• петок, 26 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

9 јуни 2023 

Делчево - Советот на Општина Делчево на денешната вонредна седница прогласи природна непогода од поплави и град. На седницата беше донесена одлука за формирање Комисија за проценка на штетите, како и заклучок за објавување јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.  При процена и утврдување на висината на штетата, како што истакна претседателот на Советот, Гоце Попов, Комисијата ќе ја применува Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи. 

-Проценетите штети, Комисијата ги евидентира на пропишани обрасци и табели согласно Методологија.  Комисијата во својата работа ќе соработува со надлежните државни органи, научно-стручни институции и по потреба ќе ангажираат и стручни лица – експерти од соодветната област по претходно добиена согласност од Градоначалникот на Делчево. Процената и утврдувањето на висината на штетата ги опфаќа видот, обемот и висината на штетата изразена во натура и вредносни показатели, според подрачјето, дејноста, имотот, сопственоста, времето и причината за настанување на штетата, рече Попов.

Охрид - Со изложба на фотографии и документи од културниот и општествениот живот во Охрид и околината што беше отворена денеска Охридскиот архив го одбележува Меѓународниот ден на архивите - 9 јуни.

Изложбата е составена од седум теми, кои за јавноста ќе бидат достапни во дворот на институцијата до 16 јуни.

Според Ѓоко Бакрески, помлад соработник во Архивот, претставени се фондови од Архивот во Охрид: од Струшките вечери на поезијата, семејни фотографии, фотографии од поет, режисер и писател од Кичево, од првиот Охридски пливачки маратон...

- Изложени се семејни фондови, фотографии, од Коста Андоновски, Никола Герман, од Гуфулон, кои се донесени во Архивот и претставуваат дел од архивскиот материјал, истакна Бакрески.

Мартин Ристоски од Архивот во Охрид изрази благодарност до граѓаните кои ги предаваат личните фондови.

- Имаме сочувано голем број слики. Годинава целосно го дигитализиравме фондот од Струшките вечери на поезијата. Имаме фондови од цркви, трки со мотори од Охридскиот регион..., информира Ристоски.

Раководителот на Архивот во Охрид Никола Митровиќ Бабе информира дека последните години биле преземани околу 25 приватни фондови со архивски материјал.

Кочани – Општина Зрновци наскоро ќе почне со реализација на проектот за изградба на станица за пречистување на отпадните води во селото Видивиште, чија вредност е проценета на над 1,9 милиони денари.

Најголем дел од инвестицијата е обезбеден со средства од Министерството за животна средина, а Локалната самоуправа ќе кофинансира во покривањето на трошоците за спроведување на постапката.

- На конкурсот што го објави Министерството за распределба на средства за финансирање програми и проекти од областа на животната средина ни беа одобрени 1,8 милиони денари и веќе го потпишавме договорот со кој ќе можеме да ги користиме средствaта. Со реализацијата на проектот ќе решиме огромен проблем за жителите од Видовиште, каде фекалната канализација се излева во Видовишка Река. Во текот на летниот период таа пресушува и на тоа место се создава мочуриште што со децении претставува извор на зараза и најголем загадувач на земјоделските површини, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.

Локалната самоуправа денеска ја почна постапката за избор на фирма изведувач на градежните работи и според техничката спецификација се очекува проектот да се реализира до краот на август. 

Карбинци - Зголемен е  водостојот на Козјачка река во Општина Карбинци. Градоначалникот Виктор Паунов вели дека реката била зголемена кај селото Таринци,  нејзино излевање од коритот немало. Посочува дека  ситуацијата  се следи, со цел да не дојде до поплави и причинување на штети.

-Во вчерашното невреме во делот на Плачковица ситуацијата е стабилна. Она што беше во вчерашниот ден е зголемениот водотек на реките во Карбинци, ама ние бурно ја следиме ситуацијата. Во моментот е стабилна, коритата се стабилни, немаме ризик од излевање, ќе ја следиме ситуацијата и понатаму, доколку има потреба сме на готовс да реагираме и да спречиме било каква непосакувана несреќа. Меѓутоа, природата е непредвидлива ние бурно ја следиме работата се со цел да можеме да превенираме, вели Паунов. 

