• понеделник, 29 април 2024
МИА Општински пул

Скопје -  Водата во Скопје е безбедна и микробиолошки исправна, соопшти денеска Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје. 

Според неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, направени од 15 април до 19 април годинава, сите анализирани примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

За анализа биле земени 190 примероци за физичко-хемиска и 190 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 46 мерни места во Град Скопје.

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје минатата недела санкционирале 229 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

-Во периодот од 15 до 21 април, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 123 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 106 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани, информираат денеска од ЈП Паркинзи на Општина Центар. 

Струмица - Изминатиот викенд и денеска во Струмица се одвиваат Тивериополските филмски денови на „Астерфест“, кои се своевидно загревање за годинашното фестивалско издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, манифестација иницирана и востановена уште во 2005 година.

Како што соопштија од Фестивалот, на Светскиот ден на културното наследство на програмата на ТВ ВИС била прикажана реставрирана верзија на комичниот култен филм „Скитникот“ на Чарли Чаплин, од 1915 година.

-Покрај ова, во саботата вечер, во кафе-барот „Нагоре“ се случи неформален настан на кој се презентираше најновиот визуелен концепт на претстојното Астерфестово издание, кое е планирано под мотото „Кинореалност ‘24“. Денеска, со почеток од 18 часот, во Europe House (Европскa куќа) во Струмица, ќе се одржи мини панел-дискусија насловена како „Авторството и филмот“. Воведни обраќања на темата ќе имаат д-р Горан Тренчовски, основачот и директор на „Астерфест“ и м-р Васил Михаил, актер и независен филмски творец. По отој повод ќе има проекција на три ексклузивни кратки филмови: „Пишта“ на Киро Урдин, „Четврток“ на Милчо Манчевски и „Деца“ на Наум Пановски. Овие активности се реализираат со поддршка и во соработка со група независни филмски автори, Кинотека на Северна Македонија и струмички субјекти и институции, информираа од „Астерфест“.

Скопје - Поради одржување митинг, денеска во 20:30 часот на плоштадот „Скендер бег“, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје.

Како што информираат од СВР Скопје, сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.

Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

 

Остани поврзан