• вторник, 17 септември 2024
МИА Радио флеш

17 септември 2024

 – Собранието денеска ќе одржи продолжение на 14. седница, на чиј дневен ред, се повеќе точки, меѓу кои и Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, по скратена постапка. Собраниската Комисија за финансирање и буџет на 13 месецов го даде на натамошна постапка Предлог-законот за заемот од Унгарија. Вкупниот износ на заемот од Унгарската експорт - импорт банка изнесува 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти, Република Северна Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност. Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата. 

- Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе се одбележи Меѓународниот ден на демократијата - 15 Септември. Како што соопшти собраниската прес-служба, на отварање на настанот во присуство на деца и младинци од основни и средни училишта поздравни обраќања ќе имаат претседателот на Парламентот Африм Гаши, швајцарската амбасадорка Вероник Улман, генералната секретарка на Собрание Марина Димовска, како и вишиот резидентен директор на НДИ, Роберт Скот Хејзлет. Според агендата ќе биде изведен перформанс – пантомима, фотографирање со пратеници и пратенички покрај картолините од стрипот „Како Риса го запозна Собранието“ и изведувачите, запознавање со работните тела на Собранието и организирана обиколка на зградата на Собранието.

- Една од заложбите на Владата е посветено да се работи и да им се помага на земјоделците. Затоа издвоени се 1 милијарда денари за исплата за заостанати субвенции за земјоделците. Над 9.000 земјоделци ќе ги добијат своите заслужени средства како поддршка за своето производство. Кај дел од нив се доцни дури 4 години со исплатата. Првата одлука на оваа Влада беше со ребалансот да се обезбедат средства и до крајот на годината нема да има субвенции со кои се доцни кај земјоделците. Домаќинското и посветено работење на Владата ќе придонесе значајна поддршка за земјоделското производство. На овој начин се исправаат и неправдите кон земјоделците кои со својот труд печалат за себе и своите семејства.

- Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од денеска ќе престојува во тридневна работна посета на Тирана во Република Албанија. Генералот Лафчиски во текот на утрешниот ден ќе учествува на 27. Конференција на началниците на Генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД- Јадранската повелба (А-5). САД-Јадранската повелба датира од 2003 година, со потпишување на договор, во која покрај САД како покровител, Република Северна Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Во текот на 2008 година, на иницијативата се приклучени и Босна и Херцеговина и Црна Гора, додека Словенија, Србија и Косово имаат статус на земји набљудувачи.

- На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска и утре е пријавувањето во вториот рок за упис во прва година додипломски студии за учебната 2024/2025 година. По првиот уписен рок на 29 и 30 август, слободни места има на речиси сите факултети во состав на Скопскиот универзитет. Според информациите од УКИМ, на Архитектонскиот факултет во првиот уписен рок се пополнети сите слободни места, додека на Градежен факултет се слободни 233, од кои 123 се наменети за  редовни студенти кои се финансираат од државниот буџет, а 110 за редовни студенти со школарина. На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) за редовни студенти во државна квота се слободни 194 места, а за тие што ќе ги кофинансираат студиите слободни се 99 места. На ФИНКИ (Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство) за редовни студенти во државна квота има 59 места, од кои најмногу (41) на насоката компјутерско инженерство. За редовни студенти со школарина на ФИНКИ има 254 слободни места.

 - Интеграцијата на нашата земја во европското семејство останува наш стратешки и најважен приоритет, истакнал вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, на средбата со новиот шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Михалис Рокас. - Ми беше особено задоволство што денеска се сретнав со новиот шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, на кого му посакав топло добредојде и успешен мандат во нашата земја. Оваа средба ни понуди одлична можност за натамошно продлабочување на односите меѓу Северна Македонија и Европската Унија. Истакнав дека интеграцијата на нашата земја во европското семејство останува наш стратешки и најважен приоритет, рекол Меџити, соопшти неговиот Кабинет.

- Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, упати остра реакција до албанската влада, која, како што се наведува, со своето неделување дозволува фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија непречено да ја шири својата пропаганда во регионите во Албанија каде што живеат Македонците. Според партијата, последниот пример за ова е „донацијата, во која беше и модуларната амбуланта за селото Глобочени, Општина Пустец“.  - Ние не сме против донации кои го подобруваат животот на македонската заедница, но, гневни сме затоа што оваа фондација ги користи овие активности за да ги манипулира историските факти и да ги претстави Македонците како Бугари, изјави за МИА, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.

 – Во првата половина од годинава граѓаните од Албанија и Косово водат во однос на другите земји од балканскиот регион по бројот на барања за азил до Европска Унија. Во најновиот  извештај на Европската агенција за азил (ЕУАА) се наведува дека од јануари до јуни 3.778 државјани на Албанија поднеле барање за азил во земјите чќленки на  ЕУ. - Најголем број барања за азил на граѓани од Албанија се регистрирани во Италија, Грција и Франција. Дури и бројот на барања за азил од државјани на Косово во земја од ЕУ, и во првата половина од годинава биле поднесени 3.375 барања.

- Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Стразбур на средба зад затворени врати со членовите на Конференција на претседатели на Европскиот парламент, што ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, треба да го презентира предлог-составот на новиот Колеџ на комесари и распределбата на ресорите со кои тие ќе раководат. Според првичниот план, ова средба требаше да се одржи минатата недела, на 11 септември, но таа на барање на Фон дер Лајен беше презакажана за денеска, со цел да и се даде време на Словенија да ја заврши процедурата околу номинацијата на новопредложената словенечка кандидатка за еврокомесарка Марта Кос. 

– Извршната потпретседателка на Европската комисија за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Магрете Вестагер во наредниот период ќе раководи и со ресорот за внатрешен пазар по оставката на еврокомесарот Тиери Бретон.  Ова синоќа во објава на платформата Икс го најави претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен.  - Ја примив и ја прифатив оставката на Тиери Бретон и му благодарам за неговата работа за време на неговиот мандат како комесар. Извршната потпретседателка Вестагер ќе го преземе ресорот на внатрешниот пазар и сите релевантни надлежности до крајот на мандатот (на ЕК), наведе Фон дер Лајен во објавата. 

- Најмалку три лица загинаа во неколку пожари во Португалија, јави ДПА. Повредени се вкупно 17 лица. Една од жртвите е пожарникар кој починал од срцев удар додека бил на работа. Пронајдени се и телата на уште две жртви. Едниот бил шумски работник кој горел, а другиот починал од срцев удар додека се обидувал да го изгасне пламенот во близина на неговиот дом. Околу 3.500 пожарникари, војската и персоналот на цивилната одбрана се борат со пожарот. Најтешка е состојбата во северните и централните делови на земјата. Премиерот Луиз Монтенегро ги одложи сите ангажмани за вечерва поради пожарите. Шпанија, Франција, Италија и Грција испратија по два авиони за гаснење на пожарите по барање од Лисабон.

- Еден од кандидатите за градоначалник на Сао Паоло, Бразил нападнал друг со столче за време на дебата. Хозе Луиз Датена и Пабло Марсало се расправаа, а потоа Датена замавна со стол кон својот противник. Сè беше пренесувано во живо од ТВ Култура. Подоцна, Датена изјави за ТВ Култура дека го нападнал Маршал затоа што изнел стари наводи за сексуално вознемирување против него, кои биле отфрлени пред неколку години.

- Руски државјанин кој живее во Сарасота, Флорида, бил уапсен вчера под обвинение за шверц, перење пари и нелегален извоз во Русија на технолошки производи кои можат да се користат за производство на дронови, соопшти американското Министерство за правда, цитирано од британските медиуми. Во обвинението се наведува дека по инвазијата на руските сили во Украина во 2022 година, 44-годишниот Денис Постовој набавил микроелектронски делови што незаконски ги извезувал во Русија, кои би можеле да се користат за производство на дронови, се вели во обвинението на веб-страницата на Министерството за правда.

- Британската влада денеска објави дека ќе одвои 75 милиони фунти (близу 89 милиони евра) за борба против бандите за трговија со мигранти, пренесоа француските медиуми. Овие средства првично беа наменети за финансирање на миграцискиот договор склучен со Руанда, кој на крајот пропадна. Лабуристичкиот премиер Кир Стармер, кој дојде на власт во јули, го отфрли контроверзниот план, поддржан од владејачките конзервативци, според кој барателите на азил кои нелегално пристигнале во ОК ќе бидат депортирани во источноафриканската земја. Стармер во меѓувреме вети дека ќе се справи со „бандите“, вклучени во организирањето на преминувањето на Ла Манш, каде често има смртни случаи.

- Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја обвини реториката на американскиот претседател Џозеф Бајден и потпретседателката, демократската претседателска кандидатка Камала Харис, за наводниот нов обид за негово убиство. -Нивната реторика ги тера да пукаат во мене, кога јас сум тој што ќе ја спаси земјата, а тие се оние кои ја уништуваат земјата, изјави Трамп за Фокс њуз, пренесе агенцијата. „Поради тој наратив на комунистичката левица, куршумите летаат и само ќе се влоши“, рече Трамп доцна синоќа на својата социјална мрежа „Вистина“. Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека го осудува политичкото насилство.

