• понеделник, 29 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

22 април 2024

Скопје - Последен ден од кампањата за претседателските избори на 24 април. Вечерва на полноќ почнува молкот, што завршува на денот на гласањето во 19 часот. И покрај молкот за претседателските избори, изборната кампања за парламентарните избори на 8 мај ќе се одвива и нема да биде прекината. 

Гласачите на седмите парламентарни избори ќе можат да се определат за еден од седуммината кандидати за претседател - петмина мажи и две жени. Кандидирани се актуелниот претседател Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ваковска поддржана од Левица, Максим Димитриевски - ЗНАМ, Стевчо Јакимовска - ГРОМ, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи поддржан од Европскиот фронт.

Карактеристично за овие избори е што тие наместо во недела, ќе се спроведат во среда, ден што Владата го прогласи како неработен. Исто така, овие избори се поклопуваат со изборите за пратеници, а идентификацијата на гласачите повторно ќе биде со апарати за биометриска идентификација.

Вториот круг од претседателските избори, што е извесно дека ќе го има, ќе се поклопи со парламентарните избори на 8 мај.

Скопје – Изминува последниот ден од кампањата за претседателските избори што ќе се одржат в среда на 24 април. По полноќ започнува предизборниот молк што ќе заврши на денот на гласањето во 19 часот, додека пак, кампањата за парламентарните избори, коишто ќе се одржат на 8 мај, ќе продолжи и нема да биде прекината.

Претседателските кандидати, како и кандидатите за пратеници и денеска со предизборни активности. 

Претседателскиот кандидат од коалицијата предводена од СДСМ, Стево Пендаровски, денеска во Битола, ќе одржи митинг и средби со граѓани во Демир Хисар и Ресен, а лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски ќе биде меѓу граѓаните на Свети Николе и Велес.

Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова ќе ја презентира својата програма пред граѓаните во Лозово, Карбинци, Пробиштип и Штип.

Движењето – ЗНАМ За наша Македонија, во седиштето на партијата во Скопје ќе одржи прес-конференција на која ќе се обрати д-р Злате Мехмедовиќ.

Претседателските кандидати вчера имаа и предизборно соочување на Националниот сервис на кое ги претставија својата визија и програма говорејќи за уставните измени, за кои изразија спротиставени ставови, но зборуваат и за спречувањето на корупцијата, економијата, како да се запре иселувањето на младите.....

Скопје - На седмите претседателски избори што ќе се одржат во среда право на глас имаат 1.814.317 гласачи. Од нив, во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи.

Во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи, а во затворите или во притвор 2.147 избирачи. Запишани се и 534 избирачи, кои поднеле пријава за гласање во установи за вон семејно згрижување, а во Избирачкиот список запишани се и две внатрешно раселени лица.

Гласањето на седмите претседателски избори треба да се спроведе на 3.480 избирачки места во државата, но на 120 избирачки места има помалку од десет гласачи кои се упатени правото на глас да го остварат во најблиското избирачко место.

Скопје - Приватните специјализанти денеска под мотото „5 до 12 за македонското здравство“ ќе одржат мирен протест пред Министерството за здравство. 

- Се решивме на протест под мотото „5 до 12 за македонското здравство“ со цел повторно да го кренеме гласот за нашите барања за достоинствен живот и основни човекови права. Овој протест нема за цел само изразување на нашето лично незадоволство, туку протестираме и за да го искажеме нашиот стремеж кон подобрување на условите за нас како лекари и за нашите пациенти, стои во соопштението испратено до медиумите.

Атина – Можностите за проширување и зајакнување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Грција ќе ги разгледаат бизнис делегациите на двете земји кои на 13 јуни ќе одржат средба во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Стопанската комора од Солун соопштија дека ќе бидат домаќини на бизнис делегација од 18 бизниси предводени од претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, кои ќе одржат (B2B) средби со претставници на грчки бизниси со цел разгледување на можностите за нови соработки.

Компаниите од Северна Македонија кои ќе учествуваат на бизнис состанокот се од различни области во трговскиот, индустрискиот и услужниот сектор, како што се енергетиката, градежништвото и ИТ технологиите.

Скопје - Светот денеска го одбележува Денот на планетата Земја, меѓународна иницијатива чија главна цел е да ја подигне свеста кај луѓето за заштита на животната средина и зачувување на планетата.

