• четврток, 25 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

25 март 2024

 

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ. Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Скопје - Активностите на учесниците на двојните избори за претседател на 24 април и за пратеници на 8 мај се интензивираат. Најголемите политички партии викендов ги презентираа програмите за парламентарните избори, а дел ги промовираа и носителите на листите за пратеници, како и претседателските кандидати. Денеска се очекува да биде познат и редоследот на кандидатите за претседател на избирачкото ливче.  Државната изборна комисија напладне ќе изврши ждрепка за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати за претседател на државата, а потоа и ждрепка за распределба на рекламните паноа и билборди. 

Скопје - Претседателот на Техничката влада на Република Северна Македонија Талат Џафери денеска ќе престојува во посета на населеното место Теарце. Како што соопштија од владината прес-служба, предвидено е Џафери да ги посети Општина Теарце, Основното општинско училиште „Асдрени“ во село Глоѓи и да направи увид на патот во селото Глоѓи каде и ќе даде изјава за медиумите.

Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања и за финансирање и буџет.  На дневен ред на Комисијата за европски прашања се Предлог на закон за виното, во второ читање, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност во прво читање и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, во второ читање и за кого има поднесено еден амандман.  На Комисијата за финансирање и буџет на дневен ред е Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, во второ читање. 

Скопје - Матичните лекари од приватното здравство денеска од 12 до 16 часот нема да работат во знак на револт, откако во петокот нивен колега беше пронајден мртов со убодни рани на паркингот пред поликлиниката Железара. Претседателката на Здружението на приватни матични доктори, Лилија Чолакова Дервишова во изјава за МИА во петокот истакна дека е неопходно да се донесе закон за докторска дејност со кој точно ќе се дефинираат условите, правата и должностите на лекарите.

Скопје - Во изминатитет три дена дена имало 53 пожари на отворено, а само во последното деноноќие 22, соопшти ЦУК. Пожари имало во Охрид, Тетово, Скопје, Куманово, Штип, Битола, Велес и Струмица. Карактеристичен пожар што предизвикал дополнителна штета, освен на вегетацијата, е во Велешкиот регион каде што пожарникарите од ТППЕ Велес од 13.12 до 14.48 часот вчера, со два пожарникара и едно ПП возило гаснеле опожарена ниска вегетација, ѓубре и дрво во близина на с.Фојница, кај Фојнички Мост. Биле опожарени и три греди од мостот.

Скопје - Македонските писатели и поети Стефан Марковски, Санде Стојчевски и Марина Мијаковска ќе учествуваат во првото одбележување на Денот на европските автори - 25 Март, кое годинава ќе се случи во 40 земји кои се дел од програмата „Креативна Европа“. Денот на европските автори го организира најголемата европска писателска федерација – Европскиот писателски совет.

Скопје - Студентската изложба „Уметноста во функција“, во организација на Факултетот за природни и технички науки, Ликовната академија и Технолошко - техничкиот факултет на Универзитетот Гопце Делчев во Штип, денеска ќе биде отворена во Тренинг центарот на Универзитетот. Како што најавуваат организаторите, на изложбата ќе бидат претставени дела на студенти од овие факултети. 

Скопје – Кристијан Станојковски од клубот Крива Паланка и Амелија Николов - ППК Шампион Фа се најуспешните пинг-понгари на Државното првенство за сениори и сениорки одржано викендот во „Јане Сандански“ во Скопје.

Приштина – Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, ја поздрави одлуката на Парламентарното собрание на НАТО за унапредување на статусот на Косово од парламентарен набљудувач во придружна членка, јави дописникот на МИА од Приштина. Преку објава на платформата „Х“, Маќедонци порача дека вчерашната одлука на Парламентарното собрание на Северноатлантската алијанса е голем чекор за безбедноста, не само за Косово, туку и за регионот.

