• среда, 24 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 25 март 2024

 

Кавадарци - Повредено е едно лице во сообраќајка што утрово се случи кај кавадаречкото село Дреново. Повредениот е извлечен со помош на пожарникари и со возило на брза помош транспортирано кон кавадаречката болница. 

- Во моментов се врши утврдување на повреди, потврди за МИА, доктор Ратко Грков, началник на кавадаречката Итна медицинска помош.  

Во сообраќајната несреќа возило излетало од патот и се превртело,  информацијата ја потврдија за МИА од Итната медицинска помош, противпожарната служба и СВР Велес.  

Екипа на итната медицинска помош Кавадарци беше на лице место, а увид врши и полициска екипа. Од СВР Велес рекоа дека ќе следуваат повеќе детали во текот на денот. Оттаму појаснија дека сообраќајката е на локалниот пат од селото кон регионалниот пат за градот  Кавадарци.

- Веднаш по појавата за сообраќајка, заминавме на терен петмина пожарникари со две возила, возило за техничка интервенција и комбе за прва помош, појаснија за МИА од Територијалната противпожарна единица од Кавадарци.

Делчево - Во Делчево во тек е обележување на хоризонталната сигнализација на сообраќајниците. Со оваа активност, како што информираше градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, планирано е да бидат обележани пешачките премини, стоп линиите, разделните линии, стрелките и сообраќајните острови на улиците во Делчево. 

- Ова претставува редовна активност на Општина Делчево, со што се обезбедуваат услови за безбедно користење на улиците од страна на сите учесници во сообраќајот и директно се влијае на зголемување на безбедноста во сообраќајот во Делчево. За обележување на хоризонтална сигнализација, Општина Делчево склучи Договор за јавна набавка со изведувачот АТС-Инженеринг од Велес, каде за оваа намена се предвидени 350.750 денари без ДДВ, истакна Трајковски.

Додава дека е во тек и сообраќајно уредување на новоизградениот градски пазар со обележување на улиците и паркирните места.

- Исто така овде се поставува вертикална сигнализација за што е склучен посебен Договор за набавка, транспорт и поставување на вертикална сигнализација и сообраќајна опрема со изведувачот „Технодидакта“- Штип и за оваа намена се предвидени 200.000 денари без ДДВ, информира Трајковски.

Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од Општината потсетија дека е забрането неовластено поставување, преместување, отстранување и оштетување на сообраќајните знаци и на опремата на патот или измена на значењето на сообраќајните знаци, за што е предвидена глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност за физичко лице кое постапува спротивно на одредбата.

Скопје - Поради водоводен дефект, без вода од 10 часот се корисниците од улицата „Браќа Реџепагиќ“ и дел од „Ресенска“ и „Дижонска“, во скопската општина Чаир.

Прекинот во водоснабдувањето ќе трае до отстранување на дефектот, соопшти ЈП Водовод и каналзиација - Скопје.

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје санкционираа 224 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Во периодот од 18.03. до 24.03.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 123 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 101 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.

Остани поврзан