• сабота, 11 мај 2024
МИА Флеш

13 март 2024

 

Скопје - Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи очекува дека веќе е создаден ред со цените на храната по завршувањето на мерката „гарантирана цена“ откако дел од компаниите најавија дека ќе ги задржат гарантираните цени до 15 мај годинава. Укажува дека системското решение е законот за забрана на нефер трговски практики што денеска е на пленарна седница во Собранието. 

Скопје — Судскиот совет на денешната 481 седница поради исполнување на услови за старосна пензија донесе одлука за престанок на мандатот на судијката на Управен суд Дрита Мехмети и судијата на Основен кривичен суд Јане Тапанџиевски. Одлуката за престанок на мандатите на Мехмети и Тапанџиевски заклучно 13.3.2024 година ја донесе едногласно.

Скопје - Министерот за внатрешни работи во техничката Влада Панче Тошковски смета дека вчерашната одлука на Владата со која се поништени пет наредби донесени од, како што вели, моја страна е скандалозна и спротивна на законите.  -Една од петте поништени наредби се однесува на работник во Министерството за внатрешни работи кој се упатува да извршува работни задачи во управните служби во Ново Село каде се соочуваме со кадровски дефицит во делот на издавањето на лични документи, а со ваквата одлука на Владата практично се доведува во прашање функционирањето на оваа организациска единица, односно издавањето на лични документи на граѓаните на оваа Општина, напиша Тошковски на Фејсбук. Останатите четири наредби, како што наведува, се однесуваат на советници од неговиот кабинет со кои им се даваат конкретни насоки за постапување. 

Скопје - Вицепремиерот за економски прашања во техничката Влада Фатмир Битиќи вели дека владината набавка на 45 возила преку лизинг е во редовната програма и оти реалната реализација е во ноември.   -Тоа е во среднорочниот план, се знае на колку километри се менуваат службените возила и не се набавуваат сега. Мислам дека би требало во ноември да бидат набавени кога реално ќе се случи реализацијата, но бидејќи е во редовниот план за набавки, во програмите, независно на изборниот процес, државата и институциите функционираат, рече Битиќи на новинарско прашање по посета на домашна компанија корисник на средства од Законот за финансиска поддршка на инвестициите. 

Скопје - Нужност е вклучувањето на еден блок во РЕК Битола бидејќи не можеме целосно да оставиме да зависиме само од увоз на електрична енергија од други извори, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. На новинарско прашање која е економската логика за работа на РЕК Битола кога се набавува струја на Берза по цена од 73 евра, а производствената е 110 евра, Битиќи рече дека мора да осигураме минимум производство од домашни капацитети и оти цената на берзите не е предвидлива до тој степен за да може целосно да се потпреме на купување на струја.

Скопје - На регионалниот пат Тетово – Скопје, вчера околу 17 часот и 30 минути полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода А.К.(23), Б.Н.(27), Н.К.(37) и И.К.(38), сите од Тетово, и малолетник од Куманово, соопштија денеска од МВР.

Скопје - Дијалогот со македонските компании и спроведувањето на мерките за олеснување на трговијата е клучно за забрзан раст на економијата, истакна директорот на Царинската управа Стефан Богоев при посетата на македонската компанија ИГМ Трејд во Кавадарци.

Скопје - Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка вчерашната седница оцени дека каматната стапка на благајничките записи треба да биде задржана на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно, соопшти НБ.

Скопје - Амбасадата на Италија и ИТА Скопје во соработка со Националната галерија на Република Северна Македонија организираат  прослава на Денот на италијанскиот дизајн 2024 година. Во рамките на тридневната програма, на 14 март во галеријата Чифте амам ќе биде се отворена изложбата „Најдрагиот Пинокио“ (Carissimo Pinocchio), што ќе може да се погледне во наредните две недели, до 28 март.

Брисел – Високиот комесар за надворешна политика и безбедност на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, денеска изјави дека препораката на Европската комисија (ЕК) за отворање преговори за членство на Босна и Херцеговина во ЕУ е важна порака за поддршка на нејзините граѓани и јасен сигнал за нејзината перспектива во ЕУ. Борел на Х напиша дека Босна и Херцеговина треба да продолжи со „позитивна динамика на реформскиот пат“. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера изјави дека ќе препорача отворање на пристапни преговори со Босна и Херцеговина, која, како што рече, постигнала импресивен напредок.

Рим - Поглаварот на Римокатоличката црква денеска повторно ги осуди сите војни, неколку дена откако ги налути Киев и западните престолнини, сугерирајќи дека Украина треба да се предаде и да преговара за мир со Русија. Папата Франциск за швајцарската телевизија РСИ изјави дека Украина треба „да ја покаже храброста на белото знаме“ и да ги отвори преговорите со Русија, додека неговиот заменик, кардиналот Пјетро Паролин, вчера појасни дека Русија прво треба да престане со својата агресија, пренесуваат британските медиуми.

Вилнус - Литванскиот претседател Гитанас Науседа денеска му порача на рускиот претседател Владимир Путин дека никој не се плаши од него, во врска со нападот на рускиот опозиционер во егзил Леонид Волков. Овој близок соработник на Алексеј Навални бил нападнат од Русија, денеска потврди литванската државна безбедност, пренесуваат британските медиуми. -Нападот во Литванија очигледно беше планиран од порано и е во врска со други провокации против балтичките држави, рече Науседа.

Бeјрут - Најмалку едно лице загина, а три други се повредени денеска во израелски напад врз автомобил во јужен Либан, јави либанска национална новинска агенција. Нападот се случил крај крајбрежниот град Тир, во близина на палестинскиот бегалски камп Рашидија. Спасувачите ги собирале посмртните останки на тоа место, опколено од либанската армија, но засега не се знае кои се жртвите. Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа на 7 октомври минатата година, либанска организација Хезболах секојдневно ја напаѓа израелската армија како поддршка на својот палестински сојузник.

Милано - Италијанската полиција уапси 103-годишна жена која како учесничка во сообраќајот, ги прекршила правилата. Станува збор за пензионерка, родена 1920 година, која немала ниту возачка дозвола, ни осигурување за во случај на сообраќајна незгода, јави ДПА. Жената била запрена среде ноќ, поради пребрзо возење во градот Бондено во северна Италија. Им кажала на полицајците дека се упатила кај пријатели надвор од градот. Таа потврдила и дека пред две години ѝ истекла возачката дозвола и не ја обновила. Поради сторените прекршоци, возилото е одземено, а повозрасната жена е однесена со полициско возило до својот дом. 

 

 

Тагови

Остани поврзан