Денот на Земјата се чествува по 55. пат. Тој се слави секој 22 април, а првпат тоа се случило во 1970 година во САД, во организација на американскиот сенатор Гејлорд Нелсон и активистот Денис Хејс. За време на првите демонстрации, повеќе од 20 милиони луѓе излегоа на улиците на САД.

Според меѓународната организација „Ден на планетата Земја“, годинава главна тема е борбата против пластиката под наслов „Планетата против пластиката“.

Скопје - Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 15 до 21 степен.

Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 19 степени.

Њујорк – Група експерти назначена од Обединетите нации планира денеска да го претстави конечниот извештај за обвинувањата против Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).

Пред еден месец беше објавен привремен извештај, кој сведочи за добрата работа на организацијата, но и ги идентификува „критичните области кои сè уште треба да се решат“. Тогаш не беа дадени детали, потсетува ДПА.

Независната група, предводена од поранешната француска министерка за надворешни работи Катрин Колона, беше формирана на почетокот на февруари.

УНРВА веќе некое време е цел на напади и истраги откако Израел обвини десетина нејзини вработени дека се вмешани во терористичките напади извршени од палестинското исламистичко движење Хамас на 7 октомври.

Брисел - Воената помош за Украина во вредност од речиси 61 милијарда долари, која Претставничкиот дом на САД во саботата ја одобри по неколкумесечна расправа, не е задоцнета, но нејзиното одложување имаше реални последици, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, цитиран од ДПА.

-Украинците веќе четири месеци се оневозможени да дејствуваат, изјави синоќа Столтенберг во интервју за американската телевизија Ем-Си-ЕН-Би-Си (MSNBC).

„Русите имаа многу повеќе муниција. А Украина беше принудена да ја дистрибуира својата... Но, не е доцна. Украинците покажаа големи вештини во одбраната на својата земја“, нагласи генералниот секретар на Алијансата.

По неколку месеци застој, Претставничкиот дом на САД го одобри нацрт-законот за нов пакет помош со огромно двопартиско мнозинство, потсетува ДПА. 

Њујорк - Во Њујорк денеска ќе се одржи седница на Советот за безбедност на Обединетите нации посветена на шестмесечниот извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за работата на УНМИК, а Србија и Косово ќе ги претставуваат претседателите Александар Вучиќ и Вјоса Османи.

Редовниот шестмесечен извештај за работата на Мисијата на ОН на Косово ќе го презентира специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и шефица на УНМИК, Каролина Зијаде.

Седницата ќе почне во 10 часот по источно време, односно во 16 часот по средноевропско време, а ќе ја отвори претседателката на Советот за безбедност за април, Ванеса Фрејзиер.

Тел Авив – Началникот на Генералштабот на израелската армија Херзи Халеви ги одобри плановите за продолжување на војната во Газа, соопшти синоќа израелската армија.

Халеви синоќа ги „одобри понатамошни чекори“, рече портпаролот на армијата Даниел Хагари.

Израелскиот ТВ канал Кан јави дека дел од плановите е воена операција во градот Рафа на југот од енклавата долж границата со Египет. Најверојатно наскоро се очекува евакуација на цивилното население.

Портпаролот на израелската армија вчера директно им се обрати на заложниците кои ги држи Хамас.

Багдад – Најмалку пет ракети се истрелани денеска од ирачкиот пограничен град Зума кон американската воена база во североисточна Сирија, соопштија два ирачки безбедносни извори и висок воен офицер.

Изворите рекле дека ракетниот фрлач бил фиксиран на задниот дел на мал камион во пограничниот град Зумар и камионот се запалил во експлозија на неиспукани ракети кога на небото се појавиле воени авиони.

- Засега не можеме да потврдиме дека камионот бил бомбардиран од американски воени авиони, изјави неименуван воен претставник.

Сеул - Северна Кореја истрела недефинирана балистичка ракета, соопшти денеска јужнокорејската војска, пренесе ДПА.

Северна Кореја ја лансираше ракетата кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, соопшти јужнокорејската новинска агенција Јонхап, цитирана од Генералштабот во Сеул .

Пекинг- Најмалку 11 лица ги загубија животите во поплавите предизвикани од обилните дождови кои претходниот ден ја погодија источната кинеска провинција Гуангдонг, јавија британските медиуми.

Поради поплавите повеќе од 50.000 луѓе се раселени, соопшти Одделот за управување со вонредни состојби во Гуангдонг, пренесува Чајна дејли.

Лошото време најмногу ги погоди градовите Шаогуан, Гуангжу, Хехуан, Џаокинг, Меиџоу и Хуиџоу.

Остани поврзан