• петок, 26 април 2024
МИА Општински пул

19 април 2024

Кавадарци - Од земја што бараше помош од други држави, сега нудиме помош за справување со миграција, истакна денеска дополнителниот заменик - министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во Кавадарци. Тој со дел од раководството на МВР оствари работна посета на Регионалниот Центар за гранични работи Југ во Кавадарци, по повод одбележување на една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија, заедно работење на македонската полиција, со полицијата ја Европската Унија, ФРОНТЕКС. 

- Ова е значаен договор што беше постигнат, со цел да ги одбраниме и нашите граници и границите на Европската Унија, од приливот на мигранти. Тоа успешно го правиме. Овој договор има една голема историска важност. Бидејќи Министерството за внатрешни работи со тогашниот министер Оливер Спасовски ја имаше честа да го потпише првиот договор со ЕУ на македонски јазик. Со тоа ги урнавме сите лажни вести дека јазикот е продаден, јазикот не е заштитен, рече тој. 

Со тоа, подвлече, уште еднаш се  покажува дека македонската полиција е рамо до рамо со европските полиции. 

- Заедно работиме и од пред некое време, веќе имаме барање и од други полиции, со цел да вршиме обуки на нивните полицајци, како се справуваме со миграцијата, додаде Бојмацалиев. 

 

Кавадарци - Книгата ,,Со солзи по патот на судбината" од Диме Ристов - Кана, беше промовирана синоќа во Домот на културата ,,Иван Мазов - Климе".  Станува збор за автобиографско дело, за животот на едно посвоено дете и предизвиците со кои се соочувало тоа дете и патот низ кој се градела неговата личност низ времето. 

Актерот Диме Коцевски, зборувајќи за авторот и делото, нагласи дека станува збор за книга што остава голем впечаток, има добар материјал за еден преубав игран филм. 

Издавач на книгата е градската библиотека ,,Феткин". Директорот на оваа културна установа, Петар Гурев, како промотор, рече дека даваат поддршка на авторите и литературните дела, па и на оваа автобиографија. Гурев нагласи дека книгата предизвикува изобилство на емоции. 

- Радувајте се на животот, дарувајте љубов и среќа, животот не е играчка во рака, порача меѓу другото, самиот автор. 


Извадоци од книгата, читаше Деспина Тодорова, ученичка во средното општинско училиште ,,Ѓорче Петров". 

 

Велес - Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ вечерва во 21 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Паника“ на финскиот автор Мика Мулуахо, во режија на Александар Ивановски. Во претставата, која е дуо драма настапуваат  Стефан Николовски како Лазе и Филип Христовски како Мики. Драматург на претставата е  Катерина Момева а сценографија на Филип Коруновски а музиката е во избор на двајцата актери.

Како што појаснуваат од велешкиот театар, приказната е за двајца другари што се немаат видено долго време и после многу поминати години и патешествија во животот, тие се соочуваат еден со друг, си помагаат еден на друг, се провоцираат еден со друг, преку што избиваат нивните внатрешни конфликти.

-Во претставата се навлегува во најдлабоките теми на суштествувањето, прашања што го мачат секој човек кој сака да биде сакан и прифатен, а општествениот и социјален притисок наметнува стеги каде индивидуалниот идентитет се гуши, се преиспитува себеси, а преку оваа претстава сугерираме дека човек треба прво да се прифати таков каков што е, за да може да се промени. Играјќи си со жанровите, понекогаш нештата изгледаат многу трагично, а има мигови кога не ќе можете да се воздржите од смеење, поради суптилниот хумор што се провлекува низ целото дело и преку кој се релативизираат проблемите, се разобличуваат карактерите со нивните човечки мани, оправдувајќи ја нивната несовршена природа, појаснуваат од театарот. 

 

Скопје - Изминатото деноноќие имало вкупно 1 709 повици на бројот за итни случаи 112 во ЦУК, од кои „реални“ повици биле 49,68 отсто, а 50,32 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Кон полиција биле упатени 71,16 отсто, кон итната медицинска помош 23,72 проценти, а кон пожарникарите 1,86 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека изминатите 24 часа нема пожари на отворен простор.

ЦУК апелира за внимателност заради најавените метеоролошки промени со дожд, ветер и снег на повисоките места.

Остани поврзан