• недела, 21 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

 27 март 2024

 

Скопје - Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со учесници од Програмата за истражување на младински и образовни политики во Младински образовен форум (МОФ). Како што информира Кабинетот на претседателот, младите од Албанија, Србија и од Северна Македонија говореле за активностите и областите во кои ги насочуваат нивните капацитети во рамки на програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти, што Младинскиот образовен форум ја организира во партнерство со Центарот за наука и иновации за развој од Албанија и Младинската иницијатива за човекови права од Србија.

Скопје - Претседателот на Собранието, Јован Митрески денеска се сретнал со делегацијата на ад-хок Комисијата на Парламентарното собрание (ПС) на Советот на Европа (СЕ) за набљудување на претседателските и парламентарните избори во државава, кои престојуваат во дводневна предизборна мисија, соопшти собраниската прес-служба. На средбата биле присутни и Дарко Каевски, шеф на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Скопје - Не се точни тврдењата дека Европската Унија не ја сака Северна Македонија за членка на ЕУ, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, на настанот со кој започнаа Деновите на НАТО во земјава, по повод одбележување четири години од членството на Северна Македонија во Алијансата и 75 години од нејзиното формирање. -Вообичаено е да се слушнат гласови на сирени кои велат дека оваа земја не може да и’ пристапи на Европската Унија дали затоа што Унијата не ја сака внатре или затоа што не е способна да биде дел од Европската Унија. Ниту едно од овие тврдења не е точно. Ние сакаме Северна Македонија да биде дел од Европската унија. Патот е практичен и многу лесно остварлив, подвлече Гир.

Скопје - Триесет млади граѓани, идни офицери на Армијата на Република Северна Македонија денеска на Воената академија во Скопје дадоа свечена заклетва, по што ќе започнат со нивното школување на Воената академија, соопштија од Министерството за одбрана. Министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето по овој повод, на слушателите на Курсот за стручно оспособување и усовршување на офицери им порачала дека оваа заклетва преставува нешто многу повеќе од изговорените зборови и дека ја симболизира нивната непоколеблива посветеност на кауза што е поголема од нив самите.

Скопје – Со показна точка „Егзерцир“ во изведба на Армиската гарда, промоција на две поштенски марки и доделување признанија за воениот и цивилниот состав на Армијата денеска пред платото на Министерството за одбрана беше одбележана четиригодишнината од зачленувањето на земјава во НАТО и 32-годишнината од формирањето на Генералштабот на Армијата. - На овој ден во 2020 година покажавме каде припаѓаме, кои се нашите заеднички вредности и кое е нашето место како земја која отсекогаш се залагала за мир, демократија, безбедност и стабилност. Но, овој датум има и друга историска важност – клучен датум во создавањето суверена и независна Македонија, рече министерската за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање. Таа нагласи дека на истиот датум во 1992 година се создадоа услови за формирање на македонската Армија.

Скопје - Членството во НАТО не беше само формално пристапување кон една организација - тоа претставуваше квантен скок напред кон безбедност, стабилност и просперитет за нашата земја и нашиот народ, оценува дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев. Во објава на „Фејсбук“, Бојмацалиев посочува дека влезот во НАТО нè става под заштита на една од најмоќните безбедносни алијанси во светот, што, како што вели, значи дека нашите граници и нашата сувереност се заштитени од надворешни влијанија.

Скопје - Новиот анекс на Договорот со кинески „Синохидро“ за изградба на автопатот Кичево-Охрид се однесува само на продолжување на временскиот рок за изградба кој сега се предлага да биде до крајот на 2026 година, а финансиските средства за изградба остануваат непроменети, односно 598 милиони евра, изјавија за МИА од Министерството за транспорт и врски, откако Владата синоќа усвои Информација на продолжување на рокот за  изградба и законот  го препрати на усвојување во Собранието. Од Министерството за транспорт посочуваат дека Одлуката за продолжување на рокот е заснована врз основа на информациите содржани во извештајот од ФИДИК експертот кој беше изготвен поради истекот на претходниот рок од 31 декември 2023 година.

