• среда, 24 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

25 март 2024

 

Скопје - Подготовките за претседателските и за парламентарните избори се одвиваат без проблеми, согласно законот и роковникот, вели претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски. -Подготовките течат добро во согласност со законот и роковникот, односно роковниците за претседателските и за парламентарните избори. Досега нема никакви проблеми, се е спроведено во рок па дури и пред рокот некои дејствија за кои тоа е можно. Во моментот ги чекаме предлозите на политичките партии за избирачките одбори, по еден од  власта и од опозицијата и исто така предлозите за гласање во ДКП-ата, изјави на новинарско прашање Даштевски по спороведувањето на жребувањето за редоследот на кандидатите на ливчето за претседателските избори.  Тој додаде дека заврши јавниот увид во Избирачкиот список за претседателските избори, и тој ќе биде конечно затворен на 2 април. 

Скопје – Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 90-та седница спроведе ждрепка со која ги распореди локациите на рекламните паноа и билборди за политичко рекламирање за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 24 април 2024 година. Претседателот на ДИК, Александар Даштевски на почетокот информираше дека до ДИК  пристигнати се понуди од вкупно 12 понудувачи за рекламни паноа и билборди.

Скопје -  Моторниот бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 од ноќеска на полноќ поскапува за 1,5 денари за литар, а за денар дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.   Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе изнесува 87 денари за литар, на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 77 денари, а 76 денари ќе чини литар Екстра лесно. Не се менува цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС - 95, односно ќе се продава по 85 денари за литар.  Поскапување има и кај мазутот М-1 НС чија малопродажна цена се зголемува за 0,979 денари за килограм и ќе  изнесува 44,776 денари.

Скопје – Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе ги преземе сите механизми за да имаме стабилна ситуација со цената на топлинска енергија имајќи ги во предвид цените со природниот гас на берзите во Европа, порача денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски и додаде дека во никој случај нема да поскапи парното за домаќинствата. -Во ниту еден случај нема да дојде до никакво поскапување на цената на топлинска енергија за домаќинствата, единствено може да дојде до намалување во зависност дали ќе има субвенции, дали ќе нема. Во текот на јули вообичаено ние ќе ја донесеме таа одлука. Можевме и сега да носиме популистичка одлука, кога ја намаливме цената за не домаќинствата, но се решивме да им се помогне пред се на овие потрошувачи кои во текот на енергетската криза ниту еднаш не беа субвенционирани, рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Скопје – Со приклучувањето на ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ е исправена грешка која што била направена при преструктуирањето на вертикално интегрираното претпријатие Еелектро стопанство на Македонија (ЕСМ) во 2004 година, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски и вели дека нема пазарна логика да се продава АД ЕСМ.

Скопје – За да може да работи и да функционира нашиот систем за електрична енергија мора да имаме и базна енергија и заради тоа термоелектраните мора да работат, иако е факт дека во изминатиот период имаме ситуација цената на берзата во одредени часови да е пониска отколку што е производната цена на термоелектраните во Битола, истакна денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Скопје - Според податоците на Државниот завод за статистика, во јануари годинава во земјава се потрошени 777 650 МWh електрична енергија, 44.243 мил. нм3 природен гас, 397 123 тони јаглен и 80 929 тони нафтени продукти. Бруто-домашното производство на електрична енергија учествува со 76.4 % во бруто-домашната потрошувачка на електрична енергија, додека 99.4 % од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.

Скопје - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска, од пред Собранието, го повика претседателот на собраниската Комисија за земјоделство, Љупчо Димовски итно да закаже седница за да бидат рагледани, а потоа од Парламентот и донесени измените на Законот за земјоделско земјиште. Како што истакна Николовски, Димовски ги блокира измените и со тоа им нанесува директна штета на земјоделците. 

Скопје - Амбасадата на Словачка во Скопје известува за повик за аплицирање на кандидати од Северна Македонија за стипендии на Владата на Словачката Република (Slovak Republic Government Scholarship), за додипломски и магистерски студии во одредени области на образование  за академската 2024/2025 година. Основните услови за добивање владина стипендија се: номинација од Министерството за надворешни работи/Министерството за образование на матичната земја/Амбасадата на Република Словачка во Скопје; постигнатиот успех во средното образование или универзитетските студии и избрано поле на студирање.

Скопје - Декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата потпишаа денеска трите медицински комори, Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката, Министерството за здравство, медицинските факултети во земјава и Институтот за јавно здравје. Како што беше истакнато на прес-конференцијата по овој повод, целта на Декларацијата е создавање поширок фронт за поддршка на вакцинацијата и одржување континуитет на активностите за промоција на имунизацијата. 

Скопје - Македонскиот народен театар, по повод 27 март, Светскиот ден на театарот, за љубителите на театарската сцена организира две бесплатни претстави. Првата е  детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12:00 часот. Втората  бесплатна  е претставата „Бесачи“ во режија на Јавор Грдев, која  ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20:00 часот.

