• четврток, 02 мај 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

16 април 2024

 

 

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Скопје - Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот, при што на територија на град Скопје изречени се вкупно 188 мерки, меѓу кои 25 за возење повеќе од дозволената брзина. Како што соопшти МВР, изречени се и 17 мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, четири мерки за управување под дејство на алкохол.

Велес - Пожар избувнал синоќа во 23 часот на отворен простор кај селото Горно Јаболчиште во општина Чашка, гори букова шума, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оттаму веднаш пратиле известување до ЈП „Национални шуми“ подружница „Бабуна“ од Велес, од каде што добиле одговор дека ќе упатат вработени кон пожарот за да го гаснат. Според податоците на ЦУК, имало вкупно 22 евидентирани пожари на отворен простор во изминатото деноноќие. Од нив, утрово осум сѐ уште се активни. Пожарот над село Селце, што гори од 11 април, сѐ уште е активен и покрај тоа што на терен гаснеле два хеликоптера од МВР и ренџерите од Национален парк „Шар Планина“ со 10 лица, а и четири пожарникари од ТППЕ - Тетово.

Скопје - Синдикатот на Македонска пошта денеска, ќе одржи прес-конференција пред објектот на Владата, на која ќе ја информира јавноста за состојбите во претпријатието. - По одржаниот протест на 18 март годинава, Синдикатот на Македонска пошта, во насока на заштита на социјално економските права на работниците пред започнување на постапката за штрајк, побара итни средби со Управниот одбор и Владата, преку социјален дијалог да отпочнеме со процес на реорганизација и реформи за зачувување и стабилизација на претпријатието, односно прифаќање на барањата на вработените кои се од суштинско значење, велат од Синдикатот.

Скопје - Министерството за култура и Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија денеска информираат за вториот циклус на повикот на УНЕСКО, Британскиот совет и на Италијанската агенција за развојна соработка финансиран од Европската Унија за аплицирање во рамките на заедничкиот проект „Култура и креативност за Западен Балкан“. Од Министерството за култура соопштуваат дека по повод повикот, за сите сите заинтересирани институции, организации и физички лица, во петок (19 април) со почеток во 10:00 часот во КСП ЦЕНТАР – ЈАДРО  ќе се одржи информативната сесија и презентација за проектот, која може да се следи и онлајн со регистрирање преку платформата „Зум“ ( на следниот линк) .

Скопје - Првата детска амбасада „Меѓаши“ денеска на прес-конференција ќе ги презентира наодите од годишниот извештај за работата на „Ало бушавко“ - телефонот за деца и млади. Како што информираат од „Меѓаши“, овој извештај дава преглед на дојавите во периодот од 01.01.2023 до 31.12.2023 година, за проблемите поврзани со правото на заштита од насилство, правото на образование и правото на пристап до други институции, за кои се обратиле јавувачите и со нив поврзаните права на детето кои биле загрозени или прекршени (остварувањето на родителското право, доделувањето старателство, остварувањето на правото на алиментација, промени во психичката состојба на децата во периоди на развод и нарушена комуникација со своите родители), како и улогата на волонтерите во работата на линијата за деца и млади.

Скопје – На Правниот факултет на УГД-Штип денеска, ќе се потпише Меморандум за соработка на синдикатите од шесте јавни универзитети во нашата држава.  По потпишувањето на меморандумот, ќе следи и промоција на книгата „100 години синдикално движење во Штип-1923-2023 година" од проф. д-р Андон Мајхошев од штипскиот Правен факултет и проф. д-р Оливер Цацков од ФОН при УГД-Штип. Промоцијата ќе се одржи во Свечената сала на Правниот факултет на УГД-Штип со почеток во 12.30 часот.

Скопје - На сцената на Националната опера и балет вечер, со почеток во 20.00 часот, ќе се изведе современиот балет „Сага“ на Рисима Рисимкин, во рамките на jубилејното 20. издание на Танц Фест Скопје. Претставата е дел од програмата „Паралели“, која фестивалот ја остварува во соработка со Националната опера и балет. 

