• среда, 24 април 2024
МИА Радио флеш

22 март 2024 

 

- Лекар од поликлиниката Железара синоќа е пронајден мртов со убодни рани на паркингот пред поликлиниката. Како што информираат од МВР за МИА, според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. - На 21.03.2024 во 23:09 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, на паркинг пред поранешната клиника Железара, со убодни рани по телото бил пронајден А.Т.(67) од Скопје. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

 - Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија во соработка со локалната самоуправа, денеска со почеток од 15:00 часот на плоштадот Александрија во Прилеп организираат отворен ден за граѓаните. Настанот е дел од активностите со кои се одбележуваат 75 години од формирањето на НАТО и воедно четири години од нашето членство во Алијансата. На отворениот ден, присутните ќе имаат можност да се запознаат со артилериските системи и орудија од артилерискиот баталјон, вооружување, воената опрема и возила од повеќе единици, меѓу кои од пешадиските единици, баталјонот на воена полиција, баталјонот за врски и изидувачко разузнувачкиот баталјон. Граѓаните исто така ќе имаат прилика да ги проследат борбените вештини на припадниците на баталјонот за специјални сили и алпинистичките вештини на ренџерите од составот на изидувачко разузнувачкиот баталјон.

 

– Косовскиот премиер Албин Курти објави дека вчера, на неколку метри од границата на Србија со Косово, било забележано движење на специјални единици на српската армија, јави дописникот на МИА од Приштина. Покрај видео клипот објавен на неговата официјална страница на Фејсбук, Курти напиша дека оваа акција на српските сили уследи откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ јавно му се закани на Косово, со пораката дека „Србија го чека најдобриот можен момент“ за да се избори „за својата кауза“. Курти вели дека припадниците на српските сили се видени во близина на селото Бање во Зубин Поток, додека слични движења се регистрирани и во селото Осларе во Бујановац, во близина на границата со Косово.

 

- Зголемениот недостиг на вода може да поттикне конфликти ширум светот, предупредија Обединетите нации, јави ДПА. На глобално ниво, 2,2 милијарди луѓе немаат пристап до безбедно управувана вода за пиење, а 3,5 милијарди немаат пристап до безбедно управувана санитација, според извештајот на Организацијата за образование, наука и култура на ОН, УНЕСКО, објавен по повод Светскиот ден на водата. -Секој втор човек ширум светот страда од недостиг на вода неколку месеци во годината. И во некои делови од светот, овој недостиг стана правило, наместо исклучок. Ги знаеме последиците од таквата ситуација: недостигот на вода не само што го разгорува пламенот на геополитичките тензии, туку претставува и закана за основните права како целина, на пример со значително поткопување на положбата на девојчињата и жените, изјави генералниот директор на УНЕСКО Одри Азулеј. Азулај рече дека пристапот до вода и зачувувањето на водните ресурси се „суштински предизвици“ за општествата.

 

- Цените на нафтата „потонаа“ на почетокот на азиското тргување денеска поради изгледите за конечен прекин на огнот во Газа. Тоа би можело да ги олабави глобалните резерви на нафта. Во исто време, посилниот американски долар и послабите цени на нафтата го намалија расположението за побарувачката. Нафтата „брент“ поевтини за 18 центи на 85,60 долари за барел до 0011 ГМТ. Фјучерсите на американската сурова нафта CLc1 паднаа за 19 центи на 80,88 долари за барел. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера рече дека верува оти разговорите во Катар би можеле да постигнат договор за прекин на огнот во Газа, што ќе ги зголеми шансите за поголемо глобално снабдување со нафта.

 

 - Швајцарскиот суд казни четири лица за транспарент употребен за време на протестот во Берн во 2017 година против турската влада, на кој, покрај зборовите „Убиј го Ердоган“, беше прикажан и пиштол вперен во ликот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Високиот суд во Берн прогласи четворица демонстранти за виновни за јавно поттикнување на злосторства или насилство. Пресудите беа обжалени до Федералниот суд на Швајцарија. Последната пресуда ги поништи ослободителните пресуди донесени во март 2022 година од страна на Регионалниот суд во Берн-Мителанд на четворица левичарски демонстранти, како што е наведено во пресудата од 65 страници. Секој од обвинетите е казнет со различни суми, во вкупна вредност од 12.246 долари за нивното учество во контроверзните демонстрации.

