• понеделник, 22 април 2024
МИА Радио флеш

8 јуни 2023 

 - Први септември ќе не најде поподготвени. Дефинитивно учебници ќе има затоа што ги немаме предизвиците од претходната учебна година, вели министерот за образование и наука Јетон Шаќири по доделувањето грантови во рамки на проектот на ОБСЕ „Градиме нови мостови“. Што се однесува за технички грешки во учебниците, ќе се обидеме да најдеме начин со авторите да има што помалку технички грешки во нив. Први септември ќе не најде поподготвени зошто ги немаме предизвиците од претходната учебна година. Дефинитивно учебници ќе има, рече Шаќири.

- Професорот Сашко Јовев ќе продолжи да работи како најдобар кадар во Кардиохирургија, заедно со другиот стручен тим што е таму, со сите други колеги кардиохирурзи. Ќе се посвети повеќе на пациентите и работата, а ќе ја има мојата потполна поддршка како доктор што ќе работи и извршува секојдневни работи во клиниката, изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити. Одговарајќи на новинарско прашање за нов директор на Кардиохирургија, на денешната прес-конференција по повод „100 дена кабинет на министер“, министерот Меџити рече дека за тоа допрва ќе се решава.

- Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска потврди дека утре претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски свикал седница на Централниот и Извршниот одбор на партијата. По вчерашната средба имаме нови околности на политичката сцена и токму тие нови околности се повод за свикување на Извршниот и на Централниот одбор а секако дека тема ќе бидат начинот и формата со која што понатаму ќе продолжат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, изјави Кузеска денеска на прес-конференција.

- НСДП е спремна со своите пратеници да поддржи влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата со цел остварување на највисокиот стратешки државен интерес - членство во Европската Унија, откако во Собранието заеднички ќе изгласаме прифаќање на Иницијативата за уставните измени. Од НСДП го поздравуваат одржувањето на лидерската средба во насока на политичкото обединување, како и прогресот во ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните измени, кој, како што наведуваат, процес треба веднаш да се започне во Собранието.

- Појавата на бездомништвото во државава е присутна веќе подолго време. Застапена е во урбаните средини и е карактеристична за популацијата од сите возрасни и етнички заедници, како што покажува и научното истражување поврзано со бездомништвото. Без оглед на причините кои ги довеле до состојба да немаат дом, за сите нив заедничко е тоа што немаат услови за адекватно и соодветно домување, немаат сопствени извори на приходи, со кои би си овозможиле минимум егзистенција, делумно или целосно ги имаат прекинато врските со семејната и социјалната средина и живеејќи како бездомници, изложени се на бројни ризици по сопственото здравје и живот. Тоа го порача министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во обраќање на научно-стручната расправа за научно-истражувачката студија која ја изготви истражувачки тим во рамки на проектот „Патеки на бездомните лица: пред и за време на бездомништвото“.

 - Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе Правила за сајбер-безбедност со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето и да се намалат ризиците од нарушување на континуирано снабдување со електрична енергија, информираат од регулаторното тело.  Како што посочуваат, новата регулатива за сајбер безбедност се воспоставува како стандард за енергетски компании од електроенергетскиот сектор и е изработена во соработка со NARUC (National Association of Regulatory Utility Commissioners) и USAID.

 - Најголем дел од потрошувачите приклучени на централното греење во Град Скопје, кои ги плаќаат фактурите на 8 и 12 месечни рати, дури 97 отсто, оваа грејна сезона ќе добијат пониски порамнителни фактури за греење споредено со авансните фактури, информираат од ЕСМ Снабдување со топлина. Причина за тоа, како што посочуваат, се значително повисоките просечни надворешни температури од прогнозираните во текот на грејната сезона, која почна на 15 октомври 2022 година, а заврши на 28 април 2023 година. 

 - Бројот на неформални собирачи на отпад е намален на половина од пред десет години, односно дека 2.500 до 3.000 лица се неформални собирачи на отпад, а една третина од нив сакаат нивната работа да се формализира. Тоа го покжува истражувањето на „Пакомак“ направено во осумте плански региони, во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија, што денеска беше презентирано пред министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и претставници од министерствата за животна средина и просторно планирање и труд и социјална политика.

- Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, пред земјоделците од Росоманско, денеска  го презентираше решението за санација на оштетениот сифон Макарија на хидромелиоративниот систем „Тиквеш". Ова е, рече тој, најбрзо можно трајно решение, стручно потврдено.  Ќе се заменат цевките на сифонот од 400 метри. Санацијата треба да заврши за максимум 45 дена, можеби и нешто порано. Средствата се обезбедени од Буџетот на Министерството за земјоделство. 

 - За 40 насто е намален бројот на запишани првачиња во 10-те прилепски основни училишта во официјалниот рок до 1 јуни. Според списокот од МВР за деца на возраст за упис во прво одделение се 802, а до 1 јуни во основните училишта се запишани 480.

- Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, изјави дека некои членки на Алијансата би можеле доброволно да испратат војници во Украина. Како што кажа, тоа сценарио може да се случи доколку Киев  не добие гаранции за широк спектар прашања на претстојниот состанок на блокот, во јули, во Вилнус, Литванија.

- Кина и Куба постигнале таен договор Пекинг на островот да финансира изградба на објект за електронско прислушкување, ова би претставувало најнов геополитички предизвик и закана за САД, дознава Волстрит журнал. За ваква база, кинезите наводно биле спремни да ѝ платат на осиромашената Куба милијарди долари.  Во својот ексклузивен материја објавен денеска весникот се повикува на официјални лица запознати со строго доверливо разузнавање. 

 - Германскиот канцелар Олаф Шолц и вети на Италија солидарност за прифаќање бегалци, јави ДПА. „Не смееме да ги оставиме Италија и другите земји сами со ова, туку да го следиме пристапот на солидарност и одговорност“, додаде германскиот канцелар. Шолц повика и на договор за голема реформа на европскиот систем за азил. 

- Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека е загрижен од ултимативните тонови на сојузниците кон Косово. На прес-конференцијата за ситуацијата на северот на Косово, на прашањето зошто сега ја чувствува оваа загриженост, Рама рече дека е „загрижен поради последните ултимативни тонови на сојузниците за Косово“, кои според него „може да донесат непроценливи последици“. 

– Амбасадорот на Европската унија во Косово, Томаш Суниог го повтори денеска повикот за намалување на тензиите во северно Косово и побара од Приштина и Белград да се вратат на преговарачката маса, јави дописникот на МИА од Приштина. Во објава на неговиот Твитер, Суниог информира дека за евроинтеграциските процеси и за потребните реформи во тој правец разговарал со Комисијата за европски интеграции и со косовскиот законодавен дом.

– Четири мали деца и еден возрасен се повредени во напад со нож во парк во градот Анеси на француските Алпи, соопшти француската полиција, откако првично извести дека осум деца се повредени. Животите на три жртви се во опасност, пренесуваат агенциите. Според некои медиуми станува збор за три деца, а според други медиуми две деца и еден возрасен. Децата се на околу три години, соопшти полицијата.

 – Финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто денеска соопшти дека ќе се кандидира на претседателските избори следната година со надеж дека ќе го наследи Саули Нинисто, кој се повлекува по два последователни мандати. Тоа ќе биде трет обид на членот на Зелената партија да стане шеф на државата на Финска, откако се кандидираше за функцијата во 2012 и 2018 година.

Остани поврзан