• петок, 26 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

19 април 2024

Скопје - Ние, политичките партии да нудиме позитивна клима во дискусиите во политичката дебата и да овозможиме соживот, истакна шефот на Централниот изборен штаб на „Европскиот фронт“ и министер за финансии Фатмир Бесими коментирајќи ја вчерашната изјава  на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митингот во Охрид дека презема иницијатива за создавање национално единство.

-Апелираме кампањата да биде демократска. Кампања која промовира вредности. Кампања која дава еднакви можности и го изнесува најдоброто што го има нашата земја и најдоброто е понудата за Европа во 2030 година. Секој граѓанин заслужува почитување. Секој си има свое достоинство. Основните човекови права на меѓународно ниво се гарантирани во рамките на Обединетите нации. Ние како земја-членка на Обединетите нации, земја која ги има изгласано сите резолуции. Основните човекови права се достоинството на граѓаните, рече Бесими. 

Скопје - Министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседателски кандидат на Европскиот фронт, денеска повтори дека останува на ставот за иницијативата Отворен Балкан, и дека ќе ја информира Владата по однос на околностите на случајот Бањска, а Владата ќе процени и ќе реши дали тоа оди спротивно на основниот принцип на иницијативата.

-Јас кажав кои беа основните цели на Отворен Балкан, дека тоа беше една иницијатива на Албанија поддржана силно од САД. Значи, немало разговор којшто сум го имал со САД, а да не не’ охрабрувале за да ја поддржиме таа иницијатива, бидејќи имаше две цели – едно помирување, второто беше ослободување на економскиот потенцијал на регионот заради административните бариери. Мојот став беше само по однос на првиот столб на иницијативата – помирувањето, бидејќи тоа што се случи во Бањска оди спротивно на основниот принцип на двата столба што ние сме ги прифатиле. Јас ќе ја информирам Владата на првата затворена седница бидејќи сепак цела информација е од доверлив карактер што се случува таму, кој се бил инволвиран и Владата после нека процени дали се исполнети двата услови. Јас мислам дека Отворен Балкан ги има тие предуслови – помирување што значи меѓусебно почитување, економски потенцијал и се разбира да биде инклузивно, да бидат сите шест (земји од регионот). Така што, мојата улога како министер е тоа да ја информирам Владата, а после Владата ќе реши, рече Османи на новинарско прашање дали стоите уште на ставот дека земјава треба да излезе од Отворен Балкан и дали поднел веќе таков предлог до Владата пред средбата во Стопанската комора во рамки на неговите изборни активности како претседателски кандидат на Европскиот фронт.

Тетово - Седат Сулејмани од изборниот штаб на коалицијата „Вреди“ денеска ја обвини ДУИ дека преку началникот на СВР Тетово врши насилство и притисок во 6. изборна единица.

-Криминалците и корумпираните на власт последниве денови го користат секој механизам за притисок врз граѓаните кои не ги поддржуваат или не излегуваат на собирите на ДУИ и нивниот Фронт. Оваа појава е уште поизразена во шестата ИЕ. Повеќе од еден месец Тетово се претвори во град во кој бандите се борат меѓу себе среде бел ден, каде што затворениците слободно се движат. Додека одредени полицајци секојдневно ги притискаат граѓаните од шестата ИЕ, дури и преку телефонски јавувања, да излезат на митинзи на ДУИ и да гласаат за ДУИ на претстојните избори. Сето ова се случува откако ДУИ на незаконски начин, го држи на функција шеф на Секторот за внатрешни работи, Шефик Бајрами, кој е познат како злобната и одмаздничка рака на ДУИ. Граѓаните во Тетово се изразително потресени од криминалот  и настаните што се случија во Тетово откако Шефик Бајрами незаконски беше именуван шеф на Секторот за Внатрешни Работи, истакна Сулејмани на прес-конференција во Тетово.

Штип – Го прифатив предизвикот да бидам носител на листата во Изборната единица три, затоа што верувам во исправните политики на СДСМ, истакна на денешната прес-конференција во Штип, Сања Лукаревска носител на листата за пратеници на СДСМ и на коалиционите партнери во ИЕ 3.

Посочи дека како партија знаат да носат храбри и осмислени одлуки, а какошто вели тоа и го покажале.

-Работевме напорно и посветено, за да стигнеме до преговори со Европската унија, никогаш не сме биле поблиску. Затоа треба да продолжиме храбро и единствено, за да го направиме последниот чекор, најтешкиот, не чека многу работа. Но, тоа секако не не плаши, затоа што сакавме и ветивме иднина за сите нас, заедно со граѓаните поминавме три кризи, девет пакети антикризни мерки и недозволивме никој да остане сам,никој не беше заборавен, вели Лукаревска.

Скопје - Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на наставниците и соработниците во високообразовните установи во земјава во академската 2023/2024 година изнесува 4 656.

Од вкупниот број наставници и соработници, 3 264 или 70.1 % се наставници и 1 392, т.е. 29.9 % се соработници во наставата.

Скопје - Српскиот режисер  Срѓан Драгојевиќ доаѓа во Скопје по повод првото македонско издание на неговата поезија.

