• сабота, 27 април 2024
МИА Радио флеш

28 март 2024 

- Во пресрет на претседателските и парламентарните избори, политичките партии во земјава ги формализираат коалициите, а Државната изборна комисија (ДИК) се подготвува за организирање и спроведување на изборите. За една недела односно на 4 април започнува изборната кампања за седмите претседателски избори на кои во првиот круг на 24 април ќе се гласа за седум кандидати. Парламентарните избори се на 8 мај, а до 2 април учесниците на изборите треба до ДИК да ги достават листите со кандидати за пратеници. 

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вчера во седиштето на партијата потпиша коалициски договор со лидерите на партиите кои влегоа во „Коалиција за европска иднина“. Коалицискиот договор го потпишаа СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партија за демократски просперитет на Ромите, СДА, а кон коалицискиот договор се приклучи и Движењето Нова Република. 

- Собранието денеска ќе ја започне последната нова седница во овој парламентарен состав. На предложениот дневен ред за 149. седница се тринаесет точки. По оваа седница закажани се и продолженија на 131-та, 135-та, 138-та, 145-та и 103-та седница.

Во рамки на новата 149. седница пратениците треба да ги разгледаат Предлог на декларација за одбележување на четвртата годишнина од членството на Република Северна Македонија во НАТО и Седумдесет и петтата годишнина од формирањето на Алијансата, Дополнетиот предлог на законoт за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите, Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител, Дополнет предлог на закон за основање на Медицински факултет во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола.

- Во Собранието денеска ќе се одржи презентација на истражување „Комитет за односи меѓу заедниците: 20 години (не)искористени можности и предизвици“. 

Воведни обраќања на настанот ќе имаат Арбана Пашоли, претседателка на Комисијата за односи меѓу заедниците при Собранието и Александар Кржаловски, директор на МЦМС. 

- Информативен ден на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“, ќе биде одржан денеска во Клубот на пратниците на кој ќе учествуваат министерката за одбрана Славјанка Петровска, експерти од оваа програма на Алијансата предводени од шефот на Одделот за управување и координација, Клаудио Палестини, претставници на академската заедница во Северна Македонија и невладиниот сектор.

Информативниот ден ќе го отворат Петровска и Палестини, по што во три работни сесии НАТО експертите ќе ја презентираат програмата „Наука за мир и безбедност“, како и начините како да се интензивира соработката помеѓу академската заедница во Северна Македонија и оваа НАТО – програма, соопшти МО.

- Во знак на признание и благодарност за неговиот значаен придонес и соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески доби благодарница и награда од страна на Универзитетот.

Оваа почесна награда му беше врачена од ректорот проф. д-р Дејан Мираковски по повод 27 март-патронат на УГД за 2024 година. Наградата е знак за благодарност за неговиот важен придонес во областа на економијата и неговата активна соработка со образовната институција, како и напорите на Азески за поврзување на образованието и науката со бизнис секторот.

-  Во организација на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) денеска во Скопје ќе се одржи регионалната конференција: „Сметководството во регионот – трендови, предизвици, стандарди и перспективи“. Ова е прва конференција од ваков формат што се одржува во нашата земја.

На конференцијата, која ќе се одвива под мотото „Во бројките веруваме (In numbers we trust)”, се очекува да земат учество околу 300 сметководители од нашата земја, претставници на професионални организации на сметководители и финансиски работници од регионот, претставници на институции, организации и компании од земјава, како и домашни, регионални и меѓународни експерти од областа.

- Агенцијата за пошти во соработка со Канцеларијата на Народниот правобранител, денеска и утре ќе го спроведе својот прв информативен караван „АП поблиску до корисниците на поштенските услуги“.

Целта е, како што посочуваат организаторите, да се доближи работата на давателите на поштенските услуги пред пошироката јавност, како и да се подигне јавната свест за начинот на користење на правата на корисниците на поштенските услуги.

- Здружението за развој на стратегии, истражување, едукација и промоција на меѓународни вредности ЕСТИМА и Здружението на новинари на Македонија денеска организираат тркалезната маса насловена „Колку гледишта - толку верувања? : спротивставување на странска пропаганда и дезинформациите“.

