• петок, 10 мај 2024
МИА Радио флеш

8 април 2024 

-Критериумите за членство на Северна Македонија во ЕУ се многу јасни. Не очекувам никаква промена на Преговарачката рамка и не сметам дека државите-членки сакаат да ги преразгледаат условите за пристапување, вели во интервју за БГНЕС еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји. На прашање на агенцијата дека во изминатите месеци некои македонски политичари тврдат дека може да има измени во Преговарачката рамка и дали има можности за промена на условите, што Северна Македонија треба да ги исполни, Вархеји рече дека критериумите за членство се јасни. -Критериумите се многу јасни од 2022 година наваму, кога беше усвоена Преговарачката рамка. Тие треба да бидат исполнети и во таа смисла не очекувам никаква промена. Не сметам дека државите-членки ќе ги преразгледаат условите. Јасно е дека тие треба да бидат исполнети, рече Вархеји.

-Безбедносната ситуација на подрајето под ингеренции на СВР – Охрид е поволна, со евидентирано намалување на кривични дела и на сообрајќајни незгоди со несакани последици и телесни повреди. Тоа го соопшти дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, кој заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, денеска беше во работна посета на СВР – Охрид, Езерската полиција и на Граничниот премин „Свети Наум“. - На состанокот со раководството на СВР – Охрид разговаравме и за тековната оперативна акција – претседателски и парламентарни избори 2024 година. Досега имаме одлична комуникација со сите политички партии и немаме индиции за нарушување на изборниот процес. А така ќе продолжиме во тесна комуникација и со граѓаните и со партиите, се со цел полицијата да биде на терен со нив и да го гарантираме изборниот процес, рече Бојмацалиев.

-Сопственикот на копанијата „Актива“ Иле Николов денеска информира дека компанијата се подготвува за целосното префрлање на производството на компанија „Ван Хол“ од Белгија во Северна Македонија. Сопственикот на „Актива“ во Штип која е партнер со белгиската компанија „Ван Хол“ рече дека веќе две години се заговарало за постепено префрлање на целосното производството. -Ние за таа работа веќе се спремивме „Актива“ минатата година имаше дополнителни инвестиции во делот на машинскиот парк и веќе е зголемен товарот на произвоство и немаме од наша страна закаснување за нивните потреби, потребите за зголемување на прооизводството ќе бидат следени и како ќе бидат доставувани барањата од нивна страна ние ќе го следиме тоа. Веќе сме во фаза на изградба на уште еден производен погон од 8 илјади квадрати кој ќе биде исто така во функција на зголемување на капацитетите на нашите компании. Така да, ние во целост сме спремни за таа работа, посочи Николов. Во однос на девизниот прилив за „Актива“ од соработката со белгиската компанија за минатата година рече дека изнесува околу 15 милиони евра и дека следната година очекува доста поголем прилив.

- Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез денеска во Сараево изјави дека БИХ е само на чекор од поканата за полноправно членство во НАТО, додавајќи дека има сигнали дека ќе добие статус за полноправно членство во Алијансата. „Мило ми е што НАТО алијансата во своите неодамнешни изјави конкретно ја означи Босна и Херцеговина како земја најблиску до полноправно членство во алијансата и што наведе дека нашата земја многу брзо може да добие статус на кандидат за приклучување кон оваа Алијанса“, рече Хелез на отворањето на Конференцијата на стратешки воени партнери, на која присуствуваа претставници на НАТО и Босна и Херцеговина. Тој изрази надеж дека БиХ, по приемот на Шведска во НАТО, ќе биде следната полноправна членка.

-Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека „нема проблем“ со најавата на опозицијата дека ќе ги бојкотира претстојните избори во Белград на 2 јуни, јави дописникот на МИА од Белград. -Тоа е нивна работа. Ако сакаат сопствено политичко уништување, тоа е нивна работа и јас немам проблем со тоа, изјави Вучиќ за новинарите во Франција, во пресрет на средбата со Емануел Макрон. Вучиќ го изјави ова коментирајќи ги изјавите на претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП) Драган Ѓилас и на претседателот на Новата Демократска партија на Србија (ДСС), Милош Јовановиќ, дадени синоќа на ТВ Нова, дека „вистинската опозиција“ нема да учествува на новите избори во Белград на 2 јуни, бидејќи изборните условите не се подобрени и дека опозицијата, пробала сè, од разговори во собранието, до жалби до Уставниот суд.