Скопје - Доктор Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти, информираше дека на денешната средба во Министерството за здравство им било кажано дека МЗ ќе испрати информација до Владата и до ФЗО, да постапуваат согласно веќе донесените одлуки и веќе од наредниот месец да биде коригирана платата на приватните специјализанти.

Скопје - Брзо и паметно планирање на капитални градежни објекти, е една од функционалностите на софтверската платформа Ана-Ли за дигитализација на клучните бизнис процеси и унапредување на работење на компаниите од  градежништвото, што беше презентирана денеска, а е поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). -Апликацијата е наменета за институции, инвеститори, инжинеринг фирми, како и помош во комуникација меѓу проект менаџери, градежни инженери, проектанти, раководители на објекти, надзорни инженери со цел навремено идентификување на евентуалните недостатоци и доцнења  во изведбата како и следење и планирање на трошоци и финансискиот тек во процес на изградба,  рече на презентацијата Катерина Јакова Лазарова од стручниот тим на проектот. 

Скопје – Принуда, сајбер напади, несоодветна инфраструктура, логистички пречки, кампања за дезинформација, секој од овие ризици претставува закана за кредибилитетот на изборните процеси, а во соочувањето со овие ризици Државната изборна комисија (ДИК) не може да работи изолирано, од суштинско значење е заедничкиот пристап и соработка на сите засеганти страни вклучени во изборниот процес, вели претседателот на ДИК Александар Даштевски. Даштевски на денешната панел дискусија насловена „Засилување на соработката помеѓу институциите за проценка на изборните ризици“, рече дека посочените ризици изискуваат осмислување на сеопфатни стратегии за полесно справување.

Скопје - Имаме принципиелен заеднички договор за настап на парламентарните избори и очекуваме понатаму, врз основа на тој договор, да функционираме како идна влада, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи го преминувањето на некои од досегашните владини коалициски партнери во опозицијата. Тој напомена дека не може во нивно име да каже зошто се одлучиле на таков чекор иако, како што напомена, би сакал причината за тоа да биде изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Скопје - Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, заменик- претседателката на СДСМ Сања Лукаревска и организацискиот секретар на СДСМ Митко Трајчулески денеска во Собранието остварија средба со делегацијата на ад-хок Комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на претседателските и парламентарните избори во Северна Македонија. На средбата, како што информира СДСМ, се разговараше за подготовките и позициите на политичките партии за претстојните  претседателски и парламентарни избори во државата.

Скопје - Компанијата „Алкалоид“ АД Скопје денеска пушти во употреба нови капацитети за производство на цврсти фармацевтски форми, со површина од 6.200  метри квадратни, во вредност од 19,4 милиони евра.   Со новата техничко-технолошка единица двојно се зголемува производствениот волумен, па така, наместо досегашниот капацитет од две милијарди таблети годишно, моменталниот проектиран производствен капацитет е повеќе од четири милијарди таблети годишно. 

Гостивар – Со ставањето потпис на договорите на претседателите на политичките партии Демократската унија за интеграција и Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ), денеска во Гостивар беше официјализиран коалицискиот договор за претстојните претседателски и парламентарни избори. Али Ахмети, лидерот на ДУИ на прес-конференцијата во Центарот за култура „АСНОМ“, коалицискиот договор го оцени како историски чин на соработка која, како што рече, ќе трае и по изборите.

Скопје - Политичките партии ГРОМ – Граѓанска опција за Македонија, ИНТЕГРА - Македонска конзервативна партија и ПЦЕР – Партија за целосна еманципација на Ромите денеска потпишаа коалициски договор за заеднички настап на претстојните избори. Договорот беше потпишан од тројцата партиски лидери Стевчо Јакимовски на ГРОМ, Љупчо Ристовски на ИНТЕГРА и Самка Ибраимовски на ПЦЕР.

