• петок, 26 април 2024
МИА Флеш

25 мај 2023

- Премиерот Димитар Ковачевски очекува поддршка во Собранието за усвојување на измените на пакетот закони за доизградба на коридорите 8 и 10д, бидејќи, како што изјави денеска, се работи за важно усогласување на нашата регулатива со цел нивно побрзо, поевтино и поефикасно градење.

 - Шпекулација, замајување на јавноста, најнова лага и уште една небулоза во низата, вака премиерот Димитар Ковачевски денеска ја коментираше изјавата на претседеталот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски според кој „власта со уставните измени работи на создавање бинационална држава“.

 - ОБСЕ останува посветена на поддршката на реформските процеси во Србија и во регионот, порача претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи по средбата со првиот вицепремиер одговорен за надворешна политика и безбедност и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ во Белград, соопшти МНР.

- Министерството за транспорт и врски  планира проектирање на нов експресен пат од Куманово до Ранковце и аплицираше за средства преку ИПА 3 програмата, информира денеска ресорниот министер Благој Бочварски, на настан со кој беше заокружена рехабилитацијата на магистралниот пат од Куманово до Страцин на источниот крак на Коридор 8. За обновата на патот во должина од 31,2 километри се инвестирани 11,8 милиони евра, во две фази, од Куманово до село Војник во должина од 15 километри и од Војник до Страцин во должина од 16 километри. Со активностите беше опфатена и рехабилитацијата на обиколницата кај Куманово.

- Информативна служба на Општина Арачиново ги информира граѓаните дека општинската администрација од денеска нема да работи поради „безбедносни причини“. „Се извинуваме што нема да можеме да вршиме услуги и законски обврски кон граѓаните, но ваквата мерка главно е преземена поради безбедноста на вработените во општинската администрација, но и на граѓаните кои се обраќаат до Општината“, се наведува во објавата на официјалната Фејсбук страници на Општина Арачиново.

- Од самиот почеток Русија тврдеше дека Украина стои зад нападот со дронови врз Кремљ на почетокот на овој месец, изјави денеска Дмитриј Песков, прес-секретарот на рускиот претседател Владимир Путин. Песков ја даде оваа изјава откако Њујорк Тајмс објави дека, според американските разузнавачки служби, нападот најверојатно го извршиле украински специјални воени единици или разузнавачки единици. 

- Министрите за одбрана на Белорусија и на Русија, Виктор Хренин и Сергеј Лавров денеска во Минск потпишаа документи со кои се дефинира процедурата за складирање на руското нуклеарно оружје во специјално складиште на белоруска територија. За време на состанокот беа потпишани документите, со кои се дефинира процедурата за складирање на руско нестратешко нуклеарно оружје во посебен капацитет за складирање на територијата на Република Белорусија, се наведува во соопштението на белоруското Министерство за одбрана.

– Владата на ПП-ДБ и ГЕРБ-СДС е едно од најголемите политички предавства во последниве години, коментираше денеска лидерката на БСП, Корнелија Нинова, во врска со можната влада на „Промените продолжуваат-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) и ГЕРБ-СДС, јави БТА. „Промените продолжуваат“ се создадени за да се смени претходниот модел на владеење на задкулисни игри и паралелна држава, а место - да ги искористам зборовите на претседателот, „соочи се надвор“ – се доби „соочи се внатре“, посочи таа. 

 - Во центарот на Сиднеј пожарникарите денеска гаснат пожар кој зафати зграда со повеќе спратови. Итната помош ја опколи областа, а засега нема информации за повредени. Според објавени снимки, зградата се наоѓа во близина на централната железничка станица во Сиднеј. Покрај зградата гори и автомобил паркиран во близина.

 - Невладината организација „Исчезнати деца во Европа“ (Missing Children Europe) по повод 25 мај Меѓународен ден на исчезнатите деца соопшти дека во Европа годишно исчезнуваат 250.000 деца, што е еквивалент дека на секои две минути исчезнува по едно дете. Мрежата на европски бесплатен телефон 116 000 за помош за исчезнати деца минатата година примила вкупно 70.855 повици поврзани со 6.668 случаи. Мрежата им се обезбедува на децата и семејствата бесплатна и непосредна емоционална, психолошка, социјална, правна и административна поддршка 24 часа секој ден.

Остани поврзан