МИА Општински пул
- 27 јануари 2025
Дебар - Во општина Маврово и Ростуше минатата година исплатен е еднократен паричен надоместок за 39 новороденчиња, што е двојно повеќе од претходната година.
-Во текот на минатата година, доделивме 39 ваучери, односно еднократен паричен надоместок, што е за 20 повеќе споредено со претходната или 13 повеќе споредено со 2022 година. До септември надоместокот беше во износ од по 5 илјади денари, по што тој е зголемен на 9 илјади денари. Во првиот месец од годинава, до денес, сè уште немаме новороденче, изјави за МИА, Букурија Беќири, раководител на одделението за човечки ресурси во општината.
Бебешки бонус општината доделува врз основа на едногласно донесената одлука на Советот на општината, во 2018 година, во рамки на Програмата за здравствена, социјална и детска заштита и до сега ова право е исплатено за 219 бебиња.
Босилово - Општина Босилово отвори етно катче во општинската зграда, кое чини само седум илјади денари, објави градоначалникот Ристо Манчев на неговиот фејсбук профил.
- Дипломати, амбасадори, гости и добронамерни посетители може да уживаат во прекрасниот амбиент кој ја отсликува македонската традиција и начин на живот од 19 и 20 век. За мене, лично оваа е важна, убава и креативна активност, иако истата финансиски чини само 7000 денари. Благодарност до сите донатори, напиша Манчев.
Инаку, уметничкиот дел е изработен од професорот Жарко Спасов, а во наредниот период ќе се доуредува ова катче во Општина Босилово.
Босилово - Општина Босилово отвори етно катче во општинската зграда, кое чини само седум илјади денари, објави градоначалникот Ристо Манчев на неговиот фејсбук профил.
- Дипломати, амбасадори, гости и добронамерни посетители може да уживаат во прекрасниот амбиент кој ја отсликува македонската традиција и начин на живот од 19 и 20 век. За мене, лично оваа е важна, убава и креативна активност, иако истата финансиски чини само 7000 денари. Благодарност до сите донатори, напиша Манчев.
Инаку, уметничкиот дел е изработен од професорот Жарко Спасов, а во наредниот период ќе се доуредува ова катче во Општина Босилово.
Скопје - Во текот на изминатиот викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале приближно 50 кубни метри отпад од повеќе диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир и Карпош.
Во општината Чаир било интервенирано на улицата „Славеј Планина“, во непосредна близина на скопското Теќе, каде што се подигнати 15 кубни метри отпад од картонски пакувања одложени на јавна површина.
-Приближно 10 кубни метри претежно мешан комунален отпад е отстранет од сообраќајна површина на улицата „Самоилова“, а расчистени се и неколку помали диви депонии составени од кабаст и градежен отпад лоцирани на улицата „Цветан Димов“, соопштија денеска од ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Делчево - Во гимназијата „Методи Митевски - Брицо“ во Делчево денеска почнаа активности од третиот циклус во рамки на проектот „Суперучилишта“, во кој учествуваат заедно со партнерското училиште „Средња стручна школа“ од Пирот, Р.Србија.
Овие две училишта се единствените кои по трет пат се дел од RYCO програмата за училишна размена во Западен Балкан, што има за цел да го поддржи процесот на градење на мир и помирување и интеркултурно учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници.
Директорката на установата Дијана Цонева, пред присутните ученици од Делчево и Пирот истакна дека е огромно задоволство по трет пат да се биде дел од иницијативата, која нуди вистински можности за градење мостови на училишта од различни средини.
Сите знаеме дека образованието, не се стекнува само во училишта, туку вистинското знаење се стекнува преку партнерства и соработка и размена на идеи како нешто кое создава трајна врска помеѓу учениците и професорите. Горди сме што нашето училиште повторно е дел од проектот кој покрај иновативноста, го негува и духот на заедништвото и на културната соработка. Верувам во Вас и верувам дека во текот на оваа работна недела како ученици ќе стекнете драгоцени искуства и ќе понесете спомени за целиот живот. Ви посакувам успешен почеток и продуктивна соработка и се надевам дека ќе ја оправдаме улогата на Супер училишта, истакна Цонева.