Скопје – Дел од долгометражниот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, ќе се снима денеска во СУГС „Браќа Миладиновци“ во Драчево. На првата клапа на филмот, кој е во продукција на „Систерс и брадер Митевски“, ќе присуствува и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Агенцијата за филм Владимир Ангелов.

Скопје - Во книжарницата „Литература.мк“ вечер ќе се одржи свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2023 година и промоцијата на победничкиот роман – „Риба во(н) мрежа“ од авторката Јована Матевска Атанасова. На петтиот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз“, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавиле и учествувале 36 ракописи. Покрај победничкиот роман, жири-комисијата ги разгледала во најтесниот избор и ракописите „Страшни приказни“ од Сузана Камберова, „Неочекувано“ од Ана Мовска (псевдоним) и „Интервенција“ од Игор Рамдедов, за кои наведе дека се издвоиле од мноштвото по оригиналноста на содржината и по стилската изведба.

Скопје - На ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести и на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, „Алкалоид“ ќе им донира од иновативниот лек „Омепразол“ во течна форма – готов за употреба. Детали за донацијата, компанијата ќе соопшти денеска, на прес-конференција на Медицинскиот факултет при УКИМ. За иновативниот лек „Омепразол“ во течна форма, „Алкалоид“ АД Скопје неодамна го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност.

Загреб - Предизборен молк  стапи на сила во Хрватска на полноќ во пресрет на парламентарните избори в среда, на 17 април, а ќе трае до затворање на гласачките места во 19 часот Во Хрватска ќе бидат отворени повеќе од 6.500 избирачки места за 11-те парламентарни избори, а првиот ден од гласањето е  денеска 16 април во дипломатско-конзуларните претставништва во странство, како посебна изборна единица. На вкупно 165 листи има 2.302 кандидати кои се борат за 151 мандат во хрватскиот Сабор Среда, 17 април ќе биде неработен ден во Хрватска. Пратениците во 151-члениот парламент се избираат со мандат од четири години.

Атина – Во пет часот утрово, новинарите во Грција во сите медиуми, организирани од нивните здруженија и федерации започнаа 24-часовен штрајк, со што учествуваат во утрешниот штрајк на Синдикатот на вработените во приватниот сектор, а Грција денеска ќе биде без вести и информативни емисии, јави дописничката на МИА од Атина. Штрајкот се однесува на сите новинари, техничари и административни службеници во сите медиуми (печатени, радио, телевизија и онлајн) во јавниот и приватниот сектор, како и во државната телевизија ЕРТ, државната агенција АНА-МПА, во Генералниот секретаријат за медиуми, во прес канцелариите, како и на сајтовите.

Атина – Денеска и утре, Атина ќе биде домаќин на деветтата меѓународна конференција „Наш океан“ („Our Ocean Conference 2024“) што главна цел ја има заштита на океаните, а на која ќе присуствуваат над 120 учесници од 113 земји, меѓу кои лидери на држави и влади и министри од целиот свет, јави дописничката на МИА од Атина. Станува збор за конференција што првпат се одржа во 2014 година на иницијатива на Стејт департментот на САД и тогашниот државен секретар Џон Кери, а секоја година се одржува во различна земја, со цел да се дискутира за прашањата поврзани со заштитата на морињата.

Стразбур - Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска во Стразбур ќе расправа за препораката за прием на Косово во членството на таа паневропска организација. Пред пратениците ќе се најде предлог мислењето за барањето за членство на Косово, со кое се препорачува влез на Косово во Советот на Европа. Документот подготвен од грчката пратеничка Дора Бакојани беше усвоен на 27 март од Комисијата за политички прашања и демократија на ПССЕ. Доколку Парламентарното собрание на Советот на Европа го усвои Мислењето, конечната одлука за членството на Косово ќе ја донесе Комитетот на министри на Советот на Европа кон средината на мај.

