• среда, 24 април 2024
МИА Флеш

28 март 2024 

- Откажани се летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк на вработените во авиокомпанијата „Аустријан ерлајнс“.

На официјалната веб страница на Меѓународниот аеродром Скопје не се ставени ниту полетувањата, ниту слетувањата со оваа авиокомпанија. 

Поради штрајкот, којшто според најавите треба да трае денеска и утре, глобално откажани се околу 400 лета и засегнати се околу 50.000 патници.

- Поголемата финансиска инклузија на жените претприемачи преку развивање вештини, знаења, изработката и следењето на соодветните податоци и пристапот до финансиски средства се основните цели на пилот-проектот со кој ќе раководи Народната банка со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Ова, како што соопшти НБ, е истакнато на денешниот настан на кој се потпиша Меморандумот за соработка за примената на Кодексот за финансирање на жените претприемачи во нашата земја, на кој присуствуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претставникот на ЕБОР во нашата земја, Фатих Туркменоглу, како и дел од тимовите на централната банка и на Канцеларијата на ЕБОР.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска се заблагодари за довербата укажана од ЕБОР, којашто одлучи централната банка да биде предводник на проектот и да гради мостови помеѓу јавниот и приватниот сектор за зголемување на финансиската вклученост на жените, што ќе придонесе за отворање нови бизниси и работни места и за придвижување на економскиот раст.

-  Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија ги анализира ефектите од глобалниот минимален данок од 15 проценти што се применува од 1 јануари на глобално ниво врз работењето на странските компании во државава кои ќе треба да плаќаат дополнителен данок во земјите од каде што потекнуваат.  Државава се уште не е  прилагодена кон овој данок, а првите плаќања за годинава по тој основ странските компании би ги имале во 2026 година. 

За членките на Советот денеска во Стопанската комора се одржа презентација на тема „Ефектите од глобалниот минимален данок врз добивките на компаниите во Северна Македонија“, во соработка со ПрајсвотерсхаусКуперс (PwC Северна Македонија).

- До Сојузот на синдикати на Македонија досега не е пристигнато барање за средба од страна на политичките партии кои во изминатите денови остваруваат средби со стопанските комори. 

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов денеска во одговор на новинарско прашање рече дека добро би било да се чуе и гласот на работниците затоа што повеќе од 750 илјади вработени во земјава се оние кои ја носат одлуката кој ќе ја води државата во следните години.  

- Претседателот на техничката Влада Талат Џафери денеска се сретна со јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски. Средбата се реализираше на барање на премиерот Џафери, согласно законската надлежност на Владата за организирање фер и демократски избори, соопшти владината прес-служба.

Џафери на состанокот ја истакна недвосмислената определба на Владата за реализација на избори коишто ќе ја одразат реалната волја на граѓаните. Притоа, посочи дека активностите на Владата се одвиваат според законските надлежности, а лично тој и претставниците на Владата се водат од наратив за позитивна клима во предизборието.

- Најдоцна до 28 мај треба да биде свикана конститутивната седница на идниот парламентарен состав, согласно новиот Деловник на Собранието. Седницата ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, согласно роковите од новиот Деловник, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска на средба со новинарите информираше дека тој исто така до 12 мај треба да ја свика и седницата за инаугурација на новиот претседател, по изборите на 24 април и евентуален втор круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори. 

- ВМРО-ДПМНЕ вечер на седници на Извршниот и Централниот комитет на партијата ќе ги потврди листите за пратеници за претстојните парламентарни избори, по што, се очекува, тие ќе бидат објавени во јавноста.

Носителите на листите се веќе познати во јавноста. Во ИЕ 1 носител ќе биде лидерот на партијата Христијан Мицкоски, во Втората Владо Мисајловски, во Третата Драган Ковачки, во Четвртата Александар Николовски, во Петата Ѓоргија Сајкоски и во Шестата Дафина Стојановска. 

- Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Надер Саад, новоименуваниот амбасадор на Арапска Република Египет во Република Северна Македонија, со седиште во Софија.

Претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма истакна дека Република Северна Македонија, како одговорна членка на меѓународната заедница придава значење на односите со сите држави, придонесувајќи за благосостојбата на народите и за обезбедување и зацврстување на мирот во светот, како и за промовирање на одржливиот развој и економскиот просперитет. Тој изрази уверување дека пред двете земји со богато културно и историско наследство постои огромен неискористен потенцијал за сеопфатна и плодна соработка, особено на економски план, а исто така и во сферите на туризмот, културата, образованието.

- Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР) именуваше тројца судии и двајца бранители на Европскиот суд на правдата. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за Германецот Томас фон Данвиц и Летонката Инета Зимеле, кои се реизбрани за судии, како и за Французинот Стефан Жервасони, кој првпат е именуван за судија на Судот на правдата. 

- Петмина новинари кои работат за независни медиуми се уапсени синоќа и денеска во Русија, јави невладината организација ОВД-Инфо, специјализирана за следење на репресијата во таа земја.

Околу полноќ полицијата ги приведе Екатерина Аникијевиќ од медиумот СОТА Вижн и Константин Жаров од РусЊуз, соопшти таа организација.

Жаров бил тепан од полицијата и му се заканувале со сексуално насилство, пренесе организацијата.

- Нерешителноста на Европската централна банка (ЕЦБ) за намалување на висината на основната каматна стапка се додека нема показатели дека таа влијае на забавување на зголемувањето на платите, би можела да резултира со мал раст на економијата во Еврозоната, смета бриселскиот тинк-тенк за европски политики „Бројгел“. 

Според директорот на „Бројгел“, Јеромин Цетелмајер, ЕЦБ е во состојба на „деликатен чин на балансирање“ меѓу заложбата да се избегне можна инфлаторна спирала со зголемувањето на платите и ризикот нејзината рестриктивна каматна политика да и наштети на „многу слабата економија“ во Европа. 

- Албанскиот претседател Бајрам Бегај го поздрави усвојувањето на извештајот на Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа за Косово, со кој земјата се приближува на чекор до членство во Советот на Европа.

Според него, ова е „заслужено достигнување на Косово во неговиот пат кон полноправно членство во Советот на Европа“ и ја докажува „цврстата политичка посветеност на Косово кон европските вредности и стандарди“.

- Претставниците на партијата „Има таков народ“ (ИТН) денеска на бугарскиот претседател Румен Радев му го вратија третиот и последен мандат за состав на влада, што тој им го врачи, со што се отвора патот за закажување на вонредни парламентарни избори.

Мандатот што и беше врачен на ИТН беше последна шанса за формирање на редовна влада во рамките на Народното собрание, јавува Бугарското радио.

 – Во јануари годинава во Грција е регистриран зголемен број на посетители, но и на приходите од туристите за државата во споредба со истиот период лани, согласно прелиминарните податоци од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина. 

Во првиот месец од 2024 година Грција ја посетиле 737.000 туристи, бројка што е за 16 проценти повисока од лани, а зголемувањето на бројот на посетители, го зголемил и бројот на приходи за 27,1 отсто и изнесуваат 278,3 милиони евра.

 

Остани поврзан