• четврток, 09 мај 2024
МИА Флеш

 2 април 2024

 

 

Скопје - Следува период на сончево време со мала до умерена облачност. До петок утринските температури ќе бидат пониски, а преку денот ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Од сабота температурите ќе бидат во пораст, соопшти УХМР.  Утринските температури ќе бидат во интервал од 2 до 11, а масксималните дневни ќе достигнат 29 степени.

Скопје – Највисок приоритет за Првата пешадиска бригада на Армијата  е развојот на Лесната пешадиска баталјонска група како следна НАТО цел за 2027 година. Потребата од постигнување на високите стандарди бара високо мотивирани професионални обучени и компетентни  кадри, како што се припадниците на оваа бригада, беше истакнато  на воената свеченост што се одржа денеска во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец по повод  Денот на оваа армиска единица. Според министерката за одбрана Славјанка Петровска, Првата пешадиска бригада на Армијата денес е најмоќната  и најбројната воена формација која го добива ликот на најмодернa и современа НАТО воена структура.

Скопје - Антидезинформациската мрежа на Балканот денеска во Скопје одржува конференција насловена како „Бранејќи ја демократијата на Балканот: Заштита на интегритетот на информациите во дигиталната ера“, со која го одбележува 2 Април - Меѓународен ден за проверка на факти.  Евроамбасадорот Дејвид Гир на отворањето на конференцијата истакна дека поради изборите веќе гледа како штетни влијанија се вршат врз проверката на факти особено онлајн. Но, вели тој, тоа не се случува само во Северна Македонија туку и во регионот и во Европа поради тоа што ова е година на избори. Должност на сите институции е, вели тој, да овозможат проверка на факти, а исто така треба да се прави разлика меѓу информациите наспрема дезинформациите, факти наспрема алтернативни факти... Тој посочи на соработката што ЕУ ја има во однос на проверката на факти со заедниците во регионот. Гир исто така нагласи дека проверувачите на факти мора да работат самостојно и да немаат политички притисоци. 

Скопје –  Ниската доверба на граѓаните во сите институции е општа констатација и рак рана во судството. Не сметам дека имаме неквалитетни одлуки, но сигурно таа недоверба нешто детектира во однос на нашето работење, вели претседателот на Здружението на судиите на РСМ, судијата Џемали Саити и посочува дека таа се должи и на добар инженеринг од другите власти во однос на пренасочувањето на недовербата кон судството, но и на самото судство.

Скопје - Вчера се одржа Свечена академија по повод 100 години од основањето на Археолошкиот музеј во Скопје. На 1 април 1924 година е формиран првиот Археолошки музеј во Македонија како установа со своја управа, зграда и музејски фонд составен од археолошки предмети пронаоѓани на територијата на Македонија. Во текот на овие 100 години музејот бил именуван со различни називи, зависно од историскитe текови и превирања, но грижата за археолошкото наследство се одвива во континуитет од 1924 година до денес. 

Скопје - Мандолинскиот оркестар „Скопје“ под диригентска палка на Рамадан и Ерхан Шукри ќе учествува на интернационалниот мандолински фестивал во Анкара, кој ќе се одржи на 6 и 7 април. Мандолинскот оркестар „Скопје“ со децении успешно работи и бележи значајни резултати во нашата држава и надвор од неа. Со своите активности и учество на фестивали преставува достоен амбасадир на македонската музичка култура и уметност на Република Северна Македонија секаде низ светот.

Струга - Вработен во јавното претпријатие „Национални шуми - шумско стопанство Јабланица-Струга“ незаконски дал службен чекан за жигирање дрва и овозможил нелегален транспорт на дрва. СВР Охрид денеска соопшти дека ОВР Струга поднело кривична пријава против С.П.(57) од Вевчани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ Несовесно работење во службата“.

Куманово - Во Основниот суд во Куманово на денешното прво судско рочиште против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, за злоупотреба на службена положба и овластувања, по кривична пријава поднесена од кумановските градежни фирми „Делукс ауто“ и „Хромак“  за случај со недобивање дозволи за градење на висококатници во Куманово, е одложено за 30 април.Градоначалникот Димитриевски изјави дека верува во институциите на системот и покрај тоа што во големите „осила“ има и пчели кои ги почитуваат законите. Тој нагласи дека обвинението е монтирано, има за цел да го наруши неговиот дигнитет и истакна дека и на преходните избори се соочувал со притисоци.

Штип - Пуштена е во употреба првата катна гаража на улицата „Ванчо Прќе“, која се наоаѓа зад Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Градоначалникот Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека во првата катна гаража се инвестирани околу десет милиони денари. -Рационално го уредивме овој простор, за паркирање на две нивоа. Станува збор за едно сообраќајно решение, со кое се дуплираа паркинг позициите и на оваа површина имаме корисни 55 паркинг места, кои веќе се во функција. Повеќе од десет милиони денари се инвестирани од буџетот на Општина Штип, од парите на граѓаните, вели Јорданов.

