• петок, 26 април 2024
МИА Општински пул

19 април 2024 

Кавадарци - Советот на Општина Кавадарци даде согласност да му даде на користење недвижен имот на градскиот фудбалски клуб „Тиквеш1930 АД Кавадарци".

На денешната вонредна собраниска седница, советниците едногласно одлучија да биде склучен договор за послуга (користење) на недвижен имот, од страна на градоначалникот кој ја претставува локалната самоуправа и од извршниот директор на клубот, Миле Масларков. 

Тетово - Јавното комунално претријатие „Тетово“ има ангажирано посебен тим кој ќе го носи инертниот отпад од домовите на граѓани до соодветна депонија. Граѓаните треба да се јават на телефонски број во текот на работните денови од неделата, најавија од Општина Тетово.

- Јавното комунално претпријатие продолжува да се грижи за чистотата и чистењето на јавните простори во градот. За да бидеме поефикасни потребна ни е соработката на сите граѓани за да создадеме почист град за нас и нашите деца. Апелираме до сите граѓани да не фрлаат инертен отпад по тротоарите и на несоодветни места, бидејќи на овој начин не само што ја загадуваме животната средина, туку и му даваме лош изглед на градот. За да не се создаваат вакви непријатни ситуации, ангажиравме специјален тим кој ќе го носи инертниот отпад од куќата на граѓаните до депонијата одредена од ЈКП, соопштија од Општина Тетово.

Македонска Каменица - Во Македонска Каменица продолжува реализацијата на предвидениот план за асфалтирање на локални патишта. Како што објави градоначалникот на Македонска Каменица Димче Атанасовски со последната активност за подобрување на асфалтниот пристап на граѓаните, опфатени се оддалечените делови на градот. 

-Асфалтиран е уште еден локален пат во должина од 500 метри во населено место кај филтер станицата во Македонска Каменица. Продолжуваме со напорите да ги подобруваме условите за секојдневното живеење на граѓаните од сите населени места во Општина Македонска Каменица, истакна Атанасовски.

Крива Паланка - Две драмски дела од кривопаланчанецот Страхил Алексиќ денеска беа промовирани во Националната установа Центар за култура Крива Паланка како дел од програмата на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“.

Станува збор за  кривопаланечките драми „Ожењи се Санде калајџија“ и „Најефтината свадба“, инспирирани од вистинси настани што биле дел од кривопаланечката историја и традиција, а Алексиќ ги напишал пред 30-тина години. 

Делчево - Во просториите на Клубот на пензионери  во Делчево, денеска е реализирана акција за бесплатна проверка на шеќер во крвта и крвен притисок. Акцијата, како што информираа од  Здружението на пензионери, се реализираше во соработка со Општинската прганизација на Црвен крст од Делчево.

- Бидејќи се работи за постара популација, пензионерите ги советувавме редовно да земаат лекови, да ја контролираат храната, особено оние кои се на дијабетско - хигиенски режим. Секако апелиравме и да не се претерува со храна и со напорна работа, како и редовно да посетуваат лекар, информираа од Здружението на пензионери од Делчево.

Тетово - За еден месец на подрачјето на Националниот парк Шар Планина изгореле над 400 хектари, а од тоа најголема површина е зафатена во само два пожари над село Селце, кои траеја шест дена, информираа денеска од НП Шар Планина. 

Како установа потрошиле 80 илјади денари материјални средства, а штетите по изгубена дрвна маса и друга вегетација сè уште не се пресметани. Не се калкулирани трошоците на другите државни институции. Иако најчесто пожарите се случиле во близина на населени места и приватни имоти, во само неколку исклучоци локалното население и сопствениците излегле да ги заштитат шумите од пожари.

Кочани - Вработени во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани, кои се членови на синдикалната организација на АД „Водостопанство“, денеска излегоа на протест пред влезот на претпријатието поради доцнењето на платата за минатиот месец и најавите дека исплатата тешко ќе се реализира. Слични протести се одржаа и во другите десетина подружници во државата, каде вработените го имаат истиот проблем.

