• петок, 26 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

 19 април 2024

 

Скопје - Времето денеска ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, претежно во јужните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната од 10 до 18 степени. Во Скопје променливо облачно и посвежо со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне 17 степени. Според УХМР, за време на викендот ќе се задржи променливо облачно и посвежо време. Во недела на повеќе места ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни и услови за појава на изолирана нестабилност со грмежи.

Скопје - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев со дел од раководството на МВР денеска ќе оствари работна посета на Регионалниот центар за гранични работи Југ во Кавадарци. Посетата, како што соопшти МВР, е по повод одбележување една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија.

Скопје - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска на седница повторно ќе постапува по приговорот од претседателскиот кандидат Гордана Силјановска - Давкова во врска со полагањата во Академијата зa судии и јавни обвинители (АСЈО) „Павел Шатев” за време на предизборниот процес. Приговорот од Силјановска - Давкова најпрво беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот е вратен во ДКСК на повторно постапување.

Скопје - Над три илјади вработени во културните институции од денеска почнуваат со протести поради неисплаќање на платата за месец март. Како што најавија, протестите ќе траат сѐ додека не добијат плата, усогласена со колективните договори. Во меѓувреме, се процесуираат и тужбите за задоцнета исплата. Протестите ќе се одржуваат пред Министерството за култура секој ден од 13 часот. Согласно усогласувањето на платите со минималната плата во државава, мартовската плата треба да им биде зголемена за 12 отсто. 

Скопје - Зимскиот салон од Штип ќе гостува во Куманово со изложбата „Интимност и интерконекција“ која ќе биде претставена во уметничката галерија во градот. Отворањето на изложбата е вечер во 19.30 часот, а посетителите ќе имаат можност да ја посетат до 8 мај. -Сметаме дека ваквите претставувања на изложбите на ДЛУМ се од голема важност бидејќи ДЛУМ се состои од членови од цела Македонија, велат од Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Следната поставка на оваа изложба се планира да биде во Музеј Битола. 

Велес - Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ вечерва во 21 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Паника“ на финскиот автор Мика Мулуахо, во режија на Александар Ивановски. Во претставата, која е дуо драма настапуваат  Стефан Николовски како Лазе и Филип Христовски како Мики. Драматург на претставата е  Катерина Момева а сценографија на Филип Коруновски а музиката е во избор на двајцата актери.

Скопје - Ансамблот „Танец“ вечер во Националната опера и балет ќе го одржи велигденскиот концерт „Велигден е, Ѓурѓовден е“. Изведени ќе бидат видеоприказните „Ѓурѓе ле, Ѓурѓе, млад Ѓурѓе, да кој ти рече да дојдеш? Мене ми рече Велигден“, „Брале се, брале сватови“, „Велигден, море Велигден, в година пак да ни дојдиш“ и „Да исчистиме гревовите, да испадиме духовите“ и кореографските постановки „Ѓурѓовденка“, „Мариовска тресеница“ и „Свадба“.

Скопје - Книгата „Скарбо“ со сите раскази за возрасни на универзитетска професорка, писателка и критичарка Јадранка Владова (1956-2004)  денеска ќе биде промовирана на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Како што информира издавачката куќа „Арс Ламина“, книгата ги спојува двете подзагубени збирки раскази на  Владова – „Скарбо во мојот двор“ (првично публикувана во 1986 година) и „Воден знак“ (1990). Изданието ќе го претстават Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска и Трајче Стамески.

Скопје - Во КСП Центар – Јадро денеска ќе се одржи информативна сесија и презентација на проектот  „Култура и креативност за Западен Балкан“ за сите заинтересирани институции, организации и физички лица. Сесијата и презентацијата за проектот ќе може да се следи и онлајн со регистрирање преку платформата Зум.  Министерството за култура и Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија информираат за вториот циклус на повикот на УНЕСКО, Британскиот совет и на Италијанската агенција за развојна соработка финансиран од Европската Унија за аплицирање во рамки на заедничкиот проект „Култура и креативност за Западен Балкан“.

Скопје - Амбасадата на Кралството Холандија и Гоу Грин - Скопје денеска, првпат во Скопје, организираат Портокалова велосипедска тура по повод Националниот ден на Холандија - Денот на Кралот.  Турата ќе се одржува по примерот на Orange Bike Ride што се одвива низ целиот свет за време на Денот на кралот на Кралството Холандија. Предвидено е да се возат велоспиеди околу Ист Гејт Мол, а на настанот, како што е најавено, ќе има подароци, музика, храна. Во Ист Гејт ќе има и изложба и натпревар за најдобро украсен велосипед од повеќе средни училишта од Скопје.  

Скопје - Во Македонскиот народен театар  вечер од 20 часот премиерно ќе биде изведена  претставата „Хенгинг Араунд“ по текст на Љупчо Јованов, во режија и адаптација на Бојан Трифуновски. МНТ соопшти дека дејството во претставата се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни. Главните ликови во приказната 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа.

