• четврток, 25 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

18 април 2024

 

 

Прилеп - На детското одделение во прилепската градска болница се лекува петмесечно бебе со голема кашлица. Според Центарот за јавно здравје, бебето од селото Житоше, општина Долнени, имало примено прва доза вакцина, а родителите се загрижиле кога почнало нетипично да кашла, повраќало и помодрело.

- Бебето во моментов прима соодветна терапија и е во добра општа здравствена состојба. Симптомите кај детето со кашлица и повраќање се јавиле околу 13-ти овој месец по неколку дена откако примило прва вакцина за пертусис. Веднаш било донесено на детското одделение во прилепската болница каде е хоспитализирано. Поради карактеристичните симптоми, лекарите веднаш се посомневале дека станува збор за голема кашлица. Нè алармираа и од тие причини е побарано да се направи лабораториска дијагностика. Веднаш е дадена антибиотска терапија и детето е во општа добра состојба. Ова дете има примено една доза вакцина неколку дена пред појавата на симптомите. Значи во периодот кога детето ја добило вакцината се наоѓало во инкубација на болеста., изјави Татијана Мургоска Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје од Прилеп.

Од Центарот за јавно здравје веднаш почнале со епидемиолошкото истражување, посебно кај возрасните и другите лица кои имале контакт со бебето и за нивниот вакцинален статус.

Ова е всушност втор случај на пертусис од Прилепскиот регион. Пред еден месец е констатиран кај уште едно петмесечно бебе од долненското село Дебреште, но било со лесни симптоми и веќе е оздравено. И тоа бебе имало примено прва доза вакцина.

Според епидемиологот Татијана Мургоска Станимировиќ, ситуацијата будно се следи во Регионот и не се смета дека ќе се разниша епидемиолошката состојба.

- Со оглед на тоа дека кај нас опфатот, всушност, на сите видови вакцини, е висок, а се водеше кампања да се вакцинираат и најголемиот дел од пропуштените вакцини, кај нас не очекуваме некоја подраматична слика. Секако дека ќе има спорадични, односно изолирани случаи, но сега-засега не очекуваме нешто подраматично да се случува, вели Мургоска Станимировиќ.

Опфатот на вакцинирани во Прилеп е преку 90 проценти. Од диспанзерот за вакцинација почнаа теренска посета за вакцинирање во пресрет на неделата за имунизација. 

Кавадарци - Советот на Општина Кавадарци донесе одлука за обезбедување дополнителни финансиски средства за Регионалниот центар за згрижување бездомни миленици и ветеринарно здравство во Вардарски плански регион. Како што беше кажано на денешната седница на Советот, дообезбедувањето на финансиски средства е со цел, целосна реализација на проектот за деветте општини од регионот.

- Со оваа одлука, се дообезбедуваат финансиски средства во износ од 485.440,00 денари, од буџетот на Општината за 2024 година. Финансиските средства се одобруваат за непредвидени работи во текот на градба и вишоци што се одобрени од страна на надзорниот орган. 

Неодамна заврши изградбата на регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство, во Кавадарци. 

Локацијата на објектот наменет за девет општини од регионот, е во населба Глишиќ на површина од 5.470 квадратни метри. Целосната финансиска конструкција на овој проект изнесува 14. 892.319 денари. Дел од средствата во висина од 5.119. 385 денари се обезбедени од Швајцарска амбасада, а дел од средствата во висина од 9.772.933 денари се обезбедени од Министерство за локална самоуправа. Деветте општини во Вардарскиот плански регион усвоија модел за управување и организациона поставеност на прифатилиштата на регионално ниво, преку кој секоја општина обезбеди дополнителни средства, за оперативни трошоци за работење на центарот.

- Се решава еден многу голем проблем во овие општини. Хуманo ќе се третираат кучињата скитници. Досега сите плаќаа трошоци за штети од кучињата скитници, беше кажано по завршувањето на објектот. 

Беше нагласено дека ова покажува оти општините од регион можат заеднички да функционираат и да решаваат проблеми, дека по овој успешен пример ќе се продолжи и во други региони. 

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, тогаш појасни дека капацитетот на објектот е осумдесетина кучиња и има услови за згрижување по стандарди. 

- Секое куче бездомник ќе биде згрижено, чипирано, кастрирано и социјализирано, рече Јанчев.

Струмица - Со премиера на претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски и изложба на театарски фотографии од Сречко Гунчев, Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица ќе одбележи 75 години од постоењето.

На денешната прес - конференција режисерот Љупчо Ѓоргиевски и актерската екипа говореа за претставата, која од нејзиното објавување во осумдесеттите години на минатиот век по четврти пат се поставува на сцена на професионален театар.

Како што истакна режисерот, претставата е истражување на тоа што како изведбен потенцијал го содржи текстот на Горан, на можностите што ги нуди неговата необична и зачудна драматуршка структура. Затоа, кога се разговарало што да се избере за јубилејот, тој ја предложил пиесата на Стефановски.