Софија – Шефицата на бугарската дипломатија и мандатар за состав на новата коалициска влада, Марија Габриел, од централно-десничарската партија ГЕРБ, вчера изјави дека не е постигнат договор за формирање нова влада со централно-десничарската партија Промените продолжуваат (ПП). По парламентарните избори минатата година, двата политички табора кои излегоа на врвот, ГЕРБ и ПП, направија договор за поделба на власта, според кој функцијата премиер ќе биде ротирачка. Првите девет месеци премиер беше академик Николај Денков, пренесе Хина.

Москва - Пред Окружниот суд Басмани во Москва вчера се појавија сите четворица осомничени за нападот во концертната сала во предградието на Москва, во кој загинаа 137 лица, а 154 се повредени. Двајца од нив, наведува Скај Њуз, ја признале својата вина за нападот, но сите ќе останат во притвор најмалку до 22 мај.

Париз - Француската влада го покрена нивото на тревога од тероризам на највисоко ниво по пукањето во Москва, изјави синоќа премиерот Габриел Атал по состанокот на највисоките безбедносни и одбранбени претставници со претседателот Емануел Макрон. Атал во објава на Х порача дека одлуката, која доаѓа неколку месеци пред Париз да биде домаќин на Олимпијадата, е донесена „во светло на преземањето на одговорноста на Исламската држава за нападот во Москва и заканите што ја притискаат нашата земја“.

Брисел - Начините за справување со текстилниот и прехранбениот отпад, намалување на загадувањето со микропластика и климатските цели на Европа до 2040 година ќе бидат главни теми на денешната средба во Брисел министрите задолжени за животна средина и клима на земјите членки на ЕУ.  Со Советот за животна средина ќе претседава министерот за климатски промени, животна средина, енергија и партиципативна демократија на Бриселскиот Регион, Ален Марон, а на заседанието ќе присуствуваат и еврокомесарите за животна средина, океани и рибарство Виргинијус Синкевичиус и за климатска акција Вопке Хукстра. 

Брисел - Европската Унија цврсто ја осудува најавата на израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич дека Израел за „државно земјиште“ прогласил над 800 хектари површина на окупираните територии на Западниот Брег, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).  Како што јави дописникот на МИА од Брисел, посочувајќи дека ова е „најголема конфискација по Договорот од Осло“, ЕЕАС нагласува дека изградбата на еврејски доселенички населби на окупираните територии претставува сериозно прекршување на меѓународното хуманитарно право.  

Берлин – Две лица загинаа, а 27 се повредени во верижен судар на околу 40 возила на автопатот во близина на Вирцбург, во германската област Баварија. Една 52-годишна жена и двегодишно дете загинаа на местото на несреќата, додека друго дете мораше да биде пренесено во болница со повреди опасни по живот, изјави утрово портпаролот на локалната полиција.

Каиро – Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска треба да пристигне во Египет на уште една рунда кризни разговори во услови на се покатастрофална хуманитарна ситуација во Газа, со планирани дополнителни посети на Израел и Западниот Брег. Како што јави ДПА, Бербок во Каиро треба да се сретне со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри. Таа потоа треба да замине за Израел, што ќе биде нејзина шеста посета на земјата по терористичките напади на Хамас на 7 октомври, во кои загинаа околу 1.200 луѓе.

Вашигтон - САД и Јапонија го планираат најголемото досега унапредување на нивниот безбедносен сојуз откако двете земји потпишаа заеднички одбранбен договор во 1960 година, објави „Фајненшл Тајмс“. Планот на 10 април ќе го објават американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида на средбата во Белата куќа.

Тел Авив - Само лудак или идиот не би реагирал како што реагираше Израел на 7 октомври, го цитира таблоидот „Израел Хајом“, поранешниот американски претседател Доналд Трамп во кратка верзија на написот, додека целосното интервју со него ќе биде објавено подоцна денеска. Досега, Трамп не го искажа јасно своjот став за одговорот на Израел на нападот на Хамас во октомври, а најмногу повторуваше дека долго планираниот напад немаше да се случи доколку тој сè уште беше претседател на САД.

