциски служби на коишто раководителот елаборираше за плановите и динамиката во рамки на општина Струмица и можноста да асистираме и споделиме искуства и знаење со Секторот за инспекциски служби во Кочани. Тука беше и Секторот за урбанизам од којшто општина Кочани ќе има потреба од планери, архитекти и градежни инженери, беше потенциран проблемот со уличните кучиња којшто Струмица го имаше до пред неколку години, но го реши благодарение на преземањето на Стационарот „Лана“ со што станавме и прва општина во Македонија со сопствен стационар за згрижување на уличните кучиња и реално се решава проблемот со глутниците клучиња.Тоа беа темите на коишто ставивме фокус, а го споделивме и моментот со наредбата издадена од моја страна од 21.03.2025 година за што веќе се водат постапки кон 24 правни лица во најголема мера угостители, истакна Костадинов.
Штип – Мора да се комбинира традиционалниот пристап на настава со современата технологија, за да се има попродуктивни резултати при едукацијата на учениците и студентите, ова е ставот на Даниела Коцева продеканка од Факултетот за образовани науки (ФОН) при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип. Професорите и студентите од овој факултет денеска имаа предавање на тема „Вештачката интелегенција во функција на наставата“.
-Факт е дека вештачката интелегенција нуди предности, но има и слабости во користење на истата, како една од предностите да се користат многу современи алатки, за унапредување на перформансите постојат индивидуални алатки кои го потпомагаат учењето кај учениците, меѓутоа може да предизвикаат инхибирање на критичкото мислење и размислување кај самите ученици, како и да се намали и интерацијата, социјализацијата на самите деца што може и да биде еден од предизвиците, вели Коцева.
Охрид – Бројни врвни уметнички содржини од областа на музиката, театарот, балетот и визуелни уметнички доживувања, со настап на стотици уметници од целиот свет. Тоа го најавува денеска презентираната програма на годинешното јубилејно 65-то по ред издание на најголемата музичка и сценска културна манифестација во земјата, Фестивалот „Охридско лето“.
Отворањето на фестивалот, што секоја година нуди содржина со особен квалитет, оваа година и припаѓа на американска пијанистка со блескава уметничка кариера, Клер Хуангчи, која на 12 јули на Античкиот театар ќе настапува под диригентска управа на Едвин Оутвотер, заедно со уметниците од оркестарот на Македонската филхармонија. За свеченото отворање пред медиумите е најавено посебно уметничко доживување, музичко-визуелно патување со импресивни видеопроекции и употреба на најсовремени визуелни технологии за кои е задолжен дизајнерот Рафаел Карико.
На денешната прес-конференција по повод годинешното фестивалско издание свое обраќање имаше и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој истакна дека благодарение на „Охридско лето“ градот Охрид станува центар на меѓународно внимание, со илјадници посетители туристи, љубители на културата, уметници и медиуми кои доаѓаат во Охрид да го почувствуваат спојот на уметноста, природата и историјата.
Кочани – Со полнењето на нивите во атарот на Кочани, денеска вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ официјално ја почнаа наводнителната сезона на оризовите полиња во регионот.
Водата од каналската мрежа навлезе во парцелите во месноста Сазл’к, каде со ориз оваа пролет треба да се засеат околу 300 хектари.
-За почеток ја користиме проточната вода од Оризарска и Кочанска Река, со што ќе се заштедат количините што се акумулирани во браната Калиманци. Според последните мерења, во моментот таа располага со околу околу две третини од вкупниот капацитет, односно има околу 75 милиони кубни метри вода. Оптимисти сме дека со таа количина, но и со тековниот доток на вода, ќе се овозможи исполнување на поголем дел од планот за сеидба со ориз. Сепак, јасно е дека поради лошата хидролошка состојба оризовите полиња во одделни атари ќе бидат исклучени од наводнување, истакна Славе Петров, контролор за наводнување во ВП „Брегалница“.
Куманово - Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски денеска извршија увид во градежните активности на регионалниот пат Р1104 Куманово транзит-улицата „Никола Тесла“. Овој пат го поврзува Куманово со Граничниот премин Табановце и со селата од општина Куманово кон северната граница. За реконструкција на овој пат одвоени се над 20 милиони денари.
- ЈПДП активно работи на обнова и реконструкција на државните патишта, автопатиштата, магистралите, експресните патишта, но не се заборавени ниту регионалните патишта. Еден од тие е и овој регионален пат „Никола Тесла“ чијашто рехабилитација почна вчера. Рехабилитацијата ќе биде во должина од 1.400 метри, со променлива ширина од 6, 5 до 9 метри или вкупна асфалтна површина од 10.000 метри квадратни. Вкупна инвестиција преку ЈПДП е 20 милиони денари, изјави директорот на претпријатието, Трајановски.
Берово - Со предлог проект за изградба на Мултифункционална сала во склоп на Дом на културата Димитар Беровски - Берово, Општина Берово аплицираше по објавениот Јавен повик за изразување на интерес од страна на општините, за финансирање на инфраструктурни проекти од Потпрограмата АА и утврдени, односно планирани средства за оваа намена, во Буџетот на Министерството за култура и туризам за 2025 година.