Анталија - Македонската фудбалска репрезентација до 18 ја забележа втората победа во рамките на меѓународниот турнир „Анталија Куп 2024". Избраниците на селекторот Вујадин Станојковиќ, по победата над Естонија забележаа убедлив триумф со 3:0 над ФК Анталиаспор. „Црвено-жолтите“ во првите 30 минути постигнаа три погодоци и многу рано го решија прашањето на победникот на оваа средба. Стрелци на головите беа Андреј Силјаноски, Матеј Гаштарови Давид Матески. 

Белград - Во Србија се уште е безуспешна потрагата по двегодишно девојче од Бањско поле крај Бор, Данка Илиќ, која вчера попладне изчезна крај својот дом, а денеска потрагата се прошири и преку контрола на патните правци од Бор кон Зајечар и други населени места, јави дописникот на МИА од Белград. -Данка Илиќ, стара две години исчезна во 13 часот и 45 минути во населбата Бањско поле во град Бор. Девојчето исчезна на непристапен терен, обраснат со густа шума. Таа има кафена коса, кафени очи, висока е околу 85 сантиметри, во моментот на исчезнувањето носела виолетови панталони, маслинесто зелена јакна, црни патики и косата и е врзана во опавче. Доколку имате информации јавете се во полиција на 192, добија за прв пат СМС порака граѓаните на Србија преку системот „Пронајди ме“ и со прекинување на ТВ и радио програмите, прикажување на екраните на автопатите, аеродромите, железничките и автобуските станици.

Брисел - Европската комисија денеска презентираше три иницијативи за унапредување на транснационалната соработка меѓу високообразовните институции во ЕУ, со крајна цел воведување на единствена европска диплома.   Станува збор за пакет што содржи Информација за план за европска диплома и два предлози за поддршка на високообразовниот сектор - за подобрување на процесите за квалитетно и автоматското признавање на дипломите во високото образование и за обезбедување на попривлечни и одржливи академски кариери. 

Балтимор - Нуркачи од Националниот одбор за безбедност на транспортот на САД ја пронајдоа „црната кутија“ од бродот што вчера рано изутрината удри во мостот „Френсис Скот Ки“, изјави претседателот на НТСБ, Џенифер Хоменди. „Црната кутија“ ќе биде анализирана и институцијата ќе испита дали валканото гориво имало улога во губењето на моќта на бродот како дел од истрагата за несреќата, изјави Хоменди за Си-Ен-Ен. 

Белград - Првиот заменик постојан претставник на Русија во ОН, Дмитриј Полјански, изјави дека Москва побарала состанок на Советот за безбедност на ОН за НАТО бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година, но дека руските дипломати сè уште го чекаат одговорот на претседавачот, јави дописникот на МИА од Белград. Полјански рече дека Русија на 25 март испратила официјално писмо до јапонската мисија која претседава со Советот за безбедност на ОН, соопшти РТС.

Берлин - Автобус се преврте на автопатот А9 во близина на германскиот град Лајпциг, при што загинаа најмалку пет лица. Другите патници се тешко повредени. „Во несреќата загинаа пет лица“, потврдил за германски „Билд“ полицискиот портпарол Олаф Хоуп, додека идентитетот на жртвите не е откриен. Автопатот е затворен во двата правци, а на местото на несреќата се наоѓаат полиција и истражители, како и екипи на итната помош. Спасувачите соопштија дека над местото на несреќата дежураат пет хеликоптери.

Берлин - Германската економија ќе има раст од само 0,1 отсто во 2024 година, се вели во пролетната прогноза што денеска ја објавија пет водечки германски економски истражувачки институти. Економските експерти значително ги намалија очекувањата во однос на претходната есенска прогноза, кога веруваа дека економскиот раст на Германија во 2024 година ќе изнесува 1,3 отсто. Експертите очекуваат економски раст во Германија од 1,4 отсто во 2025 година, додека наесен предвидуваа 1,5 отсто, се наведува на веб-страницата на Институтот за економски истражувања ИФО во Минхен.

