• недела, 28 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

19 април 2024

Скопје -  Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје (ИДСЦС) и претставништвото на фондацијата Конрад Аденауер во Скопје (КАС) изготвија „Прирачник за претседателски избори во Република Северна Македонија 2024 година”.
  
-Прирачникот дава преглед за претседателските избори 2024 година, како и за историјата на претседателските избори во земјата, изборниот систем и за учесниците на претседателските избори.  

По завршувањето на изборите ќе се подготви второ, дополнето, издание на овој Прирачник во кое ќе бидат вклучени резултатите, како и информации за кампањата и изборниот процес во целина, информираат од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје (ИДСЦС) и претставништвото на фондацијата Конрад Аденауер во Скопје (КАС).

Скопје - Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави петтиот извештај во рамките на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), што претставува сублимат на податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери во кои се идентификувани штетни наративи и нивното пренесување во медиумите во март 2024. Институтот за комуникациски студии нагласува дека кандидатите за претседател на државата не се предмет на овој мониторинг.

- Слично како и претходните месеци, најмногу штетни наративи се нотирани кај ВМРО-ДПМНЕ (43), потоа кај СДСМ (29) и  кај Левица (27). Кај ДУИ се забележува зголемување на штетни објави во споредба со претходните месеци, а од опозициските партии на етничките Албанци во земјата, најмногу штетни наративи се забележани кај Алтернатива, се наведува во извештајот објавен од ИКС.

Кавадарци - Од земја што бараше помош од други држави, сега нудиме помош за справување со миграција, истакна денеска дополнителниот заменик - министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во Кавадарци.

Тој со дел од раководството на МВР оствари работна посета на Регионалниот Центар за гранични работи Југ во Кавадарци, по повод одбележување на една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија, заедно работење на македонската полиција, со полицијата ја Европската Унија, ФРОНТЕКС. 

Скопје - Пролетните проекции за инфлацијата во земјава на Меѓународниот монетарен фонд се слични со есенските очекувања на Народната банка, дека инфлацијата ќе се намалува и годинава за околу 4 отсто и за околу 2 отсто догодина, во просек. Трендовите се поволни и доколку инфлацијата и натаму се намалува во согласност со проекциите, без да се остварат позначителни ризици, тоа ќе создаде простор за промена на монетарната политика во втората половина од оваа година, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Говорејќи за економскиот раст, во интервју за Гласот на Америка коешто го даде за време на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, таа укажува дека со оглед на големата трговска и финансиска отвореност на нашата економија, изгледите за растот годинава и догодина, покрај од домашните фактори, во голема мера ќе зависат и од глобалните случувања.

Скопје - Центарот за политички истражувања и комуникации (CRPC), во соработка со Здружението за новинарство, информирање, комуникации и маркетинг услуги “Глас на вистината” спроведе анкета во пресрет на парламентарните избори. На прашањето за која партија би гласале на парламентарните избори граѓаните со одговор: За ВМРО-ДПМНЕ својот глас би го дале 22,8% од анкетираните, додека за СДСМ 16,3% од испитаниците.

Во албанскиот политички блок разликата доста помала. За албанската опозиција предводена од коалицијата „ВРЕДИ“ би гласале 7,7% од анкетираните, додека за Европскиот фронт предводен од ДУИ својот глас би го дале 6,9% од испитаниците. За партијата Левица би гласале 3,9 од анкетираните. За партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски би гласале 3,2% од анкетираните. 17,6 % одговориле дека нема за никого да гласаат, а 22,6% не дале никаков одговор.

Скопје - Статистиката покажува дека 1,5 милијарди луѓе живеат со хронично заболување на црниот дроб, а годишно во светот од заболувања на црниот дроб умираат 2 милиони луѓе. Раната превенција може да спаси многу од овие животи. На Светскиот ден на црниот дроб, императив е да го насочиме вниманието кон важноста на превентивните мерки, рано откривање и навремена интервенција за заштита на здравјето на овој витален орган, а тоа вклучува здрав начин на живот, урамнотежена исхрана, редовно вежбање и избегнување прекумерно консумирање алкохол и пушење.

Ова го посочуваат од Клиника за гастроентерохепатологија и здружението Хепар Центар Битола по повод овогодинешното одбележување на 19 Април – Светскиот ден на црниот дроб. Оваа глобална иницијатива, како што се наведува во соопштението, од Клиниката и од здружението, има за цел да ја подигне свеста за заболувањата на црниот дроб, можностите за нивна превенција, рано откривање и за лекување.

