• среда, 18 септември 2024
МИА Радио флеш

17 септември 2024

-Собранието денеска со 65 гласа „за“ го  изгласа Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, по скратена постапка. Во текот на општиот претрес за законот на продолжението на 14. седница опозицијата обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и носи огромни политички и економски последици со енормно зголемување на јавниот долг. Наспроти нив, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен иоти ќе се помогне на општините и на стопанството. Заемот  од Унгарската експорт - импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

-Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска се сретна со амбасадорката на САД, Ангела Агелер со која разговараше за претстојното Генерално собрание на ООН, евроинтеграциите на Северна Македонија и важноста од забрзување на процесот, што би придонело за економски развој, подобрување на владеењето на правото и борба против корупцијата. Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски  изразил благодарност за континуираната поддршка од САД во реформските процеси и демократскиот развој на државата. Разменети биле мислења за билатералните односи и можностите за нивно зајакнување во рамки на Стратешкиот дијалог.

-На денешната владина седница министерот за европски прашања, Орхан Муртезани е назначен за главен преговарач со Европската Унија за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, соопштија од Министерството за европски прашања. За заменик на главниот преговарач е назначена заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков. На оваа седница, се наведува во соопштението, задолжено е Министерството за европски прашања да подготви нова Одлука за воспоставување на структура за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

-Охрид утре и задутре ќе биде домаќин на 23. состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите. Како што велат од АХВ за МИА, на состанокот ќе учествуваат високи претставници на Европската Комисија (ЕК), Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации (ФАО), Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), реномирани експерти за болеста африканска чума кај свињите и претставници од ветеринарните служби од Русија, Украина, Молдавија, Естонија, Полска, Латвија Литванија, Германија, Шведска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово, Бугарија и Италија. Во рамки на дводневниот состанок, презентирани ќе бидат актуелната состојба со болеста во Европа и регионот, мерките кои се преземаат за нејзино ставање под контрола и искоренување, како и меѓудржавната соработка на надлежните ветеринарни служби.

-Претседателот на Собранието Африм Гаши еклатантно го крши новиот Деловник и нашиот правен тим размислува да му поднесе кривична пријава за несовесно вршење на службата, односно пречекорување на дискрециони овластувања, затоа што ако внимателно и граматички го читате новиот Деловник, можноста за да не ја свика Комисијата е само на претседателот на матичното тело, но не и кај спикерот, рече денеска пратеникот на Левица Димитар Апасиев во врска со надлежноста на Гаши да ја свика матичната собраниска комисија да заседава за донесениот Закон за бранители. Според Апасиев, правната одговорност е кај спикерот Гаши, додека политичката кај владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Ваквата ситуација, додаде, создава правна пукнатина која во иднина уште повеќе ќе се злоупотребува. 

-Сакам да го изразам моето големо задоволство за ресорот одржлив транспорт и туризам, за кое е избран Апостолос Ѕиѕикостас во новата Европска комисија, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Фејсбук, откако фон дер Лајен го објави составот на новата ЕК, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис посочи дека ресорот ја истакнува геополитичката важност на Грција во поширокиот регион и ја надградува позицијата на земјата во поврзувањето и транспортот, особено на Балканот. -Со самото тоа што во името на ресорот е вклучен и туризмот е голем успех за нашата земја. Успеавме и ја убедивме Европската комисија дека туризмот заслужува свое место во европските политики. А неговиот простор е грчки, бидејќи Грција е пионер во одржливиот развој на туризмот и може да придонесе со предлози и иницијативи во насока на одржлив туризам и подобрување на инфраструктурата. Ресорот исто така ја истакнува геополитичката важност на Грција и нејзината стратешка позиција како земја-порта за трговија, енергија и вмрежување, како кон Западен Балкан и Источна Европа, така и кон североисточниот дел на Медитеранот, напиша Мицотакис.

