• понеделник, 22 април 2024
МИА Радио флеш

25 мај 2023

- Граѓаните од североистокот од денеска возат по рехабилитиран патен правец Куманово-Страцин. Патот е во должина од 31,2 километри, обновата чини скоро 12 милиони евра, се рехабилитира по повеќе од три децении. На официјалното пуштање во употреба на реконструираната делница, присуствуваа претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, дел од пратениците и градоначалниците од регионот, претставници од ангажираните компании.

Премиерот кажа дека патот има огромно значење за економскиот и рамномерниот регионален развој за регионот.

- Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ на прес-конференцијата во Белград со преседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи, изјави дека односите со Македонија се во нагорна линија и релаксирани од разни негативни влијанија и дезинформација, јави дописникот на МИА.

„Дозволете да го истакнам нашето големо задоволство од напредокот на односите со Северна Македонија, тие се релаксирани од разни негативни влијанија и дезинформација и погрешни интерпретации, и тие се во нагорна линија.Важно ни е учеството на Македонија во Отворен Балкан, и се согласувам со Бујар Османи што тој смета дека ова не е само економска иницијатива, туку и иницијатива за чекор напред кон помирување во регионот. Мислам дека е многу важно Северна Македонија, Албанија и Србија да продолжат со оваа иницијатива и како што самото име, кажува Отворен Балкан и отврен и за други во него да земат учество“, изјави Дачиќ.

- Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го посети Одделот за воздухопловни единици во седиштето на Хеликоптерската единица за полициски намени во Идризово, која во рамки на МВР постои веќе 54 години. Министерот Спасовски оствари работна средба со раководството на Одделот за воздухопловни единици, по што следеше разгледување на воздухопловите и опремата за нив, поставени на платото пред хеликоптерските хангари во Идризово. 

- Министерството за внатрешни работи во изминатите денови нема дојави за бомби низ училиштата или други институции, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашањето дали има дојави за хибридни закани. 

Тој посочи дека сме единствена држава во регионот која во изминатиот период презеде низа  мерки и донесе упатства и протоколи за справување со хибридни закани. 

- Спасовски апелираше институциите да бидат поажурни при издавање на уверенијата за промена на имињата на улиците.
Интересот на граѓаните е најважен, а не политичкиот интерес при промената на имињата на улиците вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој одговараше на новинарско прашање за проблемите со кои се соочуваат граѓаните во Скопје при издавање на лични документи. 

- Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со директорот на агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Беким Мурати и комуникологот, Бојан Кордалов ,се сретнаа со млади лица во Центарот за социјално претприемништво и разговараа за придобивките и достигнувањата на мерката Самовработување од Оперативниот план кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика заедно со Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. 

- Ќе дисперзираме кадри од Клинички центар низ целата држава, најави министерот за здравство Фатмир Меџити, по денешната презентација на апликацијата „Мое здравје“.

„Не, нови вработувања ќе има. Дефицит на кадар има низ цела држава, посебно средно медицински кадар и ние настојуваме во договор со МФ и со Фондот за здравство, ова веќе да почне да се имплементира и да се случи да има нови вработувања. Значи насекаде имаме дефицит на средно медицински кадар“, подвлече тој, одговарајќи на прашањето дали ќе нема нови вработувања.

- Министерот за здравство Фатмир Меџити изјави дека се работи на набавката на лекот „трикафта“, проблем со кој, како што посочи, се занимава уште од првиот ден на неговата функција.

„Работиме на тоа, уште од првиот ден со овој голем проблем се занимавам. Значи донесовме за 12 пациенти, за тоа што се залагаа и премиерот и Владата. Немало комисија таму, немало точно место каде се лекуваат тие пациенти, распределени се насекаде. Ние работиме на тоа да има еден центар, овие пациенти да се лекуваат квалитетно, долготрајно, ефективно. Сега тоа што ни преостана е протоколот што треба да се финализира“, одговори тој на новинарско прашање за тоа дали има нови информации околу набавката на овој лек, потребен на лицата со цистична фиброза.

- Степенот на имплементација на ИПА помошта за животна средина и забрзување на процесот на искористување на ИПА грант средствата беа главна тема на денешниот состанок на министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова со шефот на Делегацијата на Европската Унија Дејвид Гир, придружуван од шефот за соработка во ЕУ Делегацијата Штефан Худолин и програмскиот офицер за проекти од областа на инфраструктурата посветени на климатските промени, животната средина и природните ресурси Давиде Биксио, соопшти МЖСПП.

-Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, во рамки на јубилејното 90. Генерално собрание на делегати на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), кое оваа недела се одржува во францускиот главен град Париз денеска е едногласно избран за нов генерален секретар на регионалното претставништво на WOAH за Европа, кое е надлежно за вкупно 53 држави. 

-За жал, постои можност Албанија и Република Северна Македонија да бидат одвоени во преговарачкиот процес за влез во ЕУ, бидејќи Република Северна Македонија има одредени услови кои доколку не ги исполни, нема да може да продолжи. Ова го изјави претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој на покана на шефот на државата Румен Радев престојува во официјална посета на Бугарија. Според него, Албанија најверојатно сама ќе може да го продолжи преговарачкиот процес.

- Првата национална стратегија за финансиска едукација и инклузија 2021 ‒ 2025, донесена од Народната банка заедно со другите финансиски регулатори, ги открива јазовите во финансиската едукација и инклузија од различни аспекти, а меѓу нив и родовиот јаз. Воедно предвидува и мерки за справување со нив, истакна главната економистка на Народната банка, Анета Крстевска, на панел-дискусија во рамки на денешниот настан на којшто беше промовирана студијата на Европската банка за обнова и развој за реформи на инвестициската клима за родова одговорност/респонзивност (GRICA) во Северна Македонија. 

- Највисока доверба меѓу граѓаните имаат верските заедници (5.1), војската (5.1) и полицијата (4.3), покажува последното истражување подготвено во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, што ја спроведуваат Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), Центар за управување со промени (ЦУП), со финансиска поддршка од Владата на Швајцарија.

На прашањето „Доколку изборите се одржат следната недела за која партија би гласате?“ повеќе од половина од испитаниците одговорија дека не би гласале или дека не знаат за кого би гласале. За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 17% од испитаниците, за СДСМ 12%, ДУИ доби поддршка од 8% од анектираните граѓани, 4% изјавија дека би гласале за Левица, 3% за Алијанса за Албанците, додека 1% поддршка доби Движењето Беса.

-ЕУ се согласи да ги суспендира рестрикциите за увозот од Украина за уште една година, откако ја отфрли забраната за увоз на жито, воведена од некои земји од ЕУ.

Советот на ЕУ, група влади на ЕУ, објави на Твитер дека министрите на ЕУ одговорни за трговија се согласиле со продолжувањето.

Во јуни 2022 година, ЕУ ги укина тарифите и другите ограничувања за првите 12 месеци.

- Во првото тромесечје од годинава во Албанија забележан е пад на наталитетот за 16,9 отсто, споредно со истиот период минатата година, што е  историски најниска стапка.

„Во првиот квартал од 2023 година има 5.164 новороденчиња, што е речиси половина од просекот по квартал во 2011 година кога имало 8-10 илјади раѓања по квартал.  За првпат под шест илјади новороденчиња имало во 2022 година, а дополнително се намалил на нешто над пет илјади во првите месеци од оваа година“, објави државниот Институт за статистика,  ИНСТАТ.

Претседателот на Нова српска демократија, Андрија Мандиќ изјави дека е голема опасност мешањето на странските амбасади во внатрешниот политички живот на Црна Гора.

„Тие странски амбасади имаат план да формираат коалиција на Европа сега заедно со подмладената ДПС. Тоа е нивната намера. И затоа нашата коалиција треба силно да се поддржи, за да не се реализира овој опасен проект, односно старите поразени сили да се вратат на задната врата и да продолжат таму каде што застанале“, изјави Мандиќ на предизборната средба на коалицијата За иднината на Црна Гора (ЗБЦГ) во Будва.

- Михајло Подољак, висок советник на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека Украина нема никаква врска со „невообичаениот и чуден“ напад со дрон врз Кремљ, минимизирајќи ги извештаите на американските медиуми.

Весникот „Њујорк тајмс“ напиша дека анализите на американските разузнавачки служби покажале дека нападот со дрон врз Кремљ овој месец најверојатно бил извршен од украинска разузнавачка единица или специјална единица. Москва го обвини Киев за нападот.

- Јапонските воздухопловни сили ги подигнаа своите борбени авиони откако над Тихиот Океан и Јапонското Море беа детектирани руски воени авиони, соопшти Министерството за одбрана на Јапонија.

Министерството наведува дека открило разузнавачки авион ИЛ-20 на пат од Охотското Море кон Пацификот. Исто така од Министерството тврдат дека откриле уште еден ИЛ-20, кој полетал кон водите околу островот Садо пред да се сврти и да се упати назад кон континентот.

Остани поврзан