Канбера – Австралиската полиција денеска соопшти дека вчерашниот напад со нож, за време на црковна служба во близина на Сиднеј, ќе се третира како терористички акт. Полицијата вчера уапси 15-годишно момче откако во асирската црква во Вејкли, околу 30 километри западно од Сиднеј, избоде со нож четири лица, меѓу кои и епископот на црквата. Повредените, меѓу кои е и напаѓачот се здобиле со полесни повреди. Нападот се случи за време на проповед што се емитувала во живо на интернет.

Виена – Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси изјави дека е загрижен поради можноста од израелски напад врз иранските нуклеарни постројки, но и дека инспекциите на тие објекти ќе продолжат денеска. Тој наведе дека Иран на 14 април, еден ден по нападот врз Израел, ги затворил своите нуклеарни постројки „од безбедносни причини“. Тие беа повторно отворени вчера, а Гроси најави дека инспекторите денеска ќе продолжат со своите активности.

Техеран - Иранските државни медиуми објавија детали за оружјето користено во нападот без преседан врз Израел за време на викендот меѓу кои и проектили со голем дострел способни да прелетаат речиси 2.000 километри - двојно повеќе од растојанието потребно за да се стигне до Израел, јави ДПА. Според државната новинска агенција ИСНА, Техеран користел балистички ракети со среден дострел „Емад“ и „Кајбаршекан“. Модерната верзија на Heybarshekkan има дострел до 1.800 км. Ракетите „Емад“ можат да носат боева глава тешка околу 750 килограми и да прелетаат најмалку 1.700 километри. Според новинската агенција ИРНА, тие се лансирани од подземни ракетни силоси.

Брисел – Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ попладнево ќе одржат вонреден состанок преку видео конференциска врска посветен на најновиот развој на настаните на Блискиот Исток по иранските напади со дронови и проектили врз Израел изминатиов викенд.  Вонредното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ го најави високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во објава на платформата Икс, порачувајќи дека целта на блокот е да придонесе за деескалација на состојбата и за безбедност на регионот. 

Брисел – Во Брисел денеска ќе се одржи средба на високи службеници задолжени за секторите правда и внатрешни работи на ЕУ и на земјите од Западниот Балкан.  Станува збор за структурен дијалог на Унијата со земјите кандидати за членство од регионот на Западниот Балкан што се одржува за време не секое претседателство со ЕУ. 

Вашингтон - Претставничкиот дом на САД следната недела ќе гласа одделно за помош на Украина и Израел, соопшти синоќа републиканецот Мајк Џонсон, повеќе од два месеци откако Сенатот ја отфрли мерката што ги вклучува двете држави. Доцна синоќа, по состанокот со републиканските претставници во Долниот дом на Конгресот, претседателот на Претставничкиот дом рече дека ова тело потоа ќе ја разгледа и помошта за Тајван и американските сојузници во Источна Азија.

Вашингтон - Њујоршкиот судија Хуан Мерчан кој го води кривичното дело против Доналд Трамп околу исплати на Сторми Дениелс, поранешна актерка во филмови за возрасни, во судот во Менхетн го отфрли барањето на експретседателот Мерчан да се изземе и да истапи од учество во процесот. Барањето на Трамп за изземање на Мерчан е заснована на тоа што неговата ќерка која е исто така судија, работи во политичка консaлтинг фирма со клиенти демократи па тоа, според експретседателот, создава конфликт на интереси.

Вашингтон - Мајк Џонсон, спикер на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, неделава ќе свика одделно гласање за новата помош за Израел и Украина. Претходно, нацрт законот предвидуваше едно гласање за оваа меѓународна воена помош, но тоа беше пречка во усогласувањето. Одлуката на спикерот да се гласа по прашањето за помошта на Украина ги зголемува шансите за излез од ќорсокакот во кој се најде Конгресот уште од октомври минатата година, кога претседателот Џо Бајден побара итна помош за одбраната на Киев од руската инвазија.