Тркалезната маса во Клубот на новинари се одржува во рамки на проектот „Спротивставување на странска пропаганда и дезинформациите преку јакнење на капацитетот на медиумите и новинарите“, кој финансиски е поддржан од Амабасадата на САД во Северна Македонија. Целта, како што посочуваат организаторите, е поддршка на медиумите и новинарите во справувањето со странските дезинформации, заштита на македонскиот медиумски простор од авторитарна странска пропаганда, како и известување за проверени и сигурни содржини кои може да им помогнат на граѓаните да изградат веродостојно мислење.

- Пратениците во грчкиот Парламент вечерва ќе гласаат за предлогот за недоверба на Владата на Нова демократија, доставен од четири опозициски партии, предлог што се очекува да не биде изгласан и да не создаде проблеми за владиното мнозинство, јави дописничката на МИА од Атина. 

Пратеничките групи на ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и на Курс на слобода во вторникот доставија заеднички предлог за гласање недоверба на Владата, по иницијативата на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, поради новите информации за железничката несреќа во февруари минатата година кај Темпи, објавени од весникот „То вима“. 

- Москва не бара конфронтација со американските вазали во Источна Европа, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Неколку западни функционери се обидоа да соберат поддршка за поголема помош за Украина тврдејќи дека Москва нема да запре доколку Киев биде поразен на бојното поле. Путин се осврна на овие тврдења за време на посетата на воздухопловната база Торжок во Тверската област.

- Тоа е бесмислица, рече рускиот претседател, укажувајќи на нееднаквоста во трошоците за одбрана на Русија и буџетите на војската на НАТО.

- Адвокатите на Хантер Бајден, синот на американскиот претседател Џо Бајден, побараа да се отфрлат обвиненијата против него за федерално затајување данок како дел од политички мотивираното гонење.

Ејб Ловел, главниот бранител на Хантер Бајден, истакна дека ова не е обичен случај, тврдејќи дека има неправилности во начинот на кој бил покренат и истражен, што федералните обвинители го отфрлија, пренесува Си-Би-Ес њуз.

-  Хрватскиот државен инспекторат ги повлече од пазарот наполитанките Нестле Кит Кат мини поради присуство на минерални масла, соопшти Агенцијата за земјоделство и храна.

Се повлекува исклучиво Несле Кит Кат Мини 200 g во кесичка серија 40580734, со рок на траење од 01.2025 година, пренесува Дневник.хр.

- Доколку американските ловци Ф-16 учествуваат во конфликтот во Украина, полетувајќи од аеродромите во трети земји, тие аеродроми ќе станат легитимна цел на руската армија, предупреди рускиот претседател Владимир Путин.

За време на посетата на Тверската област, Путин потсети дека борбените авиони Ф-16 можат да носат нуклеарно оружје и нагласи дека Москва „ќе мора да го земе тоа предвид“.

- Во текот на ноќта руските војници гранатираа 17 населени места во областа Херсон, при што две лица загинаа, а четворица се повредени, соопшти шефот на воената управа на Херсон, Олександр Прокудин.

„Руската армија гаѓаше станбени области на населени места, оштетувајќи две катни згради и 10 приватни куќи. Како резултат на руската агресија, две лица загинаа, а четири се повредени“, напиша Прокудин на Телеграм.

„Напади се забележани и во пристанишната инфраструктура, објектите за критична инфраструктура, трговски центар, комерцијални објекти и автомобили“, додаде тој.

- Уште два смртни случаи се поврзани со конзумирање на додатоци во исхраната направени од црвен квасец, соопшти денеска компанијата „Кобајаши“.

Јапонското Министерство за здравство вчера соопшти дека смртта на две лица и повеќе од 100 хоспитализации во Јапонија се поврзани со конзумирање на диететски додатоци во исхраната од црвен квасен ориз од фармацевтската компанија „Кобајаши“, пренесува Кјодо.

Производител на лекови од Осака вчера соопшти дека едно лице починало од бубрежна болест откако очигледно земало додатоци „бени-коџи“ околу три години.

Остани поврзан