Газа - Шефот на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци (УНРВА) изјави дека Израел ги информирал ОН дека повеќе нема да дозволува конвои со храна на УНРВА во северна Газа. „Ова е неверојатно и намерно ја попречува помошта за спасување живот поради глад кој го ​​предизвика човек. Овие ограничувања мора да бидат укинати“, рече шефот на УНРВА Филипе Лазарини на платформата „Икс“.

Газа – Израел повтори дека милитантите на Хамас ги користат како бази болниците во Газа, каде што се води војна повеќе од пет месеци. Хамас и медицинскиот персонал ги негираат наводите. Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека еден од членовите на нејзиниот персонал е убиен кога израелски тенкови ненадејно упаднале во областите околу болниците Ал-Амал и Насер во јужниот град Кан Јунис, за време на силно гранатирање и бомбардирање.

Бејрут – Најмалку 11 собирачи на тартуфи беа убиени во напад што и се припишува на џихадистичката група Исламска држава во сириската пустина која порано беше нејзино упориште, соопшти невладината организација Сириска опсерваторија за човекови права. Припадниците на Исламска држава поставиле мина која експлодирала кога поминувале возила со собирачи на тартуфи. Нападот се случил во пустината на провинцијата Рака во северна Сирија, соопшти Опсерваторијата. Џихадистите киднапирале уште три лица.

Пјонгјанг - Ким Јо Јонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, денеска изјави дека јапонскиот премиер Фумио Кишида неодамна изразил желба да се сретне со него. Ким посочи дека таквата средба не зависи само од волјата на Кишида и дека Јапонија ќе се смета за непријател „кога јасно ги крши суверените права на Демократска Народна Република Кореја“, но додаде дека двете земји можат да отворат нова иднина доколку Јапонија се одлучи за патот на меѓусебното почитување.

Манила - Филипините соопштија дека во Министерството за надворешни работи повикале дипломат од Кинеската амбасада во Манила по „воинствените дејствија“ на кинеската крајбрежна стража и кинески брод во близина на гребен во Јужното Кинеско Море.Манила го изрази својот „силен протест против агресивните дејствија преземени во саботата од страна на кинеската крајбрежна стража и поморската полиција“ против филипинскиот брод за снабдување во близина на спорен остров во Јужното Кинеско Море. Според Филипините, кинеските гардисти го блокирале бродот за снабдување и го оштетиле со водени топови, при што биле повредени тројца војници.

Буенос Аирес - Неколку десетици илјади Аргентинци се собраа вчера на Денот на сеќавањето на жртвите на диктатурата (1976-83) со порака „никогаш повеќе“ и против актуелните власти кои го оспорува бројот на жртвите и настаните што доведоа до тоа време. Центарот на Буенос Аирес беше полн со граѓани, како и неколку авении кои водат до Пласа де Мајо, едно од најпопуларните места за собирање во последниве години за традиционалниот Ден на сеќавањето, кој се слави на 24 март.

Мексико Сити - Мексиканските власти синоќа соопштија дека се пронајдени 58 од 66 луѓе киднапирани на 22 март во северозападниот град Кулијакан. „Денеска дома се вратија уште 16 луѓе, 12 возрасни и четворица малолетници, што значи дека се пронајдени вкупно 58 луѓе“, соопштија локалните власти и додаваат дека работат на пронаоѓање на останатите осум киднапирани.

Амбунти - Три лица, меѓу кои две деца, загинаа во земјотресот што во вчера го погоди регионот Источен Сепик, во Папуа Нова Гвинеја. Земјотресот со јачина од 6,9 степени уништи околу 1.000 домови, а епицентарот на земјотресот бил на 38 километри од градот Амбунти, на длабочина од околу 40 километри, пренесе Еј-Би-Си Њуз.

Остани поврзан