• среда, 18 септември 2024
МИА Флеш

  17 септември 2024

 

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги примила акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Црна Гора, Зоран Миљаниќ.

Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, претседателката на церемонијата на предавање на акредитивните писма изразила задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка во сите области од заемен интерес.

Скопје – Во Собранието денеска во присуство на деца и младинци од основни и средни училишта беше одбележан Меѓународниот ден на демократијата, каде свои обраќања имаа претседателот на Собранието Африм Гаши, амбасадорката на Швајцарија во Скопје Вероник Хулман, како и претставникот на Националниот демократски институт (НДИ Роберт Скот Хејзлет.

Гаши во своето излагање пред присутните порача дека демократијата треба постојано да се надградува, бидејќи, како што рече, таа е база за задржување на младите во земјава.

Скопје - Собранието денеска на продолжение на 14. седница почна расправа по Предлог законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, по скратена постапка.

Собраниската Комисија за финансирање и буџет на 13 месецов го даде на натамошна постапка Предлог-законот за заемот од Унгарија.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска имал воведно обраќање на осумнаесеттиот состанок на Работната група за сајбер безбедност на критичната инфраструктура (CICWG). Овој состанок, соопштија од Министерството за дигитална трансформација, е дел од Програмата за дигитализација и отпорност на критичната инфраструктура (CIDR), иницијатива поддржана од УСАИД, фокусирана на зајакнување на сајбер безбедноста во клучните сектори како енергетика, телекомуникации и финансии.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, денеска потпишале Меморандум за соработка за реализација на втората фаза на проектот за ефикасна меѓуресорска координација на активностите кои произлегуваат од членството во НАТО.

- Со денешното потпишување на меморандумот ја продолжуваме значајната соработка со Обединетото Кралство, со цел дополнително зајакнување на нашето сојузништво. Исто така, имплементацијата на втората фаза од проектот ќе овозможи дополнително зајакнување на нашите капацитети и ќе придонесе за натамошното утврдување на земјава како кредибилна НАТО членка, истакнал министерот Муцунски, се наведува во соопштението од МНР.

Скопје - Последниве седум-осум години креативните и културни индустрии (ККИ) се некако маргинализирани. Во 2009 година се првпат формирани ККИ. До 2017-та сме имале некаков развој, се отворале повеќе програми, но од 2017-та наваму до крајот на 2023 година нема развој во креативните индустрии. Затоа сега, со триплирање на буџетот, мислам дека ќе имаме многу голем успех, барем малку да се приближиме до современите европски земји, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков по промоцијата на научниот зборник од 7. Меѓународна научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21. век“.

Според него, креативните и културни индустрии се мостот меѓу културата и туризмот и се исклучително значајни за економијата.

Скопје – Предметот за „балансерот” кој е оформен по поднесена иницијатива од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), утре е на дневен ред на седницата на Уставниот суд.

- Оспорени се член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор, во делот „припадност на заедница“, информираат од Уставниот суд.

Скопје - Центарот за право на бегалци и миграции при Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија, по јубилеен петти пат ја организираат летната школа за правата на бегалците и миграциите. 

Летната школа се одржува од 16 до 20 септември 2024 година, а темата е: „Меѓународното право за бегалци и заштита на лицата без државјанство: граници, националност и перспективи од глобалниот југ“. 

Атина – При потера во центарот на Атина, грчката полиција, во автомобил открила седум мигранти и уапсил двајца криумчари, а при дополнителен претрес на стан, биле откриени уште 11 нелегални мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција утрово соопштија дека во неделата при патрола, полицајци го застанале автомобилот поради сомнително големиот број лица во возилото, а возачот наместо да застане ја зголемил брзината во обид да побегне, по што следела потера.

Тирана - Бродот „Орику“ на албанската воена морнарица, кој е дел од мисијата на НАТО во Егејско Море, спаси 15 мигранти, кои биле во чамец и овозможил безбедно да стигнат на копно.

- Албанските вооружени сили продолжуваат да придонесуваат за безбедносните служби и надвор од границите на земјата. Екипажот на бродот „Орику“, во зоната на патролирање успеа да спаси 15 мигранти од Нигерија и Мароко, за што соработуваше со турската крајбрежна стража за понатамошни постапки, објави албанското Министерство за одбрана.

Виена – Во изминатите 24 часа состојбата во Виена значително се стабилизира, водостојот на реките се намалија, а водата постепено се повлекува од поплавените делови на градот.

Градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг и австрискиот канцелар Карл Нехамер на заедничката прес-конференција повикаа на претпазливост, нагласувајќи дека сè уште не е време целосно да се укине алармот. Сепак, се очекува од утре состојбата трајно да се подобри.

Дополнителни 300 вработени во претпријатието за јавен превоз „Винер Линиен“ се распоредени низ Виена за да ги спроведат безбедносните мерки и да обезбедат поддршка на алтернативниот транспорт.

Берлин - Германија ќе обезбеди дополнителни 100 милиони евра помош за Украина оваа зима, објави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за време на нејзината посета на Молдавија.

- Русија повторно планира 'зимска војна', со цел да го направи животот на Украинците што е можно понеподнослив, изјави Бербок пред состанокот на министрите во Кишињев.

Брисел - Просперитетот, безбедноста и демократијата, заедно со конкурентноста и дигиталната и енергетската транзиција, ќе бидат основни приоритети на новата Европска комисија, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на прес-конференција во Стразбур на која официјално ги претстави новите еврокомесари и ресорите со кои ќе раководат. 

Според неа, целиот Колеџ на комесари ќе биде посветен на конкурентноста и зајакнување на технолошкиот суверенитет, безбедност и демократија и градење конкурентна, декарбонизирана и циркуларна економија со фер транзиција за сите, како и дизајнирање храбра индустриска стратегија со иновации и инвестиции, зајакнување на европската кохезија и региони и поддршка на луѓето, вештините и нашиот социјален модел.  

Стокхолм – Меѓународниот Институт за демократија и изборна помош (ИДЕА) соопшти дека минатата година регистриран е најголем пад на кредибилни избори и парламентарниот надзор во речиси половина век, поттикнати од заплашувањето на владите, странското мешање, дезинформациите и злоупотребата на вештачката интелигенција во кампањите.

ИДЕА истакнува дека кредибилитетот на изборите е под закана бидејќи одѕивот се намалува, а резултатите се повеќе се оспоруваат. Секои трети избори на некој начин се спорни.

Организацијата со седиште во Стокхолм, посочува дека минатата година е забележан пад од 55 отсто на лицата со право на глас, додека тој процент во 2008 година изнесувал 65,2 проценти.

Њујорк - Музичкиот магнат Шон „Диди“ Комбс, кој изминатата година се соочи со серија тужби за сексуални напади и федерална истрага за трговија со луѓе, е уапсен, соопшти адвокатот на продуцентот за Си-Ен-Ен.

Комбс, кој од минатата недела е во Њујорк, беше уапсен вчера во хотелот Парк Хајат на 57-ма улица во Менхетн и беше приведен од истражителите на Одделот за домашна безбедност околу 20:15 часот по локално време, соопшти извор запознаен со преговорите за Си-Ен-Ен.

Апсењето е извршено врз основа на обвинение кое се очекува да биде објавено денеска, според изјавата на Дамијан Вилијамс, американски обвинител за Јужниот округ на Њујорк.

Цирих – Адвокатите на американската гимнастичарка Џордан Чилс поднесоа жалба пред Врховниот федерален суд на Швајцарија за да го оспорат одземањето на бронзениот медал што накратко и беше доделен на Олимписките игри во Париз.

Чилс (23) првично заврши четврта во партер, но беше наградена со бронзен медал благодарение на ревизијата на нејзиниот резултат, што и овозможи да ја престигне Романката Ана Барбоса.

Сепак, романскиот тим ја оспори одлуката пред Судот за спортска арбитража (CAS) и таа жалба беше уважена бидејќи последователно беше утврдено дека барањето на Чилс за ревизија на резултатите било задоцнето.

Барселона – Шпанскиот прволигаш Барселона донесе одлука за иднината на играчот од средниот ред Ламин Јамал, објави денеска весникот Марка.

Според истиот извор, следното лето, кога Јамал ќе наполни 18 години, клубот ќе потпише нов договор со него до 2030 година под значително подобрени услови.

Оваа сезона Барселона има намера да му ја зголеми платата на Јамал, која моментално изнесува 1,5 милиони евра годишно без бонуси.

За услугите на Јамал е заинтересиран и француски ПСЖ, кој е подготвен да плати 200 милиони евра за трансферот на 17-годишниот фудбалер. Сепак, Барселона јасно ставила до знаење дека нема да го продаде играчот.

Тагови

Остани поврзан