Скопје - Македонската филхармонија ја продолжува соработката со новиот шеф-диригент, маестро Јерухам Шаровски од Израел. Како што информиираат од филхармонија маестро Шаровски оваа недела е во Скопје, со цел да оствари средби со музичарите и Уметничкиот одбор, како би се докомплетирала годишната програма, поточно концертните настани за оваа и за наредната сезона.

Скопје – Над половина од возрасните граѓани во земјава имаат прекумерна тежина, а „подебели“ во регионот се само Хрватите, покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на Евростат. Над половина од жителите на Европа имаат прекумерна тежина односно Индекс на телесна маса (БМИ) еднаков или поголем од 25. Најголем процент на возрасни луѓе со прекумерна тежина имаат Малта (62,5%), Исланд (62,0%) и Латвија (60,4%), додека најмал Италија (41,9%), Швајцарија (45,6%) и Франција (46,4%). Кај нас 55,7 проценти од возрасното население има прекумерна тежина.ж

Скопје – Евровизија и што би се случило ако изборот се одржи кај нас - е тема на годинашната манифестација „Глумците пеат“ на која познати хитови, домашни и странски, ќе изведат актери од сите театри во земјава. –Изборот на темата е доволно да биде смешно и забавно, сметаат организаторите на шоуто кое ќе се одржи во две вечери, на 29 и 30 март, во Националната опера и балет. Настанот се одржува втора година откако лани беше возобновен по пауза од 15-ина години. Режисер и годинава е Дејан Пројковски, кореограф Олга Панго, дигирент Љупчо Мирковски, a Бобан Мирковски e автор на аранжманите наменски напишани за сите песни кои ќе бидат изведени. На сцена ќе бидат 40 актери и 22 члена во оркестарот, во целата продукција се вклучени околу сто луѓе.

Приштина – Амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер се сретнал денеска со претседателите на стопанските комори на Косово и Србија, Љуљзим Рафуна и Марко Чадеж, со кои разговарал за начините за подобрување на соработката меѓу бизниси на две земји, јави дописникот на МИА од Приштина. Во објава на неговата страница на платформата Икс, Ховениер порача дека нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово ќе придонесе за стабилноста и просперитетот во целиот регион.

Атина – Во присуство на грчката претседателка, претседателот на Парламентот, министерот за одбрана, потпретседателот на Европската комисија, претставници на опозициските партии, како и на дипломатскиот кор, претпладнево во Атина се одржа традиционалната воена парада по повод годишнината од востанието во 1821 година за независност на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Москва - Русија денеска им врачи демарш на САД поради незаконските обиди на Вашингтон за еднострана промена на надворешните граници на епиконтиненталниот појас во седум области на Светскиот океан, соопшти руското Министерство за надворешни работи. „За време на седницата на Меѓународната управа за морското дно, руската делегација изјави дека не ги признава надворешните граници на континенталниот појас што САД еднострано ги прогласија во декември 2023 година на растојание од 200 наутички милји од почетните линии од кои се мери ширината на територијалното море во седум региони на светскиот океан“, се вели во соопштението на Министерството.

Москва - Посетителите и персоналот на трговско-забавниот центар „Мозаик“, во југоисточниот дел на Москва, се евакуирани поради анонимна закана за поставена експлозивна направа, изјави за руската државна новинска агенција, претставник на Итната служба на главниот град. „Анонимен повик со закана за бомба имаше во трговскиот центар „Мозаик“ на улица Кожуховскаја бр. 7, зграда 9“, рекол соговорникот на руската агенција. Според него, при безбедносната проверка сите посетители и персоналот биле евакуирани од зградата.

Брисел – Европската Унија е подготвена на соработка во борбата против тероризмот со Русија, доколку добие предлог за тоа базиран на рационална основа и на почитување на меѓународните правила, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.  Во одговор на новинарско прашање за евентуалната можност за некаква соработка меѓу ЕУ и Русија за борба против тероризам по терористичките напади во Москва, Стано потсети дека по стартот на руската агресија врз Украина, Унијата ја суспендира сета соработка со Русија поради нејзино непочитување на меѓународното и хуманитарното право и на Повелбата на ОН. 

Брисел - Европската комисијата ќе ја финансира набавката на нови авиони за гаснење пожари за да го зголеми капацитетот на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ за справување со огнени стихии, соопшти денеска портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и управување со кризи Балаж Ујвари. 

Тел Авив – Израел денеска оцени дека планот на четири европски земји да работат во насока на признавање на палестинската држава е „награда за тероризмот“ што ќе ги намали изгледите за решение на израелско-палестинскиот конфликт со договор. Шпанија во петокот објави дека се договорила со Малта, Ирска и Словенија да ги преземе првите чекори кон признавање на палестинската државност во окупираниот Западен Брег и Појасот Газа.

Остани поврзан