• среда, 18 септември 2024
МИА Општински пул

17 септември 2024

Скопје - Без вода утре од 8:30 часот ќе останат корисниците од улиците „Крагуевачка“ и „Драган Ѓакановски-Шпато“ во општина Карпош.

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради изведување на водоводен приклучок Ф 80“ на улицата „Крагуевачка“ бр.9.

Струмица - Со поставувањето втор слој асфалт на дел од булеварот „Ленинова“, практично заокружуваме 90 проценти реализација на рамката за асфалтирање на улици со втор слој асфалт иако уште сме месец септември, изјави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој денеска беше на увид на асфалтирањето улица во централното градско подрачје.

Според Костадинов, се работи за инвестиција на Општина Струмица во износ од 4.127.420,00 денари и било барање од граѓаните за да се асфалтира овој дел од булеварот булевар затоа што бил дотраен.

Куманово - Претставниците на кинолошкото друштво „Кинолог“ од Куманово денеска ги повикаа заинтересираните да се пријавата на десетта по ред меѓународна изложба на кучиња. Претседателот на друштвото, Марко Митровски ги повика излагачите да се пријават електронски и да учествуваат со своите миленици на изложбата.

-Официјалниот дел за сите излагачи започнува во 8 часот на 21 септември (сабота) кога се отвора канцеларијата каде што ќе треба да се подигнат редните броеви и листите за оценка. Изложбата треба да започне во 10, а се планира да трае до 15 часот кога ќе бидат прогласени најубавите кучиња на изложбата, изјави на денешната прес-конференција, Митровски.

Штип - Градот Штип кој е синоним за текстилната и модната индустрија на 30 септември, 1 и 2 октомври организира „Shtip fashion days”. Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова на денешната прес-конференција изјави дека своите  брендови ќе ги презентираат  модни компании од Штип, а ќе учествуваат и студентите со две модни ревии од Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип.

-Овој настан е со цел да се изврши реинкарнација на текстилната индустрија во нашиот град, всушност и самото име и слоганот на настанот е реинкарнација, затоа што општината има потреба од реинкарнирање на текстилната индустрија, со којашто ќе се зајакне локалната економија. Затоа и оваа година ги вклучуваме поголемите текстилни компании, со надеж дека наредната година ќе имаме уште поголем број на учесници и уште поголем број на локални компании, коишто решиле да произведуваат сопствени брендови, вели Шорова-Ангелова.

Куманово - Екипите на Здравствен дом во Куманово интензивно ги повикуваат родителите на децата да ги вакцинираат со ДиТеПер вакцина, информираа денеска надлежните. Од првите случаи на појава на пертусис во Куманово од средината на јануари, годинава досега вакцинирани се 2.900 деца на предучилишна возраст, и околу 1000 деца од училишна возраст. Во Куманово епидемијата беше прогласена во април годинава.

-Од 18-ти јануари работиме на зголемување на бројот на вакцинирани деца. Имаме и училишни и деца на предучилишна возраст. Секојдневно ги проверуваме вакциналните картони и редовно ги повикуваме да се вакцинираат. Како тим сме задоволни сме од досегашниот одзив и настојуваме да го зголемиме процентот на вакцинираните деца. Некои од родителите заборавиле да ги вакцинираат, но има и родители од други причини кои не сакаат да ги вакцинираат децата, изјави доктор Валентина Богоевска - Димитриевска од детски диспанзер Куманово.

Виница - Младите во Виница добија ново игралиште за кошарка и фитнес зона на отворено, што се изградени во рамки на проектот „Направи разлика“ чиј носител е Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип, со финансиска поддршка од УСАИД и Локалната самоуправа на Виница.

На свеченоста по повод предавањето во употреба на спортските терени, а на која присуствуваше и Марк Елингстад, директор на Канцеларијата за демократија и добро владеење на УСАИД, градоначалникот на Виница, Миле Петков истакна дека се работи за важен проект што е реализиран по инцијатива на младите.

Скопје - Поради уличен дефект Ф „100“ на ул. „7 Батинци“ бб (до Поштата), во општина Кисела Вода, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Батинци и село Љубош од 13:00 часот до санирање на дефектот.

Од ЈП Водовод и канализација информираат дека поради дефект на приклучна цевка Ф „5/4“ на улица „Малешевска“ бб, исто така во општина Кисела Вода, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата „Малешевска“, дел од улицата „Антон Димитров“, како и улиците „Коперникова“ и „Славка Динкова“.

Скопје - Охрид утре и задутре ќе биде домаќин на 23. состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите. Како што велат од АХВ за МИА, на состанокот ќе учествуваат високи претставници на Европската Комисија (ЕК), Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации (ФАО), Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), реномирани експерти за болеста африканска чума кај свињите и претставници од ветеринарните служби од Русија, Украина, Молдавија, Естонија, Полска, Латвија Литванија, Германија, Шведска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово, Бугарија и Италија.

Во рамки на дводневниот состанок, презентирани ќе бидат актуелната состојба со болеста во Европа и регионот, мерките кои се преземаат за нејзино ставање под контрола и искоренување, како и меѓудржавната соработка на надлежните ветеринарни служби.

Дебар - Одделението за внатрешни работи-Дебар поднесе кривична пријава против Ќ.М.(22) од дебарското село Могорче, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Тешка кражба“ и „Оштетување туѓи предмети“. 

- На 12 овој месец, искористил поволна прилика и од продажен објект лоциран на улицата „Амди Леши“ во Дебар, бесправно одзел паричник со документи и пари во разни валути во вкупна вредност од 258.300 денари, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Штип - Управата за јавни приходи-регионална дирекција Штип ги повикува угостителите, односно правните лица, кои ќе имаат штандови на претстојната манифестација „Пастрамајлијада“ на 20 и 21 септември да си обезбедат мобилни фискални каси.

Маре Данкова, виш даночен изврштел во УЈП-Штип денеска изјави дека угостителите треба да имаат и налепници, а граѓаните да бараат фискални сметки за да се евидентира прометот.

 

Остани поврзан