Белград - Истрагата за исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ е динамична, обемна и во неа се проверуваат сите можни факти и лица, изјави полицискиот мајор Бојана Отовиќ Пјановиќ. Таа додаде дека сите се осомничени, но дека не сака да лицитира со имиња, јави дописникот на МИА од Белград. Потрагата по двегодишната Данка Илиќ, која исчезна минатиот вторник во Бањско поле кај Бор, влезе во осмиот ден, а истрагата на територијата на Србија е проширена.

Хелсинки – Едно 12-годишно дете загина откако беше застрелано во основно училиште во финскиот град Вантаа, во близина на Хелсинки, соопшти денеска финската полиција, пренесе ДПА. Други две 12-годишници се тешко повредени, соопшти полицијата. Службите за итни случаи уапсија еден 12-годишен ученик пред училиштето. Осомничениот сторител со себе имал огнено оружје. Полицијата соопшти дека апсењето поминало без проблеми.

Брисел - Интеграцијата на земјите од Западниот Балкан во ЕУ е во интерес на самата Унија и на нејзините членки, смета поранешниот црногорски премиер Дритан Абазовиќ.  - Со тоа не ни се прави услуга нам, туку се инвестира во безбедноста и иднината на Европа и во интересот на секој што сака да ја види Европа како суперсила, како обединета Европа со сите наши земји, вели Абазовиќ во интервју за бриселскиот портал „Еурактив“.  Според него, во Црна Гора над 81 отсто од населението го поддржува членството во ЕУ, па затоа таа е „совршена земја за заживување на процесот на проширување на ЕУ“. 

Мадрид - Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека Шпанија до јули ќе ја признае независноста на Палестина, додавајќи дека и други земји ќе го сторат истото во наредните месеци, пренесе шпанската новинска агенција ЕФЕ. Санчез е на блискоисточна турнеја, која ќе опфати посети на Јордан, Катар и Саудиска Арабија. Во текот на првиот ден, во неформален разговор со шпанските новинари во Аман, тој објави дека неговата левичарска влада има намера да ја признае Палестина во следните три месеци и дека наскоро би можело да се „создаде“ критична маса во Европската унија, така што дека и другите земји можат да го направат истото.

Тел Авив - Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари објави дека во разговор со основачот на Светската централна кујна (WCK), Хозе Андрес, изразил сочувство за смртта на седумината работници на оваа организација во синоќешниот воздушен напад на ИДФ врз Појасот Газа, додавајќи дека ќе се спроведе детална истрага за инцидентот. Хагари вели дека ИДФ изразува „искрено сочувство до нашите сојузнички нации кои направија и продолжуваат да прават толку многу за да им помогнат на оние на кои им е потребна“.

Женева - Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека уништувањето на болницата Ал-Шифа во Појасот Газа го „откорнало срцето“ на здравствениот систем во палестинската енклава.  -Уништувањето на Ал-Шифа го откорна срцето на здравствениот систем. Тоа беше место каде што луѓето одеа да ја добијат грижата што ја обезбедува добар здравствен систем, што сите очекуваме да ја добиеме доколку ни треба, рече портпаролката на СЗО, Маргарет Харис.  По двонеделната операција израелските сили вчера ја напуштија болницата Ал-Шифа во градот Газа, во која беше уништен болничкиот комплекс, јавуваат британските медиуми.

Брисел - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел изрази сочувство за загинатите седуммина членови на персоналот на невладината организација Светска централна кујна (ВЦК) при синоќешниот израелски воздушен напад во Газа.  - Го осудувам нападот и барам истрага. И покрај сите барања за заштита на цивилите и хуманитарните работници, гледаме нови невини жртви, наведе денеска Борел во објава на Икс.  Според него, овој напад укажува на потребата од итна примена на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара прекин на огнот, целосен хуманитарен пристап и засилена заштита на цивилите во Газа. 

Вашингтон - Акциите на медиумската компанија „ТМТГ“ на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, која првпат се појави на њујоршката берза Насдак на 25 март, паднаа за 21 отсто на 48,66 долари. Вредноста на акциите на компанијата „ТМТГ“ падна за 39 отсто во однос на максимумот од 79,38 долари по акција што беше постигнат на 26 март. Компанијата загуби четири милијарди долари од пазарната вредност за една недела откако излезе на берзата, пренесува Си-Би-Ес.

Сан Франциско - Американскиот пејач Брус Спрингстин потпишал оправдание за отсуство за своја млада обожавателка која не пошла на училиште поради концертот на својот поп-рок миленик во Сан Франциско. За време на завчерашниот концерт, Спрингстин забележал дека девојче од првите редови држи транспарент со натпис дека не отишла на училиште и оти ѝ треба оправдание за отсуството. Снимките од концертот потврдуваат дека Спрингстин го потпишал документот, но не е познато дали училиштето го прифатило оправданието.  

Тагови

Остани поврзан