• сабота, 11 мај 2024
МИА Флеш

15 април 2024

 

Скопје - Во акција спроведена утрово од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи приведени се 17 припадници на затворската полиција, вработени во КПД Затвор Идризово. -По повеќемесечна предистражна постапка, под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска беше спроведена акција од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во која се приведени 17 лица, соопшти Јавното обвинителство.

Тетово - Преку прес-конференција во Општина Тетово, командирот на тетовската противпожарна единица со упати апел и молба до државните институции да помогнат да се изгасне пожарот над Селце кој трае веќе петти ден. Според командирот Авни Амети, во шумата над Селце не можат да одат противпожарни камиони, а неговата единица само со теренски возила џипови може да пристапи таму и затоа е потребна помош.

Скопје – Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски денеска на прес-конференција посочи дека во период од јуни 2022 година до минатиот месец се дадени незаконски парични средства на над 1000 граѓани во име на социјална помош. Со ова, како што рече, е оштетен буџетот на Министерството за над 2.5 милиони евра. Тој потенцираше дека во моментов се изготвени и донесени 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална сигурност, со забрана за користење на правото во наредните 12 месеци. 

Скопје - Украинска делегација предводена од заменик-министерот за земјоделска политика и храна Маркијан Дмитрасевич оваа недела ќе престојува во земјава за да ги слушне, но и за да ги согледа практично, на терен, македонските искуства на патот кон ЕУ во делот на аграрот. Зошто Северна Македонија е најдобра во регионот по искористувањето на ИПАРД средствата, како фунционира Платежната агенција, кои се придобивките од консолидацијата на земјиштето, но и предностите од воспоставената Мрежа за сметководствени податоци од фарма (ФАДН), се само некои од успешните политики на земјава кои ќе им бидат презентирани на гостите од Украина.

Скопје - Грејната сезона завршува денеска, но од Регулаторната комисија за енергетика велат дека на дневно ниво се следат температурите и доколку има потреба ќе биде вклучен системот за топлинска енергија.  - Денес завршува грејната сезона, но до крајот на април влегуваме во преоден период во кој на дневно ниво РКЕ ги известува топланите дали се создадени услови да биде вклучен системот за топлинска енергија. Согласно член 45 од Правилата за снабдување секој пат кога  прогнозирана средна дневна температура е 12 и пониска од 12 тогаш се дава налог дека се создадени услови  да се започне со производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на тарифните потрошувачи, велат од Регулаторната комисија за енергетика.

Скопје - Изминатото деноноќие евидентирани се 23 пожари на отворен простор, од кои два се уште се активни, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). -Регионалниот ЦУК Тетово, известува дека пожарот кој започна пред неколку дена кај село Ѓермо, Општина Тетово е се уште активен. Пожарот сега се наоѓа над село Селце на оддалечен и тешко пристапен терен, а гори букова шума, ливади и меѓни стебла и ниска вегетација, информираат од ЦУК. Според последните информации добиени од одговорни лица од НП Шар Планина и ТППЕ Тетово пожарот е се уште активен и има тенденција да се шири. Вчера поради настапување на ноќта екипите во 19:10 часот се повлечени од терен, а со интервенција е продолжeно денеска во раните утрински часови.

Скопје - За да им го олесни пристапот до банкарски услуги на слепите и лицата со оштетен вид, Комерцијална банка а.д. Скопје воведе тактилни платежни картички. Тие ќе се разликуваат по форма зашто ќе имаат засеци од едната страна – заоблен кај дебитните и квадратен засек кај кредитните платежни картички. Тактилни платежни картички т.е. препознатливи на допир ќе користат сите граѓани кои имаат картички издадени од Комерцијална банка. Замената е веќе почната и ќе се прави постепено.

Брисел - Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека неделава ќе биде домаќин на главните преговарачи на Белград и Приштина за нова рунда разговори. Целта е да се најде привремено решение за луѓето погодени од одлуката на Централната банка во Приштина за укинување на динарот во Косово.

Брисел - Блискиот исток е „на работ на бездна“, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и повика на деескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран. Иран истрела стотици ракети и беспилотни летала врз Израел во саботата навечер како одговор на осомничениот израелски напад врз конзулатот на Техеран во Дамаск, во кој загинаа неколку офицери на Иранската револуционерна гарда, вклучително и двајца високи команданти. Израел ниту ја потврди ниту негираше одговорноста за воздушниот напад на 1 април во сириската престолнина. „Ние сме на работ на бездна и мораме да се повлечеме од неа“, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ за шпанското радио Онда Серо. „Мораме да притиснеме на сопирачките и да префрлиме во друга брзина“, додаде тој.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Париз, планирани да се одржат на реката Сена на крајот на јули, би можела да биде преместена на стадионот „Стад де Франс“ доколку се оцени дека безбедносната закана е превисока. Во интервју за француски медиуми Макрон рече дека француските безбедносни сили ќе бидат мобилизирани „на вонредно ниво“ за да се осигура безбедноста на настанот на отворено.