Неговата книга  „Чат-пат е добро да се читне некоја книга за да не се испадне глупав во друштво, или сè што не сте знаеле за поезијата, а сте биле претерано мрзливи да читате“ ќе биде промовирана вечер од 19.30 часот во Бистро Комедија.

Скопје - Отворен е македонскиот павилјон, во кој е поставен повеќеслојниот и трансмедијален проект на Славица Јанешлиева „INTER SPEM ET METUM“ („Помеѓу надеж и страв“) и Националната галерија на Северна Македонија како официјален претставник на земјава на светската културна манифестација Венециско биенале 2024. 

Проектот е изложен во зградата на Скуола деи Ланери (Scuola dei Laneri). Павилјонот е отворен за пошироката публика секој ден, освен понеделник, од 11 до 19 часот. 

- Повторно нашето културно богатство е стационирано на светската културна манифестација Венециско биенале. Делото на Славица Јанашлиева во контекст на годинашната тема „Странци насекаде“, со наслов „Помеѓу надеж и страв“ / „Inter Spem et Metum“ се занимава со аспектот на странецот, на „другиот“, виден низ многу слоевити нивоа на антиципација на контекстот, изјави комесарот на проектот Дита Старова Ќерими.

 

Атина – Предност на Нова демократија со 14 осто повеќе од СИРИЗА, во пресрет на евроизборите во јуни, но со намален рејтинг во споредба со резултатите од ланските парламентарни избори, покажува истражувањето на јавното мислење на „Metron Analysis“ за грчката телевизија „Мега“, јави дописничката на МИА од Атина. 

Нова демократија добива 26,8 отсто, СИРИЗА е втора со двојно помал рејтинг, односно 12,8 проценти, трета е ПАСОК со 9,9 отсто, а потоа следат Комунистичката партија и Грчко решение со над шест проценти. 

Белград - Портпаролот на Европската унија Петер Стано денеска, по повод 11 години од потпишувањето на Бриселскиот договор, изјави дека сите обврски од тој договор, како валиден документ, мора да се спроведат и рече дека доколку Приштина не ја формира Заедницата на српски општини, ќе се соочи со последици.

Стано, рече дека тоа е валиден документ и нагласи дека ЕУ, заедно со своите меѓународни партнери, јасно и стави до знаење на Приштина дека мора да формира ЗСО, за што вели дека е едно од „клучните и најитните прашања“ во рамките на дијалогот.

Белград - Поминаа 11 години од Бриселскиот договор во кој Србија се развиваше и напредуваше побрзо од другите. Но и 11 години лаги и терор што ни ги вршеа приштинскиот режим и ЕУ. Единаесет години не се спроведува суштината, формирањето на Заедницата на српските општини, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој додаде дека поминале 11 години во „брутални лаги, по што се поставува прашањето каква доверба можеме да имаме и да изградиме“.

Според него, немало кој не реагирал вчера поради задржувањето автобуси на премините.

Брисел – Европската Унија добива различни извештаи, но нема официјална потврда за наводен напад, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано запрашан за став на ЕУ во врска со информациите дека изминатата ноќ е извршен напад врз Иран. 

- Има извештаи оти нешто можеби се случило, но не слушнавме официјална потврда од оние што наводно се инволвирани дека тоа и се случило. Тешко е да се даде официјална политичка изјава за нешто зад кое всушност никој не стои, одговори Стано на забелешка дека ЕУ жестоко реагирала на иранските напади врз Израел изминатиот викенд, па дури најави и санкции кон Иран, а нема таква реакција за „нападот за кој изгледа дека е извршен од Израел“. 

Брисел - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска нагласи дека Русија сега ги фокусира своите хибридни напади врз соседна Финска, користејќи мигранти за да се обиде да ја дестабилизира таа држава.

Нордиската земја ја затвори својата источна граница во средината на декември, откако речиси 1.000 мигранти пристигнаа без виза преку нејзините гранични премини со Русија од август.

Двата соседа делат 1.340 километри граница, а Хелсинки рече дека порастот на баратели на азил е организиран од Русија, обвинение што Москва го негира.

Брисел - Европската Унија добива различни извештаи, но нема официјална потврда за наводен напад, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано запрашан за став на ЕУ во врска со информациите дека изминатата ноќ е извршен напад врз Иран. 

- Има извештаи оти нешто можеби се случило, но не слушнавме официјална потврда од оние што наводно се инволвирани дека тоа и се случило. Тешко е да се даде официјална политичка изјава за нешто зад кое всушност никој не стои, одговори Стано на забелешка дека ЕУ жестоко реагирала на иранските напади врз Израел изминатиот викенд, па дури најави и санкции кон Иран, а нема таква реакција за „нападот за кој изгледа дека е извршен од Израел“.

Рим -   Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Г7 се решени „да ги зајакнат противвоздушните способности на Украина за да спасат животи и да ја заштитат критичната инфраструктура“ и ќе работат со партнерите за да го сторат тоа,наведено е во нацртот на завршната декларација на состанокот.

Министрите за надворешни работи на Г-7 денеска ја завршуваат својата тридневна средба на јужниот италијански остров Капри, каде една од главните теми беше Украина.

Остани поврзан