Варшава – Припадници на полските специјални служби денеска повторно извршија претреси во домовите на поранешните владини функционери од партијата Право и правда (ПиС), како дел од истрагата за наводна злоупотреба на средствата на Министерството за правда, изјави портпаролот на државното обвинителство. Во октомври 2023 година, националистичката партија ПиС ја загуби власта по осум години владеење од коалицијата на проевропски партии предводена од Граѓанската платформа на Доналд Туск.

Абу Даби - Четиринаесеттата група ранети палестински деца и болни од рак пристигнаа во ОАЕ за да добијат медицинска помош во медицинските установи во Емиратите, објави новинската агенција ОАЕ-УАМ. Третманот е обезбеден по инструкции на претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахајан. Авионот, кој полета од Ел Ариш со 32 Палестинци и 64 членови на семејствата, слета во Абу Даби. Семејствата на пациентите изразија благодарност до ОАЕ за значајната хуманитарна помош која има за цел да ги олесни тешкотиите на палестинскиот народ.

Бишкек - Министерството за надворешни работи на Киргистан ги советуваше граѓаните на оваа централноазиска земја да ги одложат патувањата во Русија, кои не им се неопходни, откако мигранти од регионот беа посочени како извршители на терористичкиот напад во близина на Москва. Руски суд вчера му одреди притвор на Киргистанец под обвинение дека ги засолнувал четворицата осомничени таџикистански извршители на нападот во концертната сала во Красногорск минатиот петок. Тој и уште тројца осомничени таџикистански соучесници исто така се во притвор.

Ерусалим - Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари го повика „светот да дејствува и да стори сé за да ги ослободи заложниците“ по исповедта на една Израелка за сексуалното злоставување што го претрпела додека 55 дена била заложник на Хамас во Газа. Четириесетгодишната адвокатка Амит Сузана беше киднапирана од нејзиниот дом во Кибуц Кфар Аза на 7 октомври за време на напад на командоси на Хамас на југот на Израел.

Киев - ЕУ му додели повеќе од 130 милиони евра на германскиот производител на оружје „Рајнметал“ за да го зголеми производството на муниција, објави Укринформ, повикувајќи се на соопштение на прес-службата на германската компанија. Средствата ќе бидат искористени за проширување на производството на муниција од 155 милиметри и барут. „Програмата ќе поддржува проекти во Германија, Унгарија, Романија и Шпанија“, се вели во соопштението. „Рајнметал“ потсетува дека оваа година ЕУ ќе одвои вкупно околу 500 милиони евра за зголемување на производството на муниција.

Акра - Сулемана Абдул Самед од Гана е веројатно највисокиот човек во Африка. Според неодамнешното мерење, 30-годишниот маж е висок 2,89 метри, што го прави и можеби највисокиот човек на светот...  Во Гинисовата книга на рекорди е запишан Турчинот Султан Косен, кој е висок 2,51 метри. За официјализирање на новиот светски рекорд, пречка било тоа што лекарите во околната болница во северна Гана немале соодветни мерни алатки, пишува Би-Би-Си.

Лос Анџелес - Американската глумица Ева Мендез во емисијата „Тудеј“ проговори за тоа како се запознала со нејзиниот партнер, глумецот Рајан Гослинг, на снимањето на нивниот филм „Местото зад боровите“ (The Place Beyond the Pines) од 2012 година. Никогаш не бев доживеала нешто слично. Начинот на којшто (Рајан) работи, неговата посветеност на задачата, како сака сè да направи што е можно подобро - а тоа значи да ги направи своите колеги - што е можно најдобри. За жал - или за среќа, има само еден Рајан, па после тоа речиси престанав да глумам, изјави Мендез.

Остани поврзан