Вашингтон - Претседателот на САД Џо Бајден повика Претставничкиот дом веднаш да го стави на гласање финансирањето за воена помош на Украина и Израел, веќе речиси два месеца усвоено од Сенатот. Тој ова го повика синоќа за време на средбата со чешкиот премиер Петр Фиала во својот кабинет во Белата куќа. Целта на Бајден е да ги истакне напорите што другите нации ги прават за поддршка на Украина. Неговите коментари уследија по најавата на чешката влада дека испраќа еден милион парчиња артилериска муниција во Украина, за која Киев вели дека е многу потребна на воениот фронт а против Русија.

Вашингтон – Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше со своите колеги од Блискиот Исток и од Европа, изразувајќи ја својата поддршка за Израел по нападите од Иран, но исто така ја истакна важноста на стабилноста во регионот за да се спречи ескалација на конфликтот, соопшти Пентагон. Израел е под притисок од своите сојузници да покаже воздржаност и да избегне ескалација на регионалниот конфликт додека размислува како да одговори на масовниот ирански напад. Началникот на Генералштабот на израелската армија изјави дека земјата ќе одговори на иранскиот напад.

Сеул – Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јул изјави дека треба превентивно да се реагира на сите фактори на ризик што произлегуваат од тензиите на Блискиот Исток по нападот на Иран врз Израел, поради енергетската зависност на Јужна Кореја од регионот. - Тензиите на Блискиот Исток имаат директно влијание врз меѓународните цени на нафтата, што пак има значително влијание врз економијата и синџирот на снабдување на Јужна Кореја. Потребно е превентивно да се реагира на различните фактори на ризик што може да се појават, истакна Јун.

Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска  изјави дека односите на Кина со Германија ќе продолжат цврсто да се развиваат, се додека двете страни меѓусебно се почитуваат и бараат заеднички јазик, и покрај разликите што постојат. Си, на средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц, кој е во тридневна посета на Кина, рече дека билатералните односи мора да се развиваат во секој аспект, од долгорочна и стратешка перспектива. „Се додека двете страни се почитуваат меѓусебно, бараат заеднички јазик, додека одржуваат различни позиции за одредени прашања, комуницираат и учат едни од други, а притоа постигнуваат заемна корисна соработка, односите меѓу Кина и Германија ќе продолжат постепено да се развиваат“, му порача Си на Шолц.

Атина – Традиционално од зраците на сонцето, во античка Олимпија денеска ќе биде запален олимпискиот оган за Летните олимписки игри „Париз 2024“, а откако ќе помине 11 дена низ цела Грција, на 26 април ќе им биде предаден на организаторите, јави дописничката на МИА од Атина.  На денешната манифестација ќе присуствуваат претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, како и претседателите на Меѓународниот Олимписки комитет, на Грчкиот Олимписки комитет и на „Париз 2024“ Томас Бах, Спирос Капралос и Тони Естанге.  Веднаш откако ќе биде запален огнот, ќе започне и штафетното пренесување во цела Грција, организирано од Грчкиот олимписки комитет, што ќе трае 11 дена, а олимпискиот оган ќе помине 5.202 километри и 563 наутички милји со помош на 600 лица.

Вашингтон - Тимот на САД го избра својот состав за Олимписките игри во Париз. Во олимпискиот тим на САД ќе бидат: Леброн Џејмс, Стеф Кари, Кевин Дурант, Џоел Ембид, Ентони Дејвис, Девин Букер, Ентони Едвардс, Џејсон Тејтум, Џру Холидеј, Бам Адебајо и Тајрис Халибартон. Првиот човек на националниот тим на САД, Грент Хил реши да го остави последното место во списокот отворено до јулскиот тренинг камп и ревијалните натпревари во Лас Вегас.

Лидерот на Голден Стејт, Кари ќе го има својот прв настап на Игрите, а калифорнискиот клуб ќе го претставува и тренерот Стив Кер. Репрезентацијата повторно ќе ги спои со поранешниот напаѓач на Вориорс, Дурант.

Остани поврзан