• понеделник, 29 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

22 април 2024

Скопје - Во текот на март пријавени сe вкупно 1.431 заболени од акутни заразни заболувања што е зголемување за 27 проценти во однос на февруари. Најчесто акутно заболување биел овчите сипаници, а регистрирани се и случаи на заушки и шуга, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

- Во текот на март, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 825 пријавени лица. Тие во вкупниот број заболени во месецот учествуваат со 57,7 отсто, а во групата на десетте најчести заразни заболувања за овој месец учествуваат со 58,5 проценти. Во однос на претходниот месец февруари, се регистрира зголемување на бројот на пријавени од овчи сипаници за 24,8 отсто, додека во однос на месец март 2023, се регистрира намалување за 9,4 проценти, наведува ИЈЗ.

На второ место по бројот на пријавени заболени во март е големата кашлица.

Скопје – Управниот суд денеска ќе одржи јавна расправа по предметот по поднесената тужба од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ откако во петокот Антикорупциската комисија одлучи да се стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели на Академијата до завршување на изборите. 

Јавната расправа, како што информираат од Управниот суд, е по предметот УРП.бр.81/24, заведен по поднесена тужба од Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ од Скопје, против Одлуката бр.12-1330/56 од 20.04.2024 на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Академијата вчера поднесе тужба до Управниот суд, откако минатата недела ДКСК расправаше по втор пат за запирање на постапката за прием на 130-те слушатели до завршување на претседателските и парламентарни избори.

Скопје - Со пакет мерки, вредни 13 720 000 евра, ЕУ и УНДП ќе работат на заштита на биодиверзитетот во Преспанското Езеро и на развојот на одржливо земјоделство и туризам, а ќе се спроведат и поголеми инфраструктурни интервенции за справување со крупниот отпад и отпадните води, како и за подобрување на регионалниот развој.

Како што информираа денеска од Канцеларијата на УНДП во Скопје, инвестициите за заштита на еколошкиот систем во регионот на Преспа ќе се спроведуваат преку два комплементарни проекта, „ЕУ за инфраструктурни подобрувања во регионот на Преспа“ и „ЕУ за Преспа – обнова на природните ресурси за зајакнување на одржливото земјоделие и туризам“.

Скопје - Народната банка квалитетно, навремено и транспарентно ја извршува статистичката функција, што е од витално значење за обезбедување на макроекономската стабилност, водењето на монетарната политика, како и за носењето квалитетни одлуки од страна на носителите на економските политики, било истакнато на состанокот меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерот Фадил Бајрами и главниот статистичар и директор на Одделот за статистика на ММФ, Берт Кросе, одржан во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светската банка.

Како што информираа денеска од НБ, директорот на Одделот за статистика изразил задоволство од тоа што Народната банка подготвува квалитетни статистички податоци, следејќи го највисокиот статистички стандард СДДС плус, како и од новите проекти што успешно ги спроведува. 

Скопје - Во рамки на акциската контрола на територијата на државава за санкционирање на возачи кои управуваат со возила со брзина поголема од дозволената, полицијата казни 113 возачи.

Како што соопшти МВР, од нив 14 возачи управувале со возилата со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а осум со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.

Притоа, 47 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 66 надвор од населено место.

Скопје – За по еден сантиметар е зголемен водостојот на Охридското и на Дојранското Езеро во споредба со вчера, а нивото на Преспанското Езеро е исто како вчерашното, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Со тоа, водостојот на двете езера е повисок од просечниот за април и тоа за два сантиметра кај Охридското, односно за 1,46 метри кај Дојранското Езеро. Нивото, пак, на Преспанското Езеро е за 2,15 метри пониско од просечното и е еден сантиметар под апсолутно појавениот минимум од 841,91 метри надморска висина.

Скопје  – Македонската репрезентација во традиционално карате имаше забележителен настап на ЕТКФ Европскиот шампионат што изминатиот викенд се одржа во Скопје, освојувајќи 19 златни, 18 сребрени и 50 бронзени медали.

Првиот ден се одржаа натпреварите за деца од 6 до 13 години во повеќе дисциплини поединечно и екипно, а македонските натпреварувачи освоија вкупно 16 златни, 15 сребрени и 47 бронзени медали.

Македонските каратисти се закитија со по три златни, сребрени и бронзени медали на вториот ден на кој на програмата беа натпреварувањата во кадетска, јуниорска и сениорска конкуренција. Најуспешни макеоднски претставници беа Берта и Јана Милевски, Дамјан Донев, Бојан Богдановиќ и Ива Ромевска.

Тел Авив – Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека шефот на военото разузнавање Ахарон Халива поднел оставка поради неуспехот да го спречи терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година.

Во својата оставка Халива повика на формирање комисија „која темелно, продлабочено, сеопфатно и прецизно ќе ги истражи и открие сите фактори и околности кои доведоа до тешките настани“.

„Во координација со началникот на Генералштабот, началникот на Управата за разузнавање, генерал-мајор Ахарон Халива, побара да ја прекине функцијата, по неговата лидерска одговорност како началник на Управата за разузнавање за настаните од 7 октомври.

Стокхолм - Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ) во денеска објавен извештај наведува дека глобалните трошоци за одбрана во 2023 година изнесувале 2.443 милијарди, што е за 6,8 отсто повеќе во однос на 2022 година. 

За своите армии најмногу потрошиле САД (916 милијарди долари), Кина (296), Русија (109), Индија (83,6), Саудиска Арабија (75,8), Велика Британија (74,9), Германија (66) Украина (64,8), Франција (61,3) и Јапонија (50,2). 

Во извештајот се потенцира дека ова е највисоко годишно зголемување на глобалните трошоци за одбрана од 2009 година, а истражувачот на СИПРИ, Нан Тиан, трендот го оцени како „невиден пораст како директен одговор на глобалното влошување на мирот и безбедноста“. Тој додаде дека „државите ја приоратизираат воената сила“, но дека ризикуваат да предизвикаат „спирала на акција и реакција“ и трошење за одбраната. 

Брисел - На денешната средба во рамките за состојбата на Блискиот Исток ќе разговараме за пакет санкции за Иран за што треба да се согласат сите земји членки, бидејќи за нивно воведување е потребен консензус, најави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург. 

- Ќе разговараме за воведување санкции за иранските програми за производство на проектили и дронови, рече Борел, додавајќи дека засега „на маса не се“ рестриктивни мерки поврзани со нуклеарната програма на Иран. 

Тој најави дека министрите ќе разговараат и за состојбата во Газа, која, како што рече, постојано се влошува и има нови бомбардирања со цивилни жртви. Од друга страна, според него, растат тензиите и на Западниот Брег, па ЕУ „ќе мора да разгледа“ и нови санкции за насилните еврејски доселеници, откако минатата недела воведе мал пакет. 

Атина – Нова средба за мерките за градење доверба меѓу Грција и Турција ќе се одржи денеска во Министерството за одбрана на Грција, а претходниот круг разговори беше пред пет месеци во Анкара, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од Министерството за одбрана на Грција, грчката делегација ја предводи амбасадорот Теохарис Лалакос, шеф на турската делегација е заменик-министерот за надворешни работи Бурак Акчапар, а на состанокот ќе учествуваат и високи претставници на вооружените сили на двете земји.

Претходната средба на грчката и турската делегација за мерките за градење доверба меѓу двете земји се одржа на 13 ноември во Анкара. 

Остани поврзан