-Во Црна Гора е пријавен уште еден случај на зараза со Кју треска, што е трет случај во последните неколку дена, соопштија од Институтот за јавно здравје за ТВ Вијести. Според епидемиолозите, засега не е утврден контакт со заразени животни. Претходно беа пријавени два случаи на зараза во Даниловград, а бројот на заразени се очекува да се зголеми, особено кај луѓето кои биле во контакт со болни животни. Властите во Црна Гора спроведуваат епидемиолошки надзор врз 28 лица, а голем број заразени говеда се еутаназирани. Екологистите тврдат дека „инфекцијата се раширила меѓу добитокот, бидејќи биле потребни повеќе од 20 дена за да се усмртат и правилно да се закопа добитокот, бидејќи Црна Гора нема ниту крематориу, ниту гробишта за добиток каде што може да се фрлаат животински трупови“.

-Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци вели дека актуелната влада во изминатите три години купила вооружување во вредност од 249 милиони евра, јави дописникот на МИА од Приштина. Во денешното интервју за телевизијата Клан Косова, Маќедонци изјави дека во оваа сума не е вклучен буџетот за косовските вооружени сили за 2024 година. „Набавките се ориентирани според концептот на купување држава со држава. Значи, инвестициите се вршени во соработка со релевантните министерства на земјите од НАТО со кои договаравме набавка, а се според стандардите на НАТО, бидејќи ние сме јасно ориентирани кон членство во Алијансата и во Европската унија“, рече Маќедонци.

- Предлогот поднесен од екстремната левичарска партија „Непокорна Франција“ (ЛФИ) за импичмент на францускиот претседател Емануел Макрон влезе во собраниска процедура, објави денеска парискиот весник „Ла Паризиен“. Предлогот претпладнево го мина првиот круг од собраниската проверка, со 12 пратенички гласа „за“ во 22-члената комисија. Сојузниците на ЛФИ, вклучително и пратеници од Социјалистичката партија, изјавија дека нема да гласаат за импичмент на францускиот претседател. Предлогот на „Непокорна Франција“ досега собра поддршка од повеќе од 80 пратеници. За предлогот да се најде на дневен ред на француското Собрание потребна е поддршка од две третини од пратениците.

-Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека вчера разговарал за „Планот за победа на Украина“. Украинскиот претседател додаде дека планот вклучува неколку точки: воени, политички, дипломатски и економски. „Неопходните чекори се јасно дефинирани и ќе ѝ овозможат на Украина најсилни позиции за постигнување мир – вистински и праведен мир“, напиша Зеленски на платформата Икс. Тој додаде: „Ништо невозможно не постои во овој план. Над 90 отсто од него е веќе изработен.“

-Поддршката за Украина го гарантира опстанокот на соседна Молдавија, изјави денеска шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, на конференцијата на која се разговара за загриженоста за активностите на Русија во регионот. -Се што правиме за да ја поддржиме Украина значи и поттикнување на стабилизација во однос на Молдавија. Јасно е дека најголемата грижа на луѓето овде е дека доколку Украина падне, Молдавија е следната, рече Бербок. Германската министерка за надворешни работи пристигна во посета на Кишињев на министерскиот состанок на Молдавската платформа за партнерство, заедно со сојузниците од Франција и Романија.

-Украина мора да добие дозвола да ги користи западните ракети без ограничувања, изјави денеска претседателот на Естонија Алар Карис. Тој, исто така, оцени дека „сите црвени линии“ мора да се преминат и Русија мора да биде протерана од Украина. - Мирот може да биде постигнат само под украински услови, изјави Карис за „Киев Индепендент“. - Нашата позиција е многу јасна: треба да се укинат ограничувањата за употреба на оружјето што го добива Украина од западните земји за да можат да ги целат дроновите на нивна територија (во Русија), изјави Карис, чија земја граничи со Русија. - Кога ќе се случи ова, дроновите нема да стигнат до Украина, Летонија или некоја друга земја, додаде тој.

