• петок, 26 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

18 април 2024

Скопје - Во вторниците 23 април и 7 мај, т.е. деновите пред одржувањето на изборите во државава, наставата во училиштата ќе се реализира вообичаено согласно распоредот, а училиштата во кои утредента ќе се организира гласање ќе работат од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија односно класови, соопшти Министерството за образование и наука.

Деновите на изборите, средите 24 април и 8 мај 2024, се неработни за сите училишта. МОН денеска во сопштение наведува дека и покрај овие два неработни дена, наставата од учебната 2023/2024 ќе се реализира во целост, како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта.

-Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, посочува  МОН.

Скопје - Заменик-министерот за финансии Филип Николоски заедно со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска од денеска до сабота ќе престојува во Вашингтон, каде ќе учествува на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, кои годинава се посветени на барање решенија за справување со глобалните предизвици, особено во делот на финансиите и знаењето, поттикнувањето на инвестициите во приватниот сектор, како и подготвеноста за идни кризи.

Заменик-министерот за финансии, како што најавуваат од Министерството за финансии, покрај учеството на состаноците во рамки на Пролетните средби, ќе  оствари средби и со високи претставници на Светска банка и ММФ, на кои се очекува да стане збор за макроекономските политики и очекувањата на среден рок, имајќи ги предвид реформите што претстојат, напредокот во ЕУ интеграцијата, како и предизвиците од поширокиот глобален контекст.

Скопје - Решителна и поефикасна борба против корупцијата, реформи во судството, повисоки плати и пензии, поддршка за младите, стопанството,.. најави денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на стартот на кампањата за парламентарните избори.

Во обраќање на настанот „Нема откажување од европската иднина“  во присуство на носителите на листи во шесте изборни единици упати пораки дека нема откажување од патот за членство на државата во ЕУ кое рече дека ќе се случи до 2030 година но со проевропска влада што ќе ја формира СДСМ.  

Ковачевски оцени дека програмата на СДСМ и Коалицијата е реална и остварлива и оти нема откажување од неа додека секој ред од неа не стане реалност.

Скопје - Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на стартот на кампањата за парламентарните избори упати пораки до опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека, како што рече, со лажни вести, со фингирање анкети, со злоупотреба на институции, со празни зборови и со ширење страв, ниту се победува на избори, ниту се гради држава.

- Сега повторно слушаме како ВМРО-ДПМНЕ сее страв дека со членството во Европската Унија ќе сме ја изгубеле државата. Ветуваат некакви алтернативни решенија за членство во Европската Унија. Тоа е само продавање магла. Такво нешто не постои никаде, освен во нивните глави. ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски, е истото ВМРО-ДПМНЕ кое на чело со Груевски, 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор. Мицкоски гордо чекори по стапките на неговиот идол со адреса на живеење во Будимпешта. Исто како и Груевски, спремен е Македонија уште 100 години да не влезе во Европската Унија, рече Ковачевски на настанот „Нема откажување од иднинатата“ во Скопје.

Охрид– Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Охрид на првиот ден од предизборната кампања за престојните парламентарни избори, порача дека партијата ќе води позитивна кампања, кампања на проекти, на надеж, и како што посочи, „кампања што ќе ја врати довербата на граѓаните во институциите“.

- После шест и пол години урнисување, криминал, понижувања, грабеж на институциите, грабеж на Македонија, сакаме да водиме кампања што на граѓаните ќе им ја врати надежта. Цениме дека надежта недостасува... Освен неколкумина од ДУИ и малкумина измеќари од раководството на СДСМ, сите останати граѓани имаат чувство дека се граѓани од втор ред. Тооа мора да престане, но после 8 мај ќе има и одговорност за се она што се случувало изминатите шест и пол години...Мотивирани сме, желни да покажеме да го оставиме срцето на терен за интересот на граѓаните и на Македонија, рече Мицкоски.

Скопје - „Европскиот фронт“ предводен од Демократската Унија за интеграција денеска во Скопје одржа симулациска конститутивна седница на Собранието, со тоа, сликовито прикажувајќи што би се случувало ако победат на парламентарните избори. На оваа симулациска седница, едногласно со 120 гласа беа изгласани уставните измени согласно Договорот за добрососедски односи и уставните измени со кои претседателот на државата би се избрал во Собранието со двотретинско и Бадентерово мнозинство. На оваа седница беше инаугуриран Бујар Османи за шеф на државата.

Најпрвин беа верификацирани мандатите на пратениците и Зијадин Села беше избран за претседател на Собранието.

Како трета точка на дневниот ред од оваа симулациска седница беа предложени и усвоени уставните амандмани со кои бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ ќе станат дел од Уставот на Република Северна Македонија.

Скопје - Основниот граѓански суд Скопје донел решение со кое ќе се повтори постапката за Работничкиот дом кој со одлука на Врховниот суд треба да му биде одземан на Сојузот на синдикати на Македонија, информира попладнево претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

На прес-конференција, Трендафилов рече дека очекуваат ова прашање да се реши најбрзо што може.

