• недела, 09 март 2025
МИА Општински пул

3 март 2025

Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна, покажуваат резултатите од направените физичко-хемиски и микробиолошки испитувања од 44 мерни места во градот.

- Секторот за санитарна контрола во периодот од 24 до 28 февруари 2025 зема 194 примероци за физичко-хемиска и 194 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 44 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење,  информираат денеска од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.

Овие информации Јавното претпријатие ги објавува рамки на неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

Велес - На 54-годишна возраст почина театарскиот, филмски и телевизиски актер Самоил Стојановски, извести на својата ФБ страна Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“, каде што тој беше вработен.

Роден на 3 ноември 1970 година во Скопје, тој беше дел од македонската актерска сцена повеќе децении. Од 2003, па до неговиот последен аплауз во декември годинава, беше вработен во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес.

На сцената на Велешкиот театар создаде ролји во бројни претстави, меѓу кои: „Будење“, „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“, „Четвртата сестра“, „Орест“, „Жени во народното собрание“, „Сомнително лице“, „Враќање“, „Железно пиле“, „Дом за птици“, „Да се заборави Херострат“, „Х-Хамлет“, „Птици“, „Џинот, учителот“, „Веселите жени од Виндзор“, „Тероризам“, „Баханалии“, „Злосторство на островот на козите“, „ММЕ кој прв почна“, „Онегин“, „Шашардисани времиња“, „Принцезата и Гускарот“, „Последниот Балкански вампир“, „Крал Лир“, „Тартиф“, „Најважната работа на светот“, „Приказни од шестиот кат“, „Класен непријател“, „Добрата надеж“, „Мачорот во чизми“, „Ана Комнена“, „Синиот портокал“, „Лисистрата“, „Елешник“, „Креонт и Антигона“ и други.

Стојановски оствари улоги и во филмската и телевизиската продукција, учествувајќи во проекти како што се „Трст виа Скопје“ (1987–1990), „Погрешно време“ (2000), „Вампирџија“ (2002), „Крајот на играта“ (2002), „Крчма на патот кон Европа“ (2005), „Ова не е американски филм“ (2011), „Старо купуем“ (2013), „Приказни од животот“ (2014), „Ослободување на Скопје“ (2016), „Преспав“ (2016), „Македонски народни приказни“ (2017) и „Црвениот поет“ (2024) и други. 

Скопје - Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека во изминатите три години, повеќе од 3.500 пензионери добија еднократна парична помош, а вкупно беа доделени над 10 милиони денари, со што значително се подобри нивниот квалитет на живот.

„Како општина, активно се грижиме за нашите највозрасни сограѓани преку реализирање на различни проекти. Еден од тие проекти е и доделувањето еднократна парична помош кон крајот на годината, со што значително им помагаме во семејниот буџет на пензионерите во пресрет на новогодишните празници. Во 2022 година, 1.410 пензионери аплицираа и добија еднократна парична помош во висина од 1.500 денари, а во 2023 година 1.575 пензионери добија по 2.000 денари еднократна парична помош. На последниот повик во 2024 година, 1.705 пензионери добија еднократна парична помош во висина од 2.500 денари, додека пак, вкупната сума за три години изнесува 10ипол милиони денари. Оваа поддршка значи повеќе сигурност и достоинство за нашите повозрасни сограѓани, кои својот живот го посветиле на изградба на нашето општество. Продолжуваме со оваа иницијатива и во иднина, животот е убав во секоја доба“, истакнува Герасимовски. 

Општина Центар, останува посветена на подобрување на животниот стандард на граѓаните, грижата за повозрасните центарци останува еден од нашите приоритети.  

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 24 февруари до 2 март 2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле вкупно 136 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

ЈП ПОЦ и Општина Центар во денешното соопштение наведуваат дека секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на Општина Центар.

- Потсетуваме на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците, се вели во соопштението. 

Тетово - Во Тетово утре повторно ќе има судење за смртта на 23-годишната Теодора Ристовска, која животот го загуби во сообраќајна несреќа во 2022 година. Таа била прегазена од автомобил на пешачки премин и починала по неколку дена поради повредите.

Семејството на Теодора информира дека судењето почнало скоро една година подоцна во јули 2023, а во ноември по признавање на вина на возачот, тој бил осуден на три години и шест месеци затвор.

-Обвинетиот поднесе жалба до Апелациониот суд во Гостивар. Како резултат на ова, Апелациониот суд ја намали казната на две години затвор.Тој поднесе барање за преиспитување на пресудата пред Врховниот суд на Северна Македонија, кој одлучи да ги укине пресудите на Основниот и Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење, вели Ева Ристовска, сестра на Теодора.

Семејство смета дека се соочува со неправда бидејќи возачот не одлежал ниту еден ден затвор, иако несреќата се случи пред речиси три години.

Скопје - Без електрична енергија денеска ќе бидат корисниците од делови од општините Кисела Вода и Чучер Сандево, а без вода дел од улицата „Јани Лукровски“ во Општина Гази Баба.

Од Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, соопштија дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска од 09:00 до 12:00 часот без струја ќе бидат корисниците од улицата „Христо Таарчев“ крак – 24, а од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од селото Бродец.

Исто така, поради промена на затворач од водоводна мрежа на улицата „Јани Лукровски“ број 10, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата без вода ќе останат корисниците од дел од истата улица.

 

Остани поврзан