• среда, 24 април 2024
МИА Флеш

25 март 2024 

-  Од 15 до 21 март, пријавени се 72 нови случаи на голема кашлица. Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во Скопје - 58, а пријавени се случаи во Куманово - седум, Битола - четири, Дебар и Струга по еден случај, покажуваат податоците од денешниот најнов извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Од новите 72 случаи, девет се хоспитализирани или 12,5 проценти. Станува збор за седум деца на возраст под една година и по едно лице од возрасната група од 15 до 19 години и од 20 до 29 години. Возраста на новитезаболени се движи од 0 до 44 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца од 10 до 14 години. 

- УНИЦЕФ го поздравува донесувањето на новиот Закон за правда за деца, кој беше и официјално објавен во Службениот весник. Законот беше усвоен од Собранието без никакви приговори, што укажува на меѓупартиската посветеност кон тоа секое дете во ризик, во контакт или судир со законот во земјата, да има рамноправен пристап до фер правосуден систем кога неговите права ќе се прекршат или ќе се одречат.

Клучните подобрувања воведени со овој закон имаат за цел да го потврдат принципот на најдобар интерес на детето во сите одлуки за децата коишто ќе дојдат во контакт со правосудниот систем. Освен тоа, во Законот се продлабочува пристапот на ресторативна правда, нагласувајќи го правото на детето да биде слушнато, како и пристапот кон рехабилитација и реинтеграција како посакуван исход.

- Премиерот Талат Џафери денеска имаше средба со амбасадорот на Италија во земјава Андреа Силвестри, на која е истакнато големото и искрено пријателство помеѓу двете земји создадено во 30-те години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу државите, соопшти владината прес-служба. 

Џафери и Силвестри констатираа дека Северна Македонија и Италија имаат високо развиени билатерални односи и се доверливи партнери во НАТО Алијансата. Италијанската Република, како што беше посочено, е силен и голем поддржувач на Република Северна Македонија во сите демократски и реформски процеси. Посебно се потенцираше значајната улога на Италијанската Република во евроинтеграциите на Западен Балкан и конкретно на Северна Македонија во ефикасен процес, каква што поддршка добива нашата земја.

- Актуелниот претседател и кандидат на СДСМ и коалицијата на претстојните претседателски избори Стево Пендаровски ќе биде прв на листата за претседателските избори што се закажани на 24 април.

Втора е Гордана Силјановска Давкова кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, трет е Стевчо Јакимовски од ГРОМ. На четврта е Бујар Османи од ДУИ, петта е Билјана Ванковска Цветковска од Левица, шести е Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Европскиот фронт и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.  

Редоследот на кандидатите за претседатели беше утврден на денешното жребување што се случи на седница на Државната изборна комисија во присуство на претставници на подносителите на кандидатурите.

- Советот на ЕУ денеска одлучи да го продолжи режимот на рестриктивни мерки кон лица кои со своите постапки ги загрозуваат суверенитетот, интегритетот и безбедноста на Босна и Херцеговина за уште две години до 31 март 2026 година, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Со ваквата одлука Европската Унија ќе може да воведува санкции кон поединци или субјекти кои ги поткопуваат суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок и меѓународниот карактер на Босна и Херцеговина и кои сериозно ја загрозуваат безбедносната состојба во земјата или го поткопуваат Дејтонскиот мировен договор. 

- Советот на ЕУ денеска, во последна инстанца, ги усвои измените на Регулативата за транспорт на отпад, чија цел да ги намали испораките на „проблематичен отпад“ надвор од територијата на ЕУ, да ги усогласи процедурите за превоз со целите на циркуларната економија и климатската неутралност, да овозможи електронска размена на информации и да го спречи со илегалниот транспорт на отпад. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со измените, исто така, се предвидуваат мерки за да се добијат гаранции дека отпадот се транспортира само до депонии каде што тој ќе се третира соодветно на еколошки здрав начин.  

- Германскиот аналитичар кој ја проучува миграцијата, Гералд Кнаус, предупреди на можноста неколку милиони украински бегалци да пристигнат во Европа во случај на победа на Русија, пишуваат германските медиуми.

„Оние кои моментално се двоумат да и помогнат на Украина не се свесни што стои на коцка. Затоа што ако Украина ја загуби оваа војна, тогаш ќе следи најголемиот бран бегалци од 1940-тите и многу милиони ќе дојдат во Европа“, рече Гералд Кнаус, директор на тинк-тенк на Европската иницијатива за стабилизација, во интервју со медиумска мрежа РНД.

- Меѓу Полјаците се зголемува подготвеноста доброволци, како и војници кои би ги испратила државата да се борат во Украина, а според истражувањето спроведено за локалните медиуми, денес 9,4 отсто од испитаниците сметаат дека Полска треба да помогне и со испраќање свои војници, додека минатата година воопшто немаше поддршка.

„Минатата година и сега го поставивме истото прашање: Каква помош треба да и пружиме на Украина. Во претходната анкета, воопшто немаше прифаќање за испраќање полски војници, а само 3,4 отсто ја изразиле својата поддршка да им се дозволи на Полјаците да се борат како доброволци на страната на Украина“, потсетува полското радио РМФ ФМ на својата веб-страница, за кое заедно со весникот „Дјеник Газета правна“ е изработена нова анкета.

- Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Русија е жртва на исламистички напад и додаде дека групата одговорна за нападот во Москва неколку пати се обидела да изврши акции на француска територија.

- Им предложивме на руските служби и на нашите партнери во регионот да ја зајакнат соработката, нагласи Макрон по пристигнувањето во Гвајана.

- Мораме да избегнеме секаква инструментализација или искривување на она што се случи и да дејствуваме прецизно и ефективно … Тоа е духот во кој одиме напред, и се надевам дека Русија ќе го стори истото, изјави Макрон откако неговиот руски колега Владимир Путин ја обвини Украина.

- Поради закана за поставени бомби денеска во Москва се евакуирани  700 лица од болницата „Пирогов“, во која се сместени настраданите од терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“, јави рускиот портал Маш.

Порталот објавува дека до Националниот медицинско-хируршки центар „Пирогов“ било испратено писмо за можна експлозија.

Во известувањето се наведува дека станува збор за импровизирани експлозивни направи од фосфор со 40-минутен тајмер, кои наводно се сместени во четири ранци на неколку ката од медицинската установа.

- Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, по денешниот руски ракетен напад врз Киев  побара на неговата земја да и се обезбеди дополнителна опрема за противвоздушна одбрана.

„Децата во Киев трчаат за да се засолнат во 10:30 часот кога противвоздушната одбрана соборува смртоносни руски балистички ракети над главниот град. Нема злосторства што рускиот џган не би го извршил, вклучително и обидот да го со балистичка ракета да го погодат срцето на повеќемилионскиот град“, напиша Кулеба на платформата Х.

- Русија денеска изрази сомневање поради американските тврдења дека Исламската држава (ИД) е одговорна за нападот во концертна сала во близина на Москва, во кој загинаа 137 луѓе, а 182 се повредени.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова ги доведе во прашање американските тврдења за одговорноста на споменатата џихадистичка група, која не толку одамна контролираше огромни области на Ирак и Сирија.

„Внимание – прашање за Белата куќа: Дали сте сигурни дека е Исламската држава. Можеби треба да размислите повторно“, рече Захарова.

Остани поврзан