• петок, 10 мај 2024
МИА Радио флеш

26 мај 2023

- Собраниската расправа за пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д кои треба да ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ е завршена. Останува само да се гласа по нив. За денеска во Собранието најавена е само седница за пратенички прашања и засега нема информации кога би се одржала седницата на која би се гласало за овие закони.

 - Собранието денеска ќе ја одржи 116. седница, на чиј дневен ред се пратеничките прашања. Според усогласеното, први прашања поставуваат пратениците од опозицијата. Вообичаено, седниците за пратенички прашања се одржуваат последниот четврток во месецот. 

 - Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи денеска ќе престојува во Косово каде што ќе има средби со претседателката Вјоса Османи Садриу, со премиерот Албин Курти, како и со вицепремиерката и министерка за надворешни работи Доника Гервала Шварц. Како што соопшти МНР, на средбите Османи ќе се осврне на поддршката од страна на ОБСЕ за реформските постигнувања на косовските институции и заедници. 

 - Началникот на штабот на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО за операции, адмирал Јоаким Риле, од денеска ќе престојува во дводневна посета на Армијата на Република Северна Македонија. Адмиралот Риле денеска во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата ќе оствари средби со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Славјанка Петровска.

- Во Скопје денеска ќе биде презентиран ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на труд“, реализиран од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, а поддржан од Европската Унија. Како што информираат од Агенцијата за вработување, проектот се имплементира од септември 2019 година до март 2024 година. 

- Со првата и втората предфестивалска вечер, на која ќе настапат Жељко Самарџиќ, Јоце Панов и Распеани валандовчани и утревечер со Ефто Пупиновски, Ана Бекута и „Куку леле“ на Градскиот плоштад во Валандово ќе биде крената завесата на 36.издание на Фолк фест „Валандово“. Главната фестивалка вечер ќе се одржи в недела во фестивалската сала „Јанко Узунов“, а на сцената ќе бидат исполнети 20 новосоздадени македонски песни.

- Силна експлозија се случи во окупираниот украински град Бердјанск, кој се наоѓа на брегот на Азовското Море, пренесува Киев Пост. Твитер профилот OSINTdefender наведува дека експлозијата се случила во фабриката Азовкабел, за која Украинците тврдат дека руските сили ја користат како нивна база, пренесува Јутарњи лист.

 - Русија сигнализираше дека доколку не се исполнат барањата за подобрување на нејзиниот извоз на жито и вештачки ѓубрива, таа нема да го продолжи договорот по 17 јули кој дозволува безбеден воен извоз на истите производи од пристаништата во три украински региони на Црното Море, пишува Хина. Русија ја упати истата закана и барања во март, само што минатата недела се согласи да го обнови за 60 дена црноморскиот пакт за извоз.

- Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека е подготвен да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за Украина „кога ќе дојде време“. Помина долго време од мојот последен телефонски разговор. Но, кога ќе дојде време, имам намера повторно да разговарам со Путин, рече Шолц во интервју објавено од дневниот весник „Келнер Штад-Анзајгер“.

- Непознат 48-годишен маж, за кој само се наведува дека има грчко презиме, се приклучил на конвојот возила во кој бил германскиот канцелар Олаф Шолц во приватен автомобил, а кога конвојот пристигнал на пистата на аеродромот во Франкфурт, успеал да стигне до канцеларот, да го зграпчи и да го прегрне. Како што јавува „Билд“, инцидентот се случил во средата околу 23:00 часот, само неколку моменти пред Шолц да се качи во владиниот авион.

 – Министрите од службената и привремена Влада на Грција, денеска ќе положат свечена заклетва во Претседателската палата во Атина, по што ќе следи и примо – предавање на функциите во Министерствата, јави дописничката на МИА од Атина. Новата Влада, која има мандат од еден месец и ќе треба Грција да ја одведе на избори на 25 јуни, брои 20 министри, а на позицијата премиер дојде претседателот на Судот на ревизори Јоанис Сармас.

– Две лица се спасени, откако се превртил чамец со мигранти во морскиот дел североисточно од грчкиот остров Миконос, а според портпаролот на грчката крајбрежна служба на Грција Никос Кокалос, спасените изјавиле дека со нив се пренесувале уште шест лица, јави дописничката на МИА од Атина. Кокалос за грчката државна телевизија ЕРТ рече дека од 6.30 часот утрово во тек е спасувачка акција во морскиот дел во близина на Миконос, а се интервенира од воздух, копно и вода, за евентуално пронаоѓање на исчезнатите.

- Перуанскиот парламент вчера го прогласи мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор за персона нон грата. Причината за тоа се вербалните напади на мексиканскиот лидер кон перуанската претседателка Дина Болуарте. Лопез Обрадор ја нарекува Болуарте „узурпатор“ и на почетокот на овој месец одби да ѝ го предаде претседателството со латиноамериканскиот трговски блок Тихоокеанска алијанса, откако го доведе во прашање нејзиниот легитимитет како шеф на државата.

 - Компанијата за импланти на мозокот на Илон Маск, „Неуралинк“ (Neuralink), вчера соопшти дека добила зелено светло од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) да го отпочне своето прво клиничко испитување врз луѓе. Маск од 2019 година повеќе пати предвидуваше дека неговата компанија за медицински помагала ќе почне со испитувања на мозочните импланти врз лица за лекување на тешки состојби, како парализа и слепило, а кон крајот на минатата година се најде на насловните страници кога кажа дека веќе е толку уверен во безбедноста на уредот што е подготвен да го вгради во своите деца.

- „Чајна истерн ерлајнс“ (China Eastern Airlines), првиот купувач на кинескиот домашен млазен авион со потесен труп „Ц-919,“ ќе го пушти првиот комерцијален лет на леталото в недела, соопшти авиокомпанијата.

Авионот беше произведен од страна на Комерцијалната авијација на Кина. Летот со број „МУ-9191“, како што е предвидено, ќе трае 2,5 часа, од Меѓународниот аеродром во Шангај „Хонгкијао“ до слетувањето на Аеродромот во Пекинг. 

 

Остани поврзан