• среда, 24 април 2024
МИА Радио флеш

28 март 2024 

- Медиумската информативна агенција (МИА) во соработка со Државниот архив на Република Северна Македонија дигитализираше над 12 илјади фотографии од негативи создадени во периодот 1999-2000 година. 

Директорот на МИА Драган Антоновски ја истакна важноста на дигитализацијата на фотографиитете за кои рече дека филмовите конечно се згрижени и дека токму Државниот архив е местото каде што тие ќе бидат најбезбедни.

- Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски”-Скопје учествува во проект од образовната програма на ЕУ - Еразмус+ со партнери од две балтички земји -  Државното техничко училиште од Рига, Летонија, кое е координатор на проектот, и колеџот „Тарту“ од Тарту во Естонија.

ДУЦОР „Партенија Зографски“, единствено училиште во земјава за средно стручно образование на ученици со оштетен слух, во рамките на програмата „Еразмус+“ доби грант за реализација на проектот „Алати и техники за подобар проофесионален избор“ (Tools and techniques for a better choice of profession) со времетаење од 15 месеци.

- Во текот на вчерашниот ден во периодот од 08.00 до 12.00 часот спроведена е акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на прекршоци на возила со кои се врши јавен превоз на патници. При контролата санкционирани се 34 прекршоци, од кои 23 поради неисправен уред за запирање, соопшти МВР.

Упатени на вонреден технички преглед биле 181 автобус и други возила кои вршат јавен превоз на патници. За време на контролата констатирани и законски санкционирани се и 159 други видови на сообраќајни прекршоци.  

- Потрагата по исчезнатото двегодишно девојче Данка Илиќ од Бањско Поље кај Бор продолжува трет ден, а полицијата ќе ги проверува базните станици и ќе ги прегледа мобилните телефони на родителите, за да се потврди со кого контактирале во периодот кога девојчето исчезнало, јави дописникот на МИА од Белград.

Продолжувањето на потрагата ќе се врши оперативно, откако е утврдено дека девојчето не се наоѓа на 10 квадратни километри од местото на исчезнувањето.

- Потребата Косово да преземе дополнителни дејствија за неговото членство во Советот на Европа да придонесе за мир, но и потребата за дополнителна дискусија со земјите кои не го признаваат околу статусот под кој би бил приемот, ги истакнал поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, кој воедно е и претседател на поткомитетот за Западен Балкан на Советот на Европа за време на расправата во Париз на Политичкиот комитет на Парламентарното собрание на СЕ, јави дописничката на МИА од Атина. 

На расправата и гласањето на извештајот на грчката пратеничка Дора Бакојани за приемот на Косово во Советот на Европа, Ципрас ги поздравил извештајот, перспективата за членство на Косово и фактот што земјата ја призна правната сопственост на манастирот Високи Дечани.

– Парламентот на Индонезија денеска одлучи дека поранешната метропола Џакарта ќе остане економски центар на земјата, како дел од планот за преместување на главниот град на островот Борнео.

Индонезија планира да го пресели својот главен град од преполната, Џакарта чија надморска височина е се попониска, во Нусантара, град вреден 32 милијарди долари кој се гради во џунглите на Источен Калимантан на Борнео.

Градот е водечки проект на претседателот во заминување Јоко Видодо, кој вети подобра дистрибуција на богатството и развој низ архипелагот, не само на островот Јава.

– Европските и американските берзански индекси денеска се во пораст, како и цените на нафтата, додека цените на златото и пченицата паѓаат.

Индексот DAX на Франкфуртската берза денеска во 9:10 часот порасна на 18.492,46 поени, лондонски FTSE 100 на 7.957,12 поени, францускиот CAC 40 на 8.225,07 поени, а московскиот MOEX на 3.308,14 поени.

Вредноста на американскиот берзански индекс се искачи на 39.760,08 поени, индексот S&P 500 на 5.248,49 поени, а вредноста на индексот Nasdaq на 16.399,52 поени.

- Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека повеќе од 200 вооружени лица биле убиени за време на операцијата против Хамас во болницата Ал-Шифа во градот Газа.

Во текот на изминатиот ден, напаѓачите на Хамас излегле од собата за итни случаи во Ал Шифа, каде што се криеле и отвориле оган врз израелските војници, тврди ИДФ, додавајќи дека неколку слични инциденти се случиле во последните денови.

- Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека мирот во Украина е можен во секој момент доколку рускиот претседател Владимир Путин ја прекине својата, како што наведе, „варварска“ кампања и ги повлече војниците.

Шолц за „Маркише Алгемајне цајтунг“ рече дека секогаш имало иницијативи за посредување.

„На пример, веднаш по избувнувањето на војната, Русија и Украина директно преговараа меѓу себе. Преговорите потоа пропаднаа затоа што Русија ги искористи само како изговор за истовремено да ги премести своите трупи на исток за голема офанзива“, посочи германскиот канцелар.

- Американската централна банка потврди дека минатата година ја завршила со рекордна загуба од 114,3 милијарди долари, со повеќекратно повисок трошок на каматите на депозитите на комерцијалните банки.

Во 2022 година, Федералните резерви (ФЕД) работеа со нето добивка од 58,8 милијарди долари.

Деловниот извештај за минатата година го отсликува влијанието на зголемените основни каматни стапки, од нула на важечките 5,25 до 5,5 отсто, со цел да се спречи инфлацијата.

- Кралот на Маорите на Нов Зеланд денеска повика на китовите да им се дадат основни човекови права за да се заштитат ранливите видови.

Кралот Тухеитија Паки рече дека величествените морски цицачи треба да ги имаат основните човекови права како што е правото на здрава животна средина за да се овозможи обнова на нивната популација.

- Звукот на песната на нашите предци ослабна, а живеалиштето е загрозено. Затоа мора да дејствуваме сега, рече Тухеитија во редок јавен настап.

- Јапонската полиција ги предупреди центрите за згрижување деца за рекордни 122.806 наводни жртви на злоставување во 2023 година, што е за 6,1 отсто повеќе од претходната година, соопшти денеска Националната полициска агенција.

Минатата година полицијата спроведе рекордни 2.385 кривични истраги за случаи на злоставување деца, што е за 9,4 отсто повеќе од 2022 година, покажуваат податоците собрани од Агенцијата.

Бројот на деца под 18 години упатени во центрите за згрижување деца поради психичко малтретирање се искачи на рекордни 90.761, вклучувајќи 52.611 кои биле сведоци на семејно насилство врз членови на семејството, објави Кјодо.

 

Остани поврзан