Скопје - Одделот за криминалистичка полиција по добиена наредба од ОЈО Битола, презел предистражни дејствија и по обезбедена документација и извршен увид во истата, до ОЈО Битола, во координација со СВР Битола, поднел кривична пријава против М.Г. од Битола, директор на ЈП „Стрежево" Битола, соопштија денеска од МВР.

Кривичната пријава е за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување” по чл.353 од КЗ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство” од чл.275-в од КЗ во врска со чл. 22 и против Љ.М.П. од Битола,  управител на правно лице од Битола.

Скопје - Санкционирани 55 возачи на мотоцикли во текот на вчерашната акција на МВР,  од 11.00 до 16.00 часот, на територијата на државата.

- Од нив, 32 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, 17 возеле без возачка дозвола... За време на контролата санкционирани се и 157 други видови на сообраќајни прекршоци, соопштуваат од МВР.

Скопје - Во сообраќајна контрола на територијата на државата полицијата вчера казнила 133 возачи поради брзо возење, од нив две возила се  движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, 64 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 69 надвор од населено место.

Скопје - Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) вечер во 19 часот во Промо-центарот на Саемот на книгата ќе ги додели наградите за 2024 година, за најголеми достигнувања во издаваштвото во периодот меѓу двата саема.

Еден час претходно (18:00), МАИ на Саемот на книгата ќе организира панел-дискусија со учесниците на првата Фелоушип-програма на МАИ, на тема: „Современите издавачки текови и македонската издавачка продукција“.

Тел Авив - Израел нема да преземе одговорност за нападот синоќа врз објект во централниот дел на Иран, објави израелскиот весник „Џерусалем пост“. Извори од израелската служба за безбедност и од Владата на Израел за весникот рекоа дека причините за тоа се „стратешки“.

Весникот ги цитира зборовите на своите извори: „Око за око, заб за заб. Израел одговори таму, од каде беше нападнат“.

Брисел - Годишната стапка на инфлација во Еврозоната во март годинава изнесуваше 2,4 отсто, што претставува намалување за 0,2 процентни поени во однос на претходниот месец, кога таа изнесуваше 2,6 проценти. 

И на ниво на цела ЕУ, годишната стапка на инфлација минатиот месец се намали за 0,2 процентни поени на 2,6 отсто од 2,8 проценти колку што изнесуваше во февруари 2024 година. 

Според податоците на Европската статистичка агенција – Евростат, во март 2023 година годишната стапка на инфлација во Еврозоната изнесуваше 6,9 отсто, а во цела ЕУ – 8,3 проценти. 

Атина – Грција ќе апстинира од гласањето, односно нема да го поддржи барањето на Косово за членство во Советот на Европа од политички причини, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис во интервјуто за општинското радио од Пиреас „Канал 1“, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Грција во однос на процесот за членство на Косово во Советот на Европа објасни дена постојат три нивоа од кои првите две се необврзувачки, односно мислењето на надлежната комисија на Парламентарното собрание и гласањето на пратениците од ПС, кои излегоа со позитивен став.

Киев - Во големиот руски ракетен напад врз централниот дел на регионот Днепропетровск загинаа најмалку осум лица, 21 лице се повредени и оштетена е инфраструктурата, соопштија утринава локалните власти.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека во нападот се оштетени неколку ката од станбена зграда и железничка станица во регионалната престолнина Днепар, уште еднаш повикувајќи на дополнителни средства за противвоздушна одбрана.

„Русија мора да биде одговорна за својот терор и секој проектил, секој Шахед мора да биде соборен. Светот може да го гарантира тоа, а нашите партнери ги имаат потребните способности, рече Зеленски.

Киев - Командата на украинските воздухопловни сили соопшти дека собориле руски бомбардер Ту-22М3.

Во соопштението се наведува дека руската армија во текот на ноќта ја нападнала територијата на Украина со 22 типа проектили и 14 беспилотни летала од типот „Шахед“.

Наведено е дека украинските сили уништиле две крстосувачки ракети Х-101/Х-555, 14 беспилотни летала, 11 наведувани ракети Х-59/Х-69 и две крстосувачки ракети Х-22.

Њујорк - Судот во Њујорк назначи 12 поротници кои ќе ја донесат конечната пресуда во врска со обвинението против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за наводно фалсификување деловни документи во случајот со тајни плаќања на порно актерката Сторми Даниелс, пред судот во Менхетен.

Меѓу 12-те поротници има седум мажи и пет жени, според Си-Би-Ес Њуз. Изборот на поротата ќе продолжи денеска, бидејќи до почетокот на судењето треба да се изберат уште шест резервни поротници.

Остани поврзан