Брисел - Агенцијата за воздухопловна безбедност на ЕУ (ЕАСА) денеска испрати е-пошта до авиокомпаниите во која ги советува да бидат внимателни во воздушниот простор на Израел и Иран. Во е-поштата се наведува дека ЕАСА и Европската комисија „ќе продолжат внимателно да ја следат ситуацијата за да го проценат потенцијалниот ризик за операторите на авиони во ЕУ и ќе бидат подготвени да дејствуваат како што налагаат околностите“.

Париз - Дипломати од Франција, Германија и Европската унија ќе се сретнат денеска во Париз за да побараат повеќе средства за Судан, на првата годишнина од избувнувањето на конфликтот во таа африканска земја. На францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне во француската престолнина ќе му се придружат неговата германска колешка Аналена Бербок, шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел и европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич.

Ерусалим - Палестинското милитантно движење Хамас им даде на преговарачите контрапредлог за договор за размена на заложници во индиректните разговори за постигнување прекин на огнот во војната во Газа, објави израелскиот весник Хаарец. Предлогот предвидува ослободување на израелските заложници во замена за Палестинците од израелските затвори и постепено повлекување на израелската армија од Појасот Газа по 42-дневен прекин на огнот, пишува Хаарец повикувајќи се на палестински и арапски извори.

Москва – Рускиот кошаркарски гигант ЦСКА Москва денес го отпушти тренерот Емил Рајковиќ. За прекинот на соработката со македонскиот стручњак, ЦСКА објави преку својата интернет страница. -Клубот одлучи да го раскине договорот со тренерот на тимот Рајковиќ. Заедно со него од стручниот штаб на тимот си заминуваат помошниците Марко Величковиќ и Сашо Тодоровски, се вели во соопштението на ЦСКА.

Брисел - Блискиот исток е „на работ на бездна“, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и повика на деескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран. Иран истрела стотици ракети и беспилотни летала врз Израел во саботата навечер како одговор на осомничениот израелски напад врз конзулатот на Техеран во Дамаск, во кој загинаа неколку офицери на Иранската револуционерна гарда, вклучително и двајца високи команданти. Израел ниту ја потврди ниту негираше одговорноста за воздушниот напад на 1 април во сириската престолнина.

Вашингтон - Дванаесет американски медиумски организации ги повикаа кандидатите за претседател на САД Џозеф Бајден и Доналд Трамп да се договорат да дебатираат меѓусебе за време на кампањата, велејќи дека тоа е традиција што е дел од секоја изборна кампања од 1976 година. Додека Трамп, кој е републикански кандидат, изрази подготвеност да одржи телевизиска дебата со неговиот демократски ривал, сегашниот претседател на САД, Бајден, се уште не даде изјава во врска со тоа.

Сиднеј - Австралиската полиција соопшти дека ги истражува причините поради кои цел на напаѓачот со нож во трговски центар во Сиднеј, како што изгледа, првенствено биле жени. Во нападот се убиени пет жени и еден маж. Сторителот на убиството е 40-годишниот Џоел Каучи, кој, според полицијата, боледувал од ментална болест. Меѓу ранетите во неговиот убиствен поход, најголем број од жртвите се жени.

Хургада - Хургада важи за бисер на египетскиот брег на Црвеното Море, коешто туристите го нарекуваат „морето на седум бои“... Градот има околу 150.000 жители, но и 10.000 странци кои се занимаваат претежно со туризам. Црвеното Море е мамка и за посетителите кои се занимаваат со професионално и аматерско нуркање. Идеалната местоположба на градот, пак, нуди можност за разни излети и прошетки.

Јанџин - Градот Јанџин во покраината Јунан, јужна Кина, е единствен во светот по својот изглед... Имено, со својата должина од 1.416 километри важи за „Најтесниот град во светот“, бидејќи се наоѓа меѓу две големи планини, а по долината на реката Гуан и има две улици.

Лондон - Поранешниот тренер на Рома, Жозе Мурињо би можел да води еден од клубовите од Премиер лигата.  Според „TEAMtalk“ Вест Хем е заинтересиран за услугите на 61-годишниот стручњак, сметајќи го Португалецот како можна замена за Дејвид Мојс, чиј договор истекува на крајот од сезоната 2023/24. Мурињо претходно во кариерата тренираше тимови како Челзи, Манчестер јунајтед и Тотенхем во Премиер лигата. Тој стана трикратен шампион на Англија. Беше отпуштен од Рома во јануари оваа година.

Тагови

Остани поврзан