Струмица - Општина Струмица во соработка со компанијата „Нула Отпад“ од Скопје постави нови контејнери за елктронски отпад и отпадни батерии, бидејќи во старите се фрлал секаков вид на отпад.
Како што информираа од Општина Струмица контејнерите се поставени на 12 нови локации низ градот.
- Апелираме до граѓаните на Општина Струмица правилно да го одлагаат електронскио отпад во овие контејнери. На самите контејнери има упатство за користење, како и кои видови електричен и електронски отпад и батерии може да се депонираат во нив, се наведува во информацијата од локалната самоуправа.
Се додава дека Општина Струмица паралелно со овие активности извршила и едукација на учениците и наставниот кадар од основните училишта за правилно селектирање на отпад и чување на постоечката опрема за селектирање во училиштата.
Штип - Учениците од Средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“- Штип денеска се натпреваруваа во „спинокио“, друштвена игра, со чија помош ги препознаваат добрите вести. Професорката Лиљана Манова од СОУ „Коле Нехтенин“ вели дека на забавен начин, преку игра и дружба учениците ги делат добрите од лошите вести, со кои се соочени секојдневно, дали на телевизија, радио или на социјалните мрежи. Целата е децата да ги зајакнат своите капацитети за препознавање на вистинските вести, да ги унапредат своите вештини и на тој начин да придонесат за медиумска писменост.
-Тоа е друштвена игра која се вика „спинокио“. Целта на таа друштвена игра е преку забавен начин учениците да ги селектираат добрите од лошите вести, да ги сфатат лошите последици од лажните вести, бидејќи знаеме дека младите секојдневно се изложени на секаков вид на вести, изјави Манова.
На денешниот натпревар учествуваа 16 ученика од прва година од СОУ „Коле Нехтенин“, а најдобрите четири ученика продолжуваат понатаму со натпреварување во Скопје.
Скопје - Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска изврши увид во градежните активности што се одвиваат во централното основно училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“, информираат од Општината.
Се изведуваат работи на целосна промена на подовите во училниците на површина од 270 м², како и замена на оштетените внатрешни врати. Овие активности, велат од Општината, се дел од напорите за модернизација и унапредување на образовната инфраструктура во општината.
-Со овие инвестиции, се грижиме да обезбедиме современи и безбедни услови за учење. Ова не се само градежни зафати, туку вложување во иднината на нашите деца и нивниот квалитет на образование. Нашата цел е да обезбедиме простор каде што децата ќе можат да учат и растат во најдобри услови, изјавил градоначалникот Стојкоски.
Куманово - Полицијата и државниот пазарен инспекторат затекнаа неколкумина кумановци кои продавале тутун на градскиот и на пазарот во Долно Којнаре, соопштија денеска од кумановската полиција.
-Вчера полициски службеници од СВР Куманово во соработка со Државен пазарен инспекторат ги привеле Р.М. (53), Х.Р.(43), А.А.(52) , С.Ф. (69), Ф.Ј. (43) , А.С.(74), Н.И.(70), А.И.(56) и еден малолетник, сите од Куманово, затоа што на Градскиот пазар и пазарот во с.Долно Којнаре, кумановско, биле затекнати при вршење нелегална продажба на тутун. Притоа, кај нив биле пронајдени и одземени 269 килограми тутун. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава, информираше полицијата.
Одземениот тутун бил предаден на Државен инспекторат за земјоделие, додека од Државен пазарен инспекторат ќе бидат преземени мерки за вршење нерегистрирана дејност.
Скопје - Во рамки на Проектот за подобрување на патната инфраструктура-изградба, реконструкција, рехабилитација и санација на локалните улици и патишта продолжија градежните активности за реконструкцијата на улица „8“, во населба Илинден.
Со овие градежни активности се продолжи со реконструкција на улицата со зафаќање на атмосферските води од коловозот во должина од 300 метри како и изградба на нов тротоар.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во текот на градежните работи и истакна дека оваа фаза од реализација на проектот се имплементира во соработка со Министерството за транспорт и врски, со обезбедени средства од Светска Банка.
Втората фаза од реконструкцијата на оваа улица во должина од 500 метри заедно со изградба на нов тротоар и зафаќање и одведување на атмосферските води, Општина Илинден ќе ја реализира со сопствени средства од буџетот на Општината.