- До 1 мај очекуваме приоритет на постапката и нова пресуда која ќе значи враќање на предметот на повторно одлучување пред пониските судови, пред првостепениот и Апелациониот суд, или укинување на пресудата на Врховниот суд и на таков начин враќање на Работничкиот дом на работниците, рече Трендафилов.

Скопје - По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кочани, а по признание на вина, Основниот суд во Кочани донесе осудителна пресуда за едно лице за кривично дело „убиство“ извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин, при што за сторителот е изречена казна доживотен затвор.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, обвинетиот, на 25.09.2023 година на свиреп начин лишил од живот жена, нанесувајќи и многубројни убоди со нож.

Атина – Договорот беше потпишан и сега веќе претставува договор што ги обврзува и двете страни, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот брифинг со новинарите во Солун, одговарајќи на новинарско прашање за изборите кај нас и ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го користи името „Северна Македонија“, но и во однос на сценариото за поништување на договорот од наша страна, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис потсети на позицијата на Нова демократија додека беше опозиција, рече дека ставот тогаш беше јасно изразен, но посочи дека паралелно Кирјакос Мицотакис, како лидер на тогашната опозиција, „јасно стави до знаење дека од моментот кога овој договор ќе се изгласа, мора да се почитува и претставува договор на грчката држава“.

Загреб - Во Хрватска денеска се очекува да започнат преговорите за формирање на владејачкото мнозинство, бидејќи ниту една партија на вчера одржаните парламентарни избори, не освои доволно мандати самостојно да формира влада.

Владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) освои најмногу гласови, што на таа партија и дава најголеми шанси да формира ново мнозинство, но изборните резултати сугерираат дека ќе има тешки преговори за тоа.

Белград - По задржувањето на четворица припадници на косовската полиција, одреден е притвор до 48 часа за заменик директорот на косовската полиција, Дејан Јанковиќ, за утврдување на фактите и потребните проверки во врска со безбедноста на Република Србија, соопшти српското МВР

Останатите лица се пуштени по безбедносни проверки.

Бања Лука – Стратешките резервни сили на ЕУФОР распоредени во Босна и Херцеговина во текот на месецот и во мај заедно со вооружените сили на БИХ ќе патролираат низ земјата, а не само во Пале и во источно Сараево, објави ЕУФОР.

ЕУФОР соопшти дека распоредувањето на овие сили не е поврзано со ништо друго и дека овие активности се планирани долго време и се насочени кон постигнување на редовни цели за обука.

Брисел - По иранските напади врз Израел, од суштинско значење е да се избегне каква било понатамошна ескалација на тензиите на Блискиот Исток, поради што повикуваме на итен прекин на огнот во Газа согласно Резолуцијата 2728 на Советот за безбедност на ОН, се наведува во заедничката писмена изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич. 

- Бараме итно и неограничено зголемување на протокот на хуманитарна помош во Газа, за да се спречи понатамошна ескалација на оваа хуманитарна криза и на катастрофалниот, предвидлив и можен исход за локалното население, се наведува во изјавата. 

Борел и Ленарчич посочуваат и дека Европската комисија ги нотирала заложбите на Израел за отворање нови пристапни точки за дистрибуција на хуманитарна помош во Газа, вклучително и пристаништето Ашдод и преминот Ерец, како зголемување на испораката на помош од Јордан, но дека приоритетно се потребни видливи активности во таа насока. 

Киев - Во вчерашниот украински напад на воениот аеродром на Крим сериозно се оштетени четири руски ракетни фрлачи, три радарски станици и друга опрема, соопшти денеска украинската воена разузнавачка агенција.

Четири ракетни фрлачи земја-воздух С-400 и контролен пункт за воздушна одбрана стациониран во воздухопловната база Џанкој се меѓу опремата „уништена или критично оштетена“, објави агенцијата на Телеграм.

Вашингтон - Повеќе од 15 членови на познатото семејство на поранешниот американски претседател Џон Кенеди ќе ја поддржат кандидатурата за реизбор на американскиот претседател Џозеф Бајден.

Со овој потег тие ќе се обидат да ја намалат легитимноста на кандидатурата на Роберт Кенеди Џуниор, син на родениот брат на поранешниот претседател Џон Кенеди.

Москва – Околу 18.000 домови и денеска се под вода, во големите поплави во Русија, откако нивото на реката Тобол, во близина на границата со Казахстан, се закани да се зголеми до рекордно ниво, јави ДПА.

Од вчера се поплавени уште 1.700 куќи, јавија руските државни медиуми, повикувајќи се на властите, додавајќи дека во последните неколку дена се евакуирани илјадници лица.

Регионот Оренбург, јужно од планината Урал, и регионот Курган, во Сибир, се најпогодени од катастрофалните поплави во близина на нејзината јужна граница со Казахстан, потсетува германската агенција.

Женева - Светската здравствена организација денеска изрази загриженост поради големото ширење на птичјиот грип Х5Н1 меѓу новите видови, кој развива способност да зарази и луѓе. 

„Мислам дека ова останува огромна загриженост“, изјави главниот научник на здравствената агенција на ОН, Џереми Ферар за новинарите во Женева.

Појавата на птичји грип почна во 2020 година и доведе до смрт на десетици милиони живина, при што се заразени и диви птици, како и копнени и морски цицачи.

Остани поврзан