• среда, 24 април 2024
МИА Радио флеш

17 април 2024 

-  Медиумската информативна агенција - МИА, по повод претстојните парламентарни избори, ќе ги претстави програмите на партиите, коалициите и независните кандидати врз основа на кандидатските листи што ги утврди Државната изборна комисија.

За таа цел, партиите, коалициите и независните кандидати кои ќе учествуваат на изборите, можат да достават сублимирана содржина на нивната изборна програма по електронска пошта на е-адресата на МИА mia@mia.mk. Текстот треба да содржи најмногу 6.000 карактери

- Медиумската информативна агенција - МИА во текот на изборната кампања за претседателските и парламентарните избори ќе работи врз основа на програмските начела - професионално, непристрасно, избалансирано и во согласност со Новинарскиот кодекс.

МИА за изборните активности на учесниците во изборите ќе известува на македонски и на албански јазик.

МИА во рамки на своите можности и во согласност со професионалните новинарски стандарди и уредувачка политика, ќе известува со текст, фотографии и видео за активностите на кандидатите за претседател, кандидатите за пратеници, политичките партии и коалициите што ќе учествуваат во изборната кампања врз основа на претседателските кандидати и кандидатските листи што ги утврди Државната изборна комисија.

-  Претставници на подносителите на листи за кандидати за пратеници во Собранието денеска напладне во Кристалната сала на законодавниот дом, ќе потпишат Кодексот за фер и демократски избори.

На претстојните парламентарни избори ќе настапат Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, Коалиција Европски фронт на ДУИ, политичката партија Левица, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“, политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничка партија.

- На ден пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори претставници на партиите денеска ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори. Ноќеска на полноќ, пак, заврши рокот за пријавување на болни и изнемоштени за гласање на претседателските избори на 24 април. Од утре до 22 април на полноќ кампањите за претседателските избори и за парламентарните избори се преклопуваат, а кампањата за парламентарние избори ќе се одвива и за време на молкот за претседателските избори. 

Владата на вчерашната седница одлучи 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) да бидат неработни денови за сите граѓани на Република Северна Македонија, заради непречено спроведување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и овие два неработни дена нема да се одработуваат.

- Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел официјално го номинираше грчкиот дипломат Михалис Рокас за нов амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија.  

Рокас во моментов е амбасадор на ЕУ и шеф на Делегацијата на Унијата во Малезија, должност на која се наоѓа од декември 2020 година. Претходно, Рокас бил вршител на работите на ЕУ и шеф на Делегацијата во Нов Зеланд, а потоа и раководител на Одделот за поддршка на делегациите при Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

Во рамките на редовната дипломатска ротација Борел вкупно номинираше 44 нови шефови на делегации и канцеларии и вршители на работите на ЕУ ширум светот. 

- Министерот за одбрана и мандатaр за состав на новата српска влада Милош Вучевиќ денеска изјави дека владата ќе се формира во следните две недели. Тој додаде дека завршил со пишувањето на експозето, пренесе Бета.

Во гостувањето на Радио телевизија на Србија (РТС), тој рече дека ќе има „нови лица“ во владата, но дека приоритет во моментов е одбраната на интересите на Србија во Советот на Европа и спречување на донесување Резолуција за геноцидот во Сребреница.

- Претседателката на Косово, Вјоса Османи го прогласи денешниот ден, 17 април, за ден на жалост во спомен на убиените жени и девојки во Косово како последица на родово засновано насилство, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според синоќешното соопштение од кабинетот на Османи, општеството треба да биде во жалост секој ден се додека има убиства на жени.

- Утре ќе биде национален ден на жалост во Косово, но нашето општество ќе биде во жалост секој ден се додека има убиства на наши жени и девојки, се наведува во соопштението.

- Парламентарните партии од владејачкото мнозинство во Србија и опозицијата претпладнево во Народното собрание ќе одржат нова средба за изборните услови и препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), јави Бета.

Претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, на средбата ги покани сите пратенички групи, претставници на граѓански организации и меѓународни партнери, со цел „да се разговара за понатамошната работа за исполнување на препораките за подобрување на изборниот процес во Србија“.

- Во Хрватска денеска се одржуваат 11-те парламентарни избори од прогласувањето на независноста во 1991 година. Во 7:00 часот отворени се над 6.500 избирачки места на кои ќе може да се гласа до 19 часот, до кога е во сила изборниот молк.

Во Хрватска денеска е неработен ден. Иако во Хрватска беше вообичаено да се оди на гласање во недела, овојпат изборите беа најавени за в среда. Не е првпат во Хрватска избори да не се одржуваат во недела - парламентарните избори во 2000 година се одржаа во понеделник, на 3 јануари, поради новогодишните празници.

- Франција ја отповика својата амбасадорка во Азербејџан Ан Бојон „на консултации“, се наведува во вчерашното соопштение на француското Министерство за надворешни работи, во кое се нагласува дека во последните месеци Баку презел „еднострани дејствија кои им штетат на односите“ со Париз.

Претседателот Емануел Макрон „разговараше со нашата амбасадорка за ова прашање“. „Тој изрази жалење за постапките на Азербејџан и изрази надеж дека азербејџанската страна ќе ги разјасни своите намери“, се додава во соопштението на француското МНР.

-  Германскиот производител на оружје Рајнметал планира да изгради нова фабрика во Литванија за производство на артилериски гранати од 155 милиметри, јави ДПА.

Договорниот партнер на германското Министерство за одбрана и владата на балтичката земја-членка на ЕУ и НАТО потпишаа меморандум за разбирање во присуство на литванската премиерка Инфрида Шимонија, министерката за економија Аушрина Армонаита и министерот за одбрана Лауринас Кашчиунас. Деталите од договорот не беа откриени.
-Инвестицијата на Рајнметал ќе биде најголема во одбранбениот сектор и една од најголемите досега во историјата на Литванија, рече Армонаит.

- Најновиот развој на настаните на Блискиот Исток, состојбите со економијата и конкурентноста на ЕУ, случувањата во Украина и односите на Унијата со Турција, ќе бидат темите на специјалното заседание на Европскиот совет, што ќе се одржи денеска и утре во Брисел. 

Главна тема на Специјалниот Совет на ЕУ требаше да бидат состојбите со конкурентноста и единствен европски пазар, но иранските напади со дронови и проектили врз Израел, како ургентна тема на оваа средба на шефовите на држави или влади на членките на Унијата го наметнаа најновиот развој на настаните на Блискиот Исток.  

- Австралија ќе ги зголеми расходите за одбраната за 50,3 милијарди австралиски долари (32 милијарди американски долари) во следната деценија и ќе го модернизира оружјето, пред сè ракетите, беспилотните летала и воените бродови.

Најголемиот дел од новите расходи, кои вкупно ќе изнесуваат 330 милијарди австралиски долари во следните 10 години, ќе бидат реализирани во последните пет години, зголемувајќи го буџетот за одбрана на 2,4 проценти од бруто домашниот производ БДП до 2034 година. Австралија сега за одбраната издвојува околу два отсто.

- Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро нареди затворање на Амбасадата и Конзулатот во Еквадор, во знак на поддршка на Мексико.

Мадуро исто така наведе дека Венецуела го поддржува барањето на Мексико да се суспендира членството на Еквадор во Обединети нации.

Остани поврзан