 

- Советот за безбедност на ОН денеска ќе гласа за нацрт-резолуцијата на САД со која се бара итен прекин на огнот во Газа и договор за заложници меѓу Израел и Хамас. Со тоа, САД ќе го зголемат притисокот врз Израел, со цел да дозволат поголема хуманитарна помош и подобро да ги заштитат цивилите во Појасот Газа, кои секојдневно се бомбардирани. Портпаролот на американската мисија во ОН, Нејт Еванс, рече дека резолуцијата е резултат на многу рунди консултации со претставниците на земјите-членки на Советот. Резолуцијата означува заострување на ставот на Вашингтон кон Израел. Американците во минатото не сакаа да повикаат на прекин на огнот и ставија вето на мерките што вклучуваа повици за итен прекин на огнот.

 

 - Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд одобри трет преглед на програмата за заем на Украина од 15,6 милијарди долари и одобри исплата на 880 милиони долари буџетска поддршка, со што вкупните исплати ќе достигнат 5,4 милијарди долари, соопшти ММФ. Фондот наведува дека ризиците за Украина остануваат исклучително високи, особено неизвесноста околу војната со Русија и изгледите за надворешно финансирање, иако шефот на мисијата во Украина, Гевин Греј изјави дека ММФ сè уште очекува војната во Украина да заврши до крајот на 2024 година. Греј рече дека севкупните перформанси на Украина во рамките на програмата на ММФ останаа силни во првата година и ги исполнија сите, освен еден од квантитативните критериуми за успешност. Стандардно тоа е за даночните приходи, но вклучува многу мал износ. „Украина треба да ги добие средствата во наредните денови“, рече Греј.

 

- Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала е регистриран утрово јужно од грчкиот остров Крф. Земјотресот се случил во 7 часот и 20 минути по локално време и бил почувствуван на островот, а епицентарот бил на длабочина од 9,2 километри, пренесува Катимерини. Грчката агенција за планирање и заштита од земјотреси (ОАСП) соопшти дека во раните утрински часови се случил уште еден земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот бил на 20 километри југозападно од островот Отони. Нема информации за штети во овие земјотреси. 

 

- Во текот на претходната ноќ, Русија лансираше околу 90 проектили и 60 експлозивни беспилотни летала кон Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека во тие напади има загинати. „Имаше повеќе од 60 Шахед (вид на експлозивно беспилотно летало) и речиси 90 проектили од различни типови“, напиша Зеленски на социјалните мрежи. Претседателот на Украина изрази сочувство до семејствата на загинатите „во тој терор“. Тој не соопшти други детали.

 

- Триесет и шест кинески воени авиони се забележани околу Тајван во изминатите 24 часа, соопшти Министерството за одбрана на островот. Ова е најмасовниот прелет на кинески авиони регистриран оваа година, пренесоа француските медиуми. -Тринаесет од авионите ја преминаа средната линија на Тајванскиот теснец, објави Министерството, мислејќи на неофицијалната демаркациона линија меѓу Кина и Тајван, која Пекинг не ја признава. Во 24 часа до 6:00 часот по локално време Министерството за одбрана пресретна и шест воени бродови кои пловеа околу Тајван. Министерството синоќа соопшти дека биле пресретнати 20 воени авиони, беспилотни летала и транспортни авиони.

 

- Алжир денеска соопшти дека ќе одржи предвремени претседателски избори на 7 септември годинава. „Донесена е одлука да се организираат предвремени претседателски избори на 7 септември 2024 година“, објави алжирското претседателство во соопштението објавено по состанокот со кој претседаваше претседателот Абделмаџид Тебун. На средбата учествуваа и премиерот, претседателите на двата дома, началникот на Генералштабот на вооружените сили и претседателот на Уставниот суд.Последните претседателски избори во Алжир, на кои победи Тебун со 58 отсто од гласовите, се одржаа на 12 декември 2019 година.

 

– Фудбалската федерација на Германија (ДФБ) потпиша договор за партнерство со американскиот гигант Најк за периодот од 2027 до 2034 година, што значи дека по цели 70 години германските фудбалери веќе нема да настапуваат во дресови со знакот на германскиот производител Адидас. Најк ќе ги опреми сите репрезентации на ДФБ и ќе го промовира германскиот фудбал во целост. „Најк ја претстави убедливо најдобрата економска понуда, чија сума нема да ја откриеме, изјави претседателот на Управниот одбор на ДФБ, Холгер Бласк.

Остани поврзан