На протестот во Кочани беше нагласено дека успешно се исполнети работните задачи за подготовка на каналската мрежа и за почетокот на сезоната за наводнување на оризовите површини во регионот, а висока е и реализацијата на наплата на побарувањата за извршените услуги.

Дебар - На автопатот „Патот на Арбр“ (Руга е Арбрит) кој Тирана ја поврзува со граничниот премин „Блато“ на албанско-македонската граница, кај Дебар, преку Пешкопеја, во следните три дена ќе има пренасочување на сообраќајот, поради изведување одредени градежни работи.

Оваа делница, на големо се користи од дебрани, но и граѓани од други градови во државава, поради намалената некогашна должина од 180 на 72 километри.

Тетово -  Кандидатите за пратеници од листата на СДСМ за шестата изборна единица денес во Тетово со брифинг за новинари и прес-конференција ја почнаа кампањата. Носителката на листата Славјанка Петровска од прес-конференцијата рече дека листата со 20 личности се различни по етничка и верска припадност, возраст и пол но лојални на државата и европските вредности околу кои се обединети.

-Подготвени сме професионално, одговорно и посветено да ги исполниме сите ветувања кои во форма на мерки и политики се напишани во нашата програма за европска иднина. Подготвени сме и нема да се откажеме сè додека Македонија не стане дел од Европската унија и сè додека не обезбедиме минимална плата од 600 евра, а просечна плата од 1.100 евра. И нема да се откажеме сè додека не ги исправиме грешките кои сме ги направиле во изминатите 7 години, а се однесуваат на погрешна кадровска политика, слаби резултати во овозможувањето на правдата и воочени слабости во системски процеси, истакна Славјанка Петровска.

Струмица - Со завршувањето на реконструкцијата на филтер станицата „Ташли Баир“, Општина Василево целосно го реши проблемот со вода за пиење за четири населени места. Преку овој систем со вода за пиење се снабдуваат 1.459 домаќинства од Василево, Ангелци, Градашорци и Едрениково и 139 правни лица.

Во пренесената изјава на градоначалникот на Василево Славе Андонов се вели дека овие четири населени места конечно ќе имаат чиста вода за пиење.

-Навистина сум среќен што решаваме децениски проблем. Правото на пристап до чиста вода е основно човеково право. Ветувањата кон граѓаните се реализираат, стои во изјавата на Андонов.

Кавадарци - Неделата на солидарност е одлична можност за иницијатива за поддршка на лица во социјален ризик, информираа денеска од Комисија за еднакви можности при Совет на Општина Кавадарци, најавувајќи ја иницијативата „Подари тепих, стопли нечиј дом". Од Комисијата упатија повик до сите жители  и сите добронамерни и хумани луѓе.

- На иницијатива на Тепих центар „Бабилон" и „Мардини", а во соработка со  Комисијата за еднакви можности на Општина Кавадарци, ги повикуваме сите хумани луѓе кои имаат веќе искористени, но добро сочувани теписи. Ако не ги користат повеќе за свои потреби и би сакале да ги подарат,  да се приклучат на оваа хумана иницијатива, порача Марија Камчева, координаторка на Комисијата.

Кавадарци - Книгата „Со солзи по патот на судбината" од Диме Ристов - Кана, беше промовирана синоќа во Домот на културата ,,Иван Мазов - Климе".  Станува збор за автобиографско дело, за животот на едно посвоено дете и предизвиците со кои се соочувало тоа дете и патот низ кој се градела неговата личност низ времето. 

Актерот Диме Коцевски, зборувајќи за авторот и делото, нагласи дека станува збор за книга што остава голем впечаток, има добар материјал за еден преубав игран филм. 

Издавач на книгата е градската библиотека „Феткин". Директорот на оваа културна установа, Петар Гурев, како промотор, рече дека даваат поддршка на авторите и литературните дела, па и на оваа автобиографија. Гурев нагласи дека книгата предизвикува изобилство на емоции. 

Остани поврзан