-Се определивме за „Црна дупка“ бидејќи на некоја начин сметам дека е многу актуелна во овој момент за состојбата во која се наоѓаме.Кога велиме „Црна дупка“ не се однесува на термин од нашата галаксија и универзумот како појава, туку се однесува на една црна дупка во нашето живеење.Во таа смисла оваа пиеса спаѓа во постмодернистичиот период на Горан Стефановски, по „Диво месо“, по „Лет во место“ и други и бара еден поинаков пристап, рече режисерот Ѓоргиевски.

Актерот Васил Михаил, кој ја толкува улогата на Силјан, смета дека претставата е многу модерна, современа и пулсира со денешницата.

-Овој текст од наша гледна точка не е воопшто лесен за поставување и затоа малку е поставуван на сцените на професионалните театри во државата. Беше предизвик да се работи овој текст и се надевам дека публиката ќе го прифати и претставата ќе комуницира со неа, рече Михаил.

Во преставата освен Васил Михаил, настапуваат Танкица Стојанова, Анкица Бенинова, Јасмина Вучкова, Кире Ѓоргиев, Елисавета Бончева, Коста Ангов, Ангелина Тренчева-Ангелова, Јулија Милкова, Стојан Велков-Трн, Илија Младенов и Теодора Арсов. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Андреј Ѓоргиевски, а композитор е Сашко Костов.

За вечер е закажана предпремиерата, а премирата ќе се одржи утревечер, кога ќе биде отворена и изложбата на театарски фотографии со наслов „75 години НТ „Антон Панов“

Охрид – Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во рамки на работната посета на Охрид, заедно со градоначалникот Кирил Пецаков извршија увид во градежните активности што се спроведуваат на три локации низ градот.

- После историскиот момент на деблокирање на долговите на Општината и на неколку јавни претпријатија, продолжвва со несмалена динамика реализацијата на ветувањата дадени кон граѓаните, се подобруваат условите во Општина Охрид и се збогатува туристичката понуда што е важно за Охрид. Она што е денеска предмет на посетата се увид во градежните активности на три клучни проекти- спорстка сала, уилиште и авантуристички парк, рече Мицкоски кој на почетокот на кампањата на парламентарните избори најави реализација на уште многу проекти.

Мицкоски истакна дека по победата на изборите новата влада и проекти што и можеби воопшто и не биле дел од програмата и дадените ветувања пред граѓаните за време на кампањата од Локалните избори во 2021 година.

Што се однесува на сорботката со локалните самоуправи во земјата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го искористи првиот ден од предизборната кампања да најави дека идната власт што ќе ја предводат ќе биде сервис на сите граѓани и блиску ќе соработува со сите градоначалници, независно од која партија тие доаѓаат.

Во однос Охрид, Мицкоски како еден од приоритетите го опосочи автопатот Охрид – Кичево за кој рече дека е биде завршен некаде во втората половина на 2026 година, како и многу други проекти за кои рече се содржани во програмата „Платформа 1198“.

Градоначалникот Пецаков од своја страна посочи дека во моментов низ градот на три локации се изведуваат градежни зафати за изградба на спортска асала во село Лескоец, реконструкција на стара зграда на поранешната охридска касарна каде е биде сместено основното училиште „Кочо Рацин“, како и најголемиот авантуристички парк во Југосточна Европа, на локација токму во рамки на кругот на поранешната касарна.

- Покрај на овие три се одвиваат градежни активности на уште три локации, така што како овозможија временските услови за градежни активности и тие проекти што сме ги ветиле пред охриѓани полека ги реализираме и заокружено со поседната година на мојот мандат како градоначалник најголем дел од програмата што сме ја ветиле пред охриѓани и ќе ја заокружиме, рече Пецаков.

Скопје - Претставници од Секторот за екологија и енергетска ефикасност на Општина Карпош оваа недела учествуваат на редовниот координативен состанок на проектот ТРАНСИТ - Транзиција кон одржлива иднина преку тренинг и едукација (Transition to sustainable future through training and education – TRANSIT), како составен дел од Меѓународното советодавно тело на овој проект.

На работната средба беа разменети различни искуства, знаења и добри практики за развој на одржливи програми и примена на различни технологии на обновливи извори на енергија и гориво. Проектот има за цел да обезбеди одржливи програми за обука и доусовршување за сегашните и идните генерации преку мултидисциплинарен пристап во обновлива енергија и енергетска ефикасност.

Проектот е финансиран од Европската Комисија во рамки на програмата за истражување и иновации ХОРИЗОН 2020. Истиот се спроведува во осум европски земји или поточно во Англија, Шпанија, Малта, Кипар, Хрватска, Црна Гора, Србија и Македонија. Во рамки на проектот учествуваат и претставници од универзитетите, индустријата, училиштата и локалните заедници. Во нашата земја, проектот го спроведува од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, со поддршка на ЕВН Македонија и Општина Карпош.

Остани поврзан