Со проектот, како што соопшти денеска градоначалникот Звонко Пекевски се предвидува да се изгради модерен и современ енергетски ефикасен објект, за одржување настани со соодветна инфраструктура и опрема.
-Повикот е објавен врз основа на Програмата за користење на капитални дотации, за финансирање на инвестициони проекти на општините и општините во Градот Скопје за 2025 година, број 50-1589/2 од 07.02.2025 година („Службен весник на РСМ“ број 27/25) , со вредност од 115.354.817,00 денари. Главната цел на проектот, е да се создаде динамичен и адаптабилен простор, кој ќе служи како центар за собирање, учење и размена на идеи, со фокус на културата, образованието и семинарскиот туризам, што ќе придонесе за развојот на целата заедница, истакна Пекевски.
Штип – Почнаа подготвителни градежни активности за изградба на водоводна и канализациона мрежа во новата населба, која е веднаш до населбата Три Чешми во Штип.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека во оваа нова населба ќе се трасира комплетна нова водоводна и канализациона мрежа, како и три улици. Инаку досега се продадени десет парцели, а за десет во тек е постапката за аплицирање од страна на граѓаните.
-Планираната населба содржи 80 плацеви за индивидуално домување куќи. Така да во месеците паралелно со изведбата на инфраструктурата во рамки на новата населба до Три Чешми ќе се отуѓат и останатите 70 парцели, коишто верувам ќе допринесат за зголемување на бројот на жители на овој дел од градот, рече Јорданов.
Тој посочи дека распишан е тендер од страна на Министерството за транспорт и врски за изградбата на водовод и канализациона мрежа во новата населба, но и за викенд населбата Плуждино и инвестицијата се очекува да изнесува 22 милиони денари.
Битола - Општина Битола објави јавен повик за аплицирање и користење на можноста граѓаните кои ќе набават инвертер клима уред да користат локална субвенција, односно надомест на дел од трошоците за набавка на клима уред.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола посочуваат дека повикот е со цел да ги стимулира граѓаните за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на домаќинствата, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, ќе им обезбеди поврат на дел од потрошените финансиски средства за инвертер клима уреди набавени во периодот од денот на објавувањето на јавниот повик.
Средствата што ќе ги надоместува Oпштина Битола се во вредност од 50 отсто од вкупната цена на чинење на уредот, но не повеќе од 25.000,00 денари, а услов за учество на јавниот повик е барателот и членовите на неговото потесно семејство со иста адреса на живеење по лична карта да немаат искористено субвенција за набавка на инвертер клима уреди од претходни јавни повици спроведени од Општина Битола во последните 5 години.
Битола - Македонското научно друштво (МНД)-Битола слави 65 години и со програмски активности потсетува на групата битолски интелектуалци кои на 25 април 1960 година го формираа најстарото Друштво во земјава.
Македонско научно друштво-Битола денес претставува пример за пристапот кон научната мисла, место кое ги вмрежува науките и уметностите, поединците и институциите чија цел е афирмација на културните вредности во градот, државата и во странство, истакна на прес-конференција во Битола, професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска, претседателка на МНД-Битола.
Куманово - Предвидено е проширување на патарината кај Миладиновци и зголемување на процентот на поминувања за електронска наплата на патарините (таг), најави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски при посетата на Куманово каде почна рехабилитација на регионален пат.
Целта е, потенцира, да има што повеќе поминувања со тагови, наместо со кеш и платежни картички.
-Тие патарини, не само таа туку пет-шест, други финансирани од Светска банка беа закочени работите. Успеавме по неколку месеци да се откочат. Ќе се прави уште една лента од десната страна и со тоа да се зголеми проточноста, тоа е една од најтесните грла на патарините во Македонија и се надевам дека за неколку месеци ќе биде решено. Подготвуваме нова одлука со којашто ќе гледаме да имаме што повеќе поминувања на патарините со тагови. Ако сега имаме 35.000 тагови планираме да имаме од 200 до 300.000 тагови слично како што е во Србија. А и тие да важат и во Србија, Грција, Хрватска. Искрено, се надевам дека до лето тоа ќе го направиме, наместо една да има две ленти со тагови, целта е да има што повеќе поминувања со тагови, а помалку со картички и кеш пари, изјави Трајановски.
Крива Паланка - Општина Крива Паланка објави јавен повик за млади невработени лица за субвенционирање набавка на дигитални уреди: десктоп, лаптоп или таблет.
Повикот трае до 22 мај 2025 година, а право на субвенции можат да остварат сите млади луѓе на возраст од 15 до 29 години со постојано место на живеење во општина Крива Паланка, евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија кои купиле дигитален уред во 2025 година.
-Продолжува поддршката на младите од градот преку различни мерки со кои директно финансиски ги субвенционираме. За аплицирање на повикот и остварување на правото на субвенции од оваа мерка потребно е да достават пополнето барање за субвенции, достапно во архивата или онлајн на веб страницата на општината, www.krivapalanka.gov.mk, копија од важечка лична исправа, потврда од Агенцијата за вработување како доказ за невработеност, фискална сметка или фактура со банкарски извод за купениот уред, во период по 1 јануари 2025, како и активна трансакциска сметка и изјава дека досега не користеле субвенција за дигитален уред од општината претходно, информираат од службата за комуникација со јавност при Општина Крива Паланка.