- Евентуалните одлуки на некои членки на НАТО да дозволат употреба на ракетите со голем дострел што и ги донирале на Украина за напади на руска територија носат ризици, но во услови на војна не постои опција без ризик, оцени генералниот секретар на Алијансата во заминување Јенс Столтенберг во коментар на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека со ваквите одлуки „Западот директно ќе се бори против Русија“. - Но, јас и натаму верувам дека најголемиот ризик за нас, за Обединетото Кралство и за НАТО, ќе биде доколку претседателот Путин победи во Украина, изјави Столтенберг за лондонското радио Ел-Би-Си. Тој нагласи дека останува на секоја земја членка на НАТО да донесе индивидуална одлука дали ќе и дозволи на Украина да ги користи проектилите што и ги донирала за напади врз цели на руската територија.  

-Извршниот директор на Амазон, Енди Џеси најави дека компанија бара од своите вработени да се вратат во канцеларија со полно работно време. Досега вработените во Амазон досега важеше правило дека во текот на неделата треба да поминат најмалку три дена во канцеларија. Според Џеси, укинувањето на хибридниот модел бил дизајниран за подобрување на соработката и меѓусебната поврзаност помеѓу вработените со цел да се обезбеди најдобра услуга за клиентите, но и да се подобри бизнисот. – Кога ќе погледнеме наназад на изминатите пет години, сè уште веруваме дека предностите да се биде заедно во канцеларија се значајни, наведе Џеси. Промената ќе стапи во сила од јануари 2025 година.

-Индија наскоро ќе започне со три години одложуваното попишување на населението, соопшти денеска индискиот министер за внатрешни работи, Амит Шах. Националниот попис, кој се спроведува еднаш на секои десет години, требаше да се изврши во 2021 година, но беше одложен поради пандемијата на Ковид-19, како и поради технички и организациски причини. Локални медиуми наведуваат дека се очекува Индија да започне со пописот овој месец. Владата на премиерот Нарендра Моди има намера во текот на третиот мандат да ги пополни значајните празнини во податоците за населението на земјата, поради што долго време беше критикувана. Новото статистичко истражување ќе трае околу 18 месеци.

-Белата куќа го нарече Илон Маск „неодговорен“ откако тој на социјалната мрежа Икс објави дека „никој не се обидува“ да изврши атентат врз Џо Бајден или Камала Харис. Милијардерот го објави коментарот со емотикон што размислува, но подоцна го избриша и рече дека тоа било замислено како шега. „Па, една лекција што ја научив е дека само затоа што кога кажувам нешто на некоја група и тие се смеат не значи дека ќе биде толку смешно како објава на Икс“, напиша тој. Маск е добро познат поддржувач на Трамп за изборите во САД во ноември, и секојдневно објавува по неколку постови во знак на поддршка на републиканскиот кандидат.

-Кинески воени авиони денеска „следеа“ американски воен авион низ Тајванскиот теснец, соопшти кинеската војска. Американскиот авион бил патролен и извидувачки авион П-8A Посејдон, кој е способен да води „противподморничка војна со долг дострел“, се вели во соопштението на кинеската војска. „Војската испрати воени авиони за следење и набљудување на летот на американскиот авион и постапи во согласност со законот“, рече воениот портпарол Ли Си. „Командните трупи ќе останат во состојба на висока готовност и одлучно ќе го чуваат националниот суверенитет и безбедност, како и регионалниот мир и стабилност“, додаде тој. Американската морнарица сè уште нема коментар.

-По вториот обид за атентат за два месеци, кампањата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп и неговите сојузници соопштија дека тој ќе продолжи со своите активности оваа недела како што беше планирано – и најверојатно ќе продолжи да игра голф. Трамп се сретна со вршителот на должноста директор на Тајната служба на САД во неговиот дом во Палм Бич, Флорида, даде интервју и го спомна настанот само еднаш на платформата Truth Social. Тој неосновано тврдеше во интервју за Fox News дека осомничениот напаѓач постапувал по „многу провокативната реторика“ на Демократите, а подоцна го продолжи ваквиот наратив по социјалните мрежи, пренесува Скај Њуз. 

 

Остани поврзан