 - Отпорноста на антибиотици може да предизвика смрт на повеќе од 39 милиони луѓе до 2050 година. Ова е заклучокот од студијата објавена во научната публикација „Лансет“, пренесоа светските агенции. За прв пат, ваква студија го проценува влијанието на отпорноста на антибиотици низ годините и се обидува да го предвиди нејзиниот развој. Од 1990 до 2021 година, повеќе од еден милион луѓе годишно во светот умирале поради отпорност на антибиотици. Авторите на студијата се фокусираа на 22 патогени агенси, 84 комбинации на третман со патогени и 11 инфективни синдроми кај луѓе од сите возрасти во 204 земји и територии преку податоци за повеќе од 520 милиони луѓе. Во тие три децении, смртните случаи на деца под пет-годишна возраст директно предизвикани од отпорност на антибиотици се намалија за повеќе од 50 проценти, бидејќи превенцијата и контролата кај доенчињата и малите деца се подобрија.

– Хуманитарната организација Лекари без граници (Médecins Sans Frontières) со седиште во Швајцарија соопшти дека е принудена да ја прекине работата во Русија. - Со тешко срце мораме да ги прекинеме нашите активности во Русија, изјави шефот на руската програма на Лекари без граници. Организацијата е присутна во Русија од 1992 година, но во август соопшти дека добила известување од руското Министерство за правда оти канцеларијата е отстранета од регистарот на невладини организации. Лекари без граници, заедно со Министерството за здравство на Русија, имплементираа програми во Москва, Санкт Петербург, Архангелск, Иваново и Кемеровскиот регион, Чеченија, Ингушетија и Дагестан. Фокусот на таа организација беше лекување и превенција од туберкулоза, особено тешки форми, ХИВ, други заразни болести и работа со ризични групи, вклучително и мигранти.

 – Лидерот на Хамас, Јахја Синуар ја поздрави акцијата на јеменските бунтовници Хути и ракетниот нападот врз Изрел пред два дена. - Хамас заедно со групите на отпорот во Либан, Ирак и Јемен ќе ја скршат волјата на Израел, посочи Синуар. Тој истакна дека Хамас е подготвен за долга војна на исцрпување со Израел.

– Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху деенска изјави дека воена цел на Владата е и враќање на населението во северниот дел од земјата, од каде побегна поради нападите на либански Хезболах. - Владиниот совет за политика и безбедност одлучи во воени цели да го вклучи безбедното враќање на жителите од север во нивните домови, истакна Нетанјаху. Израелските сили и либанската вооружена група поддржана од Иран речиси секојдневно се напаѓаат откако почна војната во Појасот Газа. Стотици луѓе загинаа во насилството, од двете страни. Поради судирите десетици илјади жители ги напуштија своите домови од двете страни на границата. Целта на нападите на Хезболах е да се поддржи Хамас во војната против Израел.

– Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан изјави дека Иранската морална полиција повеќе нема да ги „малтретира“ жените поради задолжителното носење на хиџаб. - Моралната полиција не треба да се судри со жените. Ќе се погрижам полицијата да не ги вознемирува жените, истакна Пезешкијан на двегодишнината од смртта на 22-годишната Махсе Амини, која беше уапсена поради непрописно носење на хиџаб. Обединети нации минатата недела соопштија дека иранските власти по масовните протести поради смртта на Амини ги „засилила напорите“ за сузбивање на правата на жените и уништување на активизмот.

- Американската групација Мета, која ги поседува Фејсбук (Facebook), Инстаграм (Instagram) и ВацАп (WhatsApp), соопшти дека им забранува на руските државни медиуми пристап до тие платформи ширум светот, „за да се избегне странско мешање“. - По внимателно разгледување, ја проширивме нашата акција против руските државни медиуми, се наведува во соопштението од Мета. Одлуката за забрана е донесена откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатата недела ги осуди дестабилизирачките активности на рускиот медиум „Раша тудеј“ (Russia Today).

 - Државната телевизија на Мјанмар објави дека жртви на тајфунот „Јаги“ во земјата се 226 лица, а 77 лица се водат за исчезнати, пренесоа француските медиуми. Патиштата се отсечени, а мостовите се урнати, што го отежнува пристапот до погодените области. Според Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања, околу 631.000 луѓе се погодени од поплавите во земјата. Според истиот извор, поплавите уништиле и речиси 260.000 хектари оризови полиња и други земјоделски култури во земјата. 

 - Хип-хоп магнатот Шон „Диди“ Комбс е уапсен во Њујорк под „неодредени федерални обвиненија“, изјавија федералните власти, јави Би-Би-Си. Апсењето на Менхетен уследи по рациите на два негови имоти во Лос Анџелес и Мајами во март. Лице блиско до обвинителството за „Њујорк тајмс“ изјави дека верува оти познатиот американски рапер е обвинет за рекетирање и трговија со луѓе во својство на сексуална експлоатација. Адвокатот на Комбс, Марк Агнифило, рече дека се „разочарани“ од апсењето и дека неговиот клиент е „невин човек“. Музичарот се соочи со низа обвинувања, од сексуален напад до малтретирање, вклучувајќи ги и оние од неговата поранешна партнерка Касандра „Каси“ Вентура. Тој негираше се за што беше обвинет.

 

 

 

Остани поврзан