• четврток, 09 мај 2024
МИА Радио флеш

9 април 2024 

-Стево Пендаровски, актуелен шеф на државата, кој се трка за уште еден петгодишен мандат на претстојните претседателски избори во интервју за МИА вели дека зад себе има мандат без дамки и смета дека тоа го препознаваат мнозинството од граѓаните. Тој учествува на изборите, како што посочува, не само за да биде дел од трката, туку за да победи и појаснува дека ова го изнесува врз основа на реакциите кои ги добил од граѓаните, а не „врз основа на анкетите, кои ги спомнува господинот Мицкоски“. Вели реалните анкети покажуваат дека македонските граѓани во мнозинство се задоволни од она што се случувало во претседателскиот кабинет изминативе пет години. Последните случувања во врска со обвинувањата на партијата што го поддржува СДСМ, дека ВМРО-ДПМНЕ нарачува и пласира лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, ги манипулира граѓаните и злоупотребува медиумите, на што ВМРО-ДПМНЕ одговори со најава за тужба, Пендаровски ги коментира како првите знаци на нервоза кај лидерот на главната опозициска партија.

-Ставен е под контрола пожарот што избувна претпладнево во Универзалната сала во Скопје. Од Центарот за управување со кризи информираа дека гори една од куполите на објектот и дека пожарникарите се на самото место и се обидуваат да го изгаснат пожарот. На Единствениот број за итни случаи112 во ЦУК е добиена пријава за пожар на отворено кој се шири над објектот на Универзалната сала лоцирана на Булевар „Партизански Одреди“, во Скопје. Засега нема информации што е причината за пожарот. Во Универзална сала во тек беа работи за нејзино реновирање.

-Видно ме вознемири веста дека гори Универзалната сала. Универзалната сала е синоним за сите луѓе, веројатно попрепознатлив и од старата железничка и од Зоолошка градина и од сите објекти во оваа држава, изјави поранешниот директор на Универзална сала Душко Поповски, кој денеска го посети објектот откако претпладнево избувна пожар. За среќа, како што посочи, нема човечки жртви ниту повредени луѓе.

-Бев тука директор од 2005 до 2009 година, време во кое што и тогаш беше преамортизиран објектот, дури беше и на граница на употреблива вредност, значи ваков објект од времен карактер не смееше да работи во такво светло повеќе од 40 или 50 години. Не работи веројатно последниве седум, осум години, меѓутоа од кога станав директор прва информација која што ја примив беше дека сличен објект или ист ваков, бидјеќи е бугарски проект, во Бугарија изгорел за седум минути. Можете ли да замислите каква трагедија би било во случај на преполна сала, рече Поповски.

-Генералштабот на националната одбрана на Грција реализирал обука за стандардизација и одбранбено планирање на НАТО, врз основа на грчкиот модел за припадниците на вооружените сили на Република Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.Како што соопштија од ГШ на грчката одбрана, обуката била спроведена од 25 до 29 март 2024 година во Скопје, а учествувале и припадници на вооружените сили на Црна Гора.

-Во вториот ден од официјалната посета на Париз, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, имаше разговари за наменската индустрија и одбраната, како и за подобрување на економската соработка со француските компании, а постигнат е договор за купување на ескадрила борбени авиони „Рафал“, јави дописникот на МИА од Белград. Вучиќ изјави дека синоќа имал многу добар разговор со францускиот претседател Емануел Макрон кој траел повеќе од три часа и дека постигнале конкретни договори за купување на борбените авиони „Рафал“, за кои договорите ќе бидат потпишани во следните два месеци.

-Бугарија денеска ја доби преодната влада на чело со премиерот Димитар Главчев, а на 9 јуни се закажани вонредни парламентарни избори. Народното собрание на вонредна седница ја инаугурираше 10. преодна влада во историјата на државата, а шеста во последните четири години. Тоа е и првата влада која по неодамнешните уставни измени положи заклетва пред парламентот, а не пред претседателот, пишува бугарскиот сајт „Новините“. Претходно денеска бугарскиот претседател Румен Радев издаде указ за официјално именување на кабинет и закажување единствени избори за 9 јуни и за европскиот и за националниот парламент.

-Турција денеска го ограничи извозот на стоки во Израел како одговор на војната во Газа, соопшти турското Министерство за трговија информирајќи дека ограничувањето се однесува на производите од челик, железо и алуминиум. - Оваа одлука ќе остане во сила додека Израел не прогласи итен прекин на огнот и не дозволи испорака на хуманитарна помош во Газа, се вели во соопштението на Министерството. Анкара вчера соопшти дека Израел го блокирал барањето на Турција за транспорт на хуманитарна помош во Газа.

-Минатиот месец беше „најтоплиот март“ забележан на глобално ниво, според мерењата направени од системот за сателитски мониторинг Коперник на Европската унија. Соопштено е дека минатомесечната просечна температура на воздухот на површината била измерена како 14,14 степени. Се вели дека ова мерење е 0,73 степени над просекот од јануари 1991-2020 година и 0,10 степени над претходниот најтопол март забележан во 2020 година. Од мониторингот посочуваат дека март годинава бил најтопол ако се земат мерењата на глобално ниво.

-Францускиот претседател Емануел Макрон, египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси и јорданскиот крал Абдула Втори повикаа на траен прекин на огнот во Газа и решение со две држави. „Соочени со неподнослив број жртви, ние, шефовите на државите на Египет, Франција и Јордан, бараме итно и безусловно спроведување на резолуцијата 2728 на Советот за безбедност на Обединетите нации“, се наведува во заедничката изјава. Се додава дека „решение со две држави“, односно договор за прекин на огнот што вклучува постоење на две независни држави е единствената „сигурна опција за гарантирање на мирот и безбедноста“.

Остани поврзан