Белград - Денеска се навршуваат 11 години од потпишувањето на Бриселскиот договор, но Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО), на чие формирање се однесуваат првите шест точки и е столбот на овој документ, сè уште не е формирана, пишува српскиот весник „Политика“. За текстот на договорот, кој формално се нарекува „Прв договор за принципите на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина“, се преговараше шест месеци пред да бидат ставени три потписи на документот. Документот во име на Белград го потпиша тогашниот премиер и денешниот шеф за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, а во име на Косово - Хашим Тачи, кој беше премиер.

Приштина – Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти синоќа дека заменик-директорот на косовската полиција Дејан Јанковиќ е ослободен од српските власти, откако во средата беше уапсен на границата меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Јанковиќ од средата се наоѓаше во притвор во Рашка, југозападна Србија, откако претходно истиот ден беше приведен на граничниот премин Јариње меѓу Косово и Србија. Во синоќешното соопштение на косовското МНР се вели дека тој е на пат за Косово.

Вашингтон -САД добиле однапред известување за пријавениот напад на Израел врз цели во Иран, но не ја поддржале операцијата ниту одиграле каква било улога во нејзиното извршување, цитираат американските медиуми изјави на официјални лица. Ен-Би-Си и Си-Ен-Ен, цитирајќи извори запознати со тоа прашање и американски официјален претставник, соодветно, рекоа дека Израел му дал на Вашингтон претходно известување за напади.

Њујорк - Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“. Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани. За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Техеран - Иранските државни медиуми утрово објавија за експлозии во центарот на Исфахан  додека американските медиуми цитираа официјални лица кои тврдат дека Израел извршил одмазднички напади врз својот главен ривал. Системите за ПВО над неколку ирански градови беа активирани, објавија државните медиуми, откако државната телевизија соопшти дека експлозии се слушнале во близина на централниот град Исфахан. Израел претходно предупреди дека ќе возврати откако Иран истрела стотици проектили и беспилотни летала врз Израел во текот на минатиот викенд. Повеќето од нив беа пресретнати.

Вашингтон - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти денеска Пентагон. Повикот е остварен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува дискусија за плановите на Израел за тој напад, јави Си-Ен-Ен. Неименуван висок американски функционер за Си-Ен-Ен изјави дека Израел во четвртокот ги известил САД дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран извршен минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува таа акција на Тел Авив.

Вашингтон - Денешниот напад „имаше намера да му сигнализира на Иран дека Израел има способност да нападне во внатрешноста на земјата“, изјави неименуван израелски функционер за „Вашингтон пост“.

Вашингтон - Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Барнс, ги предупреди членовите на американскиот Конгрес дека Украина може да биде поразена до крајот на оваа година доколку не биде веднаш одобрена помошта за оваа земја, пишува „Политико“. Говорејќи на настан во Претседателскиот центар Џорџ В. Буш, Бернс ги повика пратениците да го усвојат законот со кој ќе се посветат милијарди на воените напори на Украина.

Вашингтон - Директорот на ФБИ Кристофер Реј синоќа изјави дека хакери поврзани со кинеската влада навлегле во критичната американска инфраструктура и го чекаат „вистинскиот момент да зададат разорен удар“. Тековната кинеска кампања за кибер-криминал, позната како „Волтов тајфун“, успешно пристапи до безброј американски компании во телекомуникациите, енергијата, комуналните услуги и другите критични сектори, при што дополнително беа таргетирани 23 оператори на гасоводи, истакна Реј.

Ерусалим - Амбасадата на САД во Израел денеска им порача на своите вработени и нивните семејства да ги ограничат своите движења по извештаите дека Израел извршил напад врз цели во Иран. „По извештаите дека Израел извршил одмазднички напад во Иран, вработените во американската влада и членовите на нивните семејства се ограничени од лични патувања надвор од поголемиот дел од Тел Авив, Ерусалим до понатамошно известување“, се вели во безбедносното советување објавено од Амбасадата на нејзината веб-страница.

Канбера - Австралија побара од своите граѓани да го напуштат Израел, наведувајќи ја „големата закана од воени репресалии и терористички напади“. „Ги повикуваме Австралијците и во Израел или во окупираните палестински територии да заминат ако е безбедно да го сторат тоа“, се вели во известувањето од Министерството за надворешни работи. Владата на Австралија претходно им порача на граѓаните да избегнуваат патување во двете области доколку е можно и, доколку се загрижени, да заминат. 

Њу Делхи - Во Индија денеска почнаа парламентарните избори, каде право на глас имаат 968 милиони Индијци, што е повеќе од вкупното население на САД, Европската Унија и Русија заедно. Изборите за 543 членови на Долниот дом на парламентот ќе се одржат во седум фази до 1 јуни на повеќе од еден милион избирачки места низ земјата. Гласачките ливчиња ќе се пребројуваат на 4 јуни, а резултатите ќе бидат објавени истиот ден.

Остани поврзан