-Правиме се што е во наша моќ Србија што поскоро да стане членка на Европската унија (ЕУ), таа е втора во светот според добиени парични средства од фондовите на ЕУ, но од политичката волја во Србија зависи кога ќе стане дел од Унијата, изјави амбасадорката на Шведска во Србија, Аника Бен Давид, јави дописникот на МИА од Белград. -Србија донесе одлука и поднесе барање за членство во ЕУ и со тоа влезе во процесот, каде што ги прифаќате критериумите на тој процес кои мора да се исполнат за да се напредува во тој процес, изјави за денешна Политика Бен Дејвид и истакна дека Србија е втора во светот по износот на пари што ги добива од фондовите на ЕУ. „Истовремено, Шведска од почетокот на 2000-тите дава годишно околу 13 милиони евра. Таа поддршка се состои во помагање на Србија да ги спроведе реформите за да ги исполни критериумите за прием во ЕУ“, објасни таа, додавајќи дека „не постои друг меѓународен играч што би ги понудил истите можности“.

-Канцеларијата за доктрина на верата во Ватикан денеска ја објави декларацијата „Дигнитас инфинита“ во која ја отфрла промената на полот, сурогат родителството и теоријата на родот. Во декларацијата се наведува дека „секоја интервенција за промена на полот, по правило, ризикува да го загрози единственото достоинство што едно лице го добило од моментот на зачнувањето“. За теоријата на родот, според која, родот е покомплициран и понепостојан од традиционалната поделба на две категории мажи и жени, Ватикан оцени дека „желбата за лично самоопределување, според теоријата на родот, покрај основната вистина дека човечкиот живот е дар, претставува потпаѓање на древното искушение да се направиме себеси Бог, влегувајќи во конкуренција со единствениот вистински Бог на љубовта што ни е откриен во Евангелието“

-Полскиот премиер Доналд Туск го призна поразот по победата на опозициската партија на локалните избори изминатиот викенд, што се смета за прв тест на неговата централно-левичарска влада по преземањето на функцијата кон крајот на минатата година, јави ДПА. Во објава на социјалната мрежа Х, Туск рече дека е охрабрен од победите постигнати од неговата Граѓанска коалиција на поединечни места како што се изборите за градоначалник на Варшава и Гдањск, како и во некои регионални совети. Тој ги објасни загубите со слабата мобилизација на младите гласачи и силниот одѕив на опозициската партија „Право и правда“ (ПиС) во руралните и источните региони.

-Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, за време на донаторска вечер викендов во Палм бич, Флорида, им кажал на поддржувачите и финансиерите на неговата кампања дека тој очекува САД да примаат имигранти „од фини земји“, а не од „неверојатни места и земји“. Според учесник на средбата, на половина пат од својот говор Трамп повторил една од неговите познати тиради против имигрантите кои влегуваат во САД, а во време кога администрацијата на претседателот Џо Бајден се бори со разгорената криза со нелегална имиграција на јужната граница, јави денеска „Њујорк тајмс“. -Ова се луѓе кои доаѓаат од затвори и притвори. Тие доаѓаат од неверојатни места и земји, катастрофални земји, изјавил Трамп пред своите гости. Потоа укажал дека сака имигранти од „фини“ земји.

-Земјотрес со јачина од 5,1 степен според Рихтеровата скала денеска ја погоди префектурата Мијазаки и други области во југозападниот дел на Јапонија. Земјотресот е регистрирани во 10:25 часот по локално време, а епицентарот се наоѓал на источниот брег на полуостровот Охсуми на југозападниот главен остров Кјушу на длабочина од 39 километри, јавија јапонските медиуми. Нема предупредување за опасност од цунами, а засега нема информации за жртви или материјална штета. 

-Цивилно воздухопловство на Кина издаде дозвола за производство на домашниот, беспилотен и електричен, тн. е-ВТОЛ авион со вертикално полетување и слетување, наречен „ЕХ-216-С“ (EH216-S). Сертификатот, издаден од Управата за цивилно воздухопловство, е првата лиценца во светот доделена за производство во оваа индустрија и претставува значаен чекор кон масовно производство на самоуправувачки е-ВТОЛ авиони. „ЕХ-216-С“  е висок 1,93 метри, широк 5,73 метри, со вкупна носивост до 620 килограми, што е еднакво со двајца патници со багаж. Може да патува до 30 километри со максимална брзина од 130 километри на час, јавува Кинеското меѓународно радио.

Остани поврзан