• вторник, 30 април 2024
МИА Флеш

22 април 2024 

- Поради одржување митинг, денеска во 20:30 часот на плоштадот „Скендер бег“, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје.

Како што информираат од СВР Скопје, сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.

- За по еден сантиметар е зголемен водостојот на Охридското и на Дојранското Езеро во споредба со вчера, а нивото на Преспанското Езеро е исто како вчерашното, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Со тоа, водостојот на двете езера е повисок од просечниот за април и тоа за два сантиметра кај Охридското, односно за 1,46 метри кај Дојранското Езеро. Нивото, пак, на Преспанското Езеро е за 2,15 метри пониско од просечното и е еден сантиметар под апсолутно појавениот минимум од 841,91 метри надморска висина.

- Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски и со државната секретарка Магдалена Несторовска, денеска го посетија Одделението за внатрешни работи во Кочани каде со раководството разговараа за безбедносната состојба и подготвеноста пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори.

-Констатиравме дека материјалите успешно се распоредени по гласачките места, МВР ги обезбедува со пешадиски и со мото патроли и досега немаме никакви индиции за нарушувања за денот на гласањето. Исто така, бев информиран дека се задоволителни резултатите за безбедносната состојба на територија и се во тенденција за подобрување, а полицијата ги извршува своите професионални задачи. Разговаравме и за тоа дека во парите за исплата на бонус плата се обезбедени и по завршување на изборите колегите ќе бидат исплатени. Тоа е нешто што редовно во правиме од 2017 година до денес, истакна Бојмацалиев.

- Во текот на март пријавени сe вкупно 1.431 заболени од акутни заразни заболувања што е зголемување за 27 проценти во однос на февруари. Најчесто акутно заболување биел овчите сипаници, а регистрирани се и случаи на заушки и шуга, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

-  Во текот на март, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 825 пријавени лица. Тие во вкупниот број заболени во месецот учествуваат со 57,7 отсто, а во групата на десетте најчести заразни заболувања за овој месец учествуваат со 58,5 проценти. Во однос на претходниот месец февруари, се регистрира зголемување на бројот на пријавени од овчи сипаници за 24,8 отсто, додека во однос на месец март 2023, се регистрира намалување за 9,4 проценти, наведува ИЈЗ.

- Шесте организации кои ја сочинуваа коалицијата „Србија против насилството“ на прес-конференција во собранието најавија дека заедно ќе учествуваат на претстојните избори во Белград и на локалните избори под слоганот „Ја избирам борбата“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Свесни за сета узурпација на режимот, барајќи изговори и купувајќи време кога се во прашање фер избори, решивме да не предадеме без борба ниту еден град или општина во Србија. Ревизија на избирачкиот список, медиумскотот информирање пред се на РТС и РТВ и трето сите избори да бидат споени на 2 јуни. Денеска е седницата на која ќе го донесеме законот што ние го инициравме, сите избори да се одржат на 2 јуни. Успеавме да стигнеме до тоа, изјави Алексиќ во обраќањето до медиумите во српскиот Парламент.

- Владата на Косово оцени дека со организирањето на процесот на гласање за разрешување на градоначалниците на косовскиот север, Косово ги исполнило своите обврски и побара од Европската унија (ЕУ) да ги укине санкциите кои му ги воведе во јуни минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на Владата се наведува дека без разлика на резултатот, обврската што ја имаше Косово е исполнета.

- Русија сега има основа да заплени имот на Западот, откако Претставничкиот дом на САД усвои закон со кој се дозволува потенцијален трансфер на замрзнати руски средства во Украина, изјави претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин, цитиран од британските медиуми.

-Вашингтон донесе закон за конфискација на руски имот за да ја испровоцира Европската унија да ја донесе истата одлука, што ќе биде погубна за европската економија, рече Володин. „Нашата земја ги има сите основи да донесе симетрична одлука во однос на странските средства“, додаде тој.

- Израелската полиција соопшти дека уапсила две лица откако автомобил удри во пешаци во Западен Ерусалим, при што беа повредени три лица.

Полицијата соопшти дека двајцата осомничени биле пронајдени откако побегнале од местото и се сокриле во близина на затворен бизнис.

Снимката од инцидентот снимена со камера за видео надзор и емитувана од израелските медиуми покажува како автомобил удира тројца Евреи. Две лица излегуваат од автомобилот со пиштол и се чини дека се обидуваат да пукаат, но набрзо исчезнуваат од кадарот на камерата.

- За нуклеарното оружје нема место во иранската нуклеарна доктрина, соопшти денеска иранското Министерство за надворешни работи, неколку дена откако командант на Револуционерната гарда предупреди дека Техеран може да ја промени својата нуклеарна политика доколку биде притиснат од заканите на Израел.

-Иран постојано повторува дека неговата нуклеарна програма служи само за мирољубиви цели. Нуклеарното оружје нема место во нашата нуклеарна доктрина, изјави портпаролот на Министерството, Насер Канани, на прес-конференција во Техеран, пренесуваат британските медиуми.

- Воената хунта на Мјанмар жестоко одговори на заземањето на важниот трговски град Мјавади од страна на бунтовниците.

Според локалните медиумите и вооруженото крило на Карен националната ослободителна армија (КНЛА) армијата од петокот до денеска фрлила најмалку 130 бомби врз градот Мјавади, при што загинаа десет цивили.

Мјавади во Мјанмар и Мае Сот во Тајланд ги дели само реката Моеи. Револуционерниот сојуз предводен од КНЛА го окупираше последниот воен гарнизон во градот на 11 април. Останати се само мал број војници кои одбиваат да им се предадат на бунтовниците. Тајландската армија распореди оклопни возила на реката Моеи.

- Германската полиција уапси три лица под сомнение дека шпионирале за Кина, пренесувајќи информации за технологијата со потенцијално воена употреба.

Во соопштението од сојузното обвинителство се наведува дека тројца германски државјани се обвинети дека работеле за кинеската разузнавачка служба уште пред јуни 2022 година. Тие исто така се осомничени и за кршење на германскиот Закон за извоз.

- Изминатиот викенд и денеска во Струмица се одвиваат Тивериополските филмски денови на „Астерфест“, кои се своевидно загревање за годинашното фестивалско издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, манифестација иницирана и востановена уште во 2005 година.

Како што соопштија од Фестивалот, на Светскиот ден на културното наследство на програмата на ТВ ВИС била прикажана реставрирана верзија на комичниот култен филм „Скитникот“ на Чарли Чаплин, од 1915 година.

Остани поврзан