Тој посочи дека план и програма за превенција има, како и соработка со Дирекцијата за заштита и спасување и доколку има потреба подготвени се да реагираат. 

Вчера во плачковичкиот регион, кој е на територија на Општина Карбинци, гром усмрти стадо овци. 

Битола - Во основното училиште „Ѓорги Сугарев“-Битола се изведува туторска настава за 70 ученици Роми од второ, трето и четврто одделение.

Од Општина Битола информираат дека туторската настава се реализира со цел да се унапреди квалитетот на образование за децата Роми во основно образование.

-Туторска поддршка се обезбедува по предметите македонски јазик, математика и англиски јазик. Во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, туторска поддршка добиваат околу 70 ученици, од страна на шест тутори и еден консултант, кои се ангажирани за период од седум месеци. Акцијата се изведува во два дела, од април до јуни и од септември до декември. Во рамки на проектот набавени се материјали за учениците и туторите, кои им се  потребни за поквалитетно изведување на туторската настава, соопштиј локалната самоуправа.

За текот и реализацијата на проектот „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“ поддржан од Европската унија и Советот на Европа, информиран беше и градоначалникот Тони Коњановски за време на посетата на ОУ „Ѓорги Сугарев“ во Битола.

Демир Капија - Почина 47 - годишната жена што беше тешко повредена во сообрајката во тунелот кај Демир Капија.

- Основното јавно обвинителство Кавадарци изврши увид на местото на настанот и ќе нареди сообраќајно вештачење за да се утврдат причините на несреќата. Наредена е и обдукција на починатата 47-годишна жена - возач која била сама во автомобилот, велат од Обвинителството за МИА.

Претходно, од СВР Велес потврдија за МИА дека денеска  во 08.40 часот на автопатот А1, кај тунелот Т1 на делницата Гевгелија – Неготино, патничко возило „фолксваген“ со неготински регистарски ознаки, управувано од 47-годишната Т.П.П., изгубило контрола и излетало од патот. 

Дојран - Последните испитувања на водата од Дојранското Езеро од Центарот за јавно здравје Велес, од почетокот на овој месец, покажаа дека е во одлична состојба и е безбедна за капење.

Ова го објави градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, прецизирајќи дека примероците за испитување на водата биле земени од Градската плажа, плажата кај хотелот “Полин” и плажата “Гранико”.

-Резултатите од испитувањата на езерската вода се идентични со минатата година, односно истите ја истакнуваат нејзината непроменета одлична состојба и покажуваат параметри кои не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето, објави Ангов.

Инаку, во текот на летниот период од страна на Центарот за јавно здравје Велес, неколку пати се земаат примероци од езерската вода за тестирање.

Струмица - В недела ЈПКД „Комуналец“ почнува акција за генерално чистење на Струмица.

Како што информираше Бранко Ѓоргиев, раководител во комуналното претпријатие, покрај редовното собирање смет и метење на улиците, секоја недела ќе се врши и генерално чистење и собирање на смет, како и машинско перење на улиците.

-Акцијата почнува во недела на 11 јуни во градските населби „Карпош“ и „Чифлик“ и се замолуват сите граѓани од овие реони кои имат секаков вид на отпад да го пријават на 13 110 и да го извадат пред дворовите во недела до 12 часот за да биде подигнат во текот на денот, информираше Ѓоргиев.

Акцијата продолжува и наредните недели во месец јуни и етапно ќе биде опфатен целиот град, а од почетокот на следната недела треба да почне и чистењето на диви депонии, кои лани беа исчистени, но годинава повторно се наполнија со ѓубре. 

Скопје - Општина Центар го распиша проектот Сервис за стари – „Центар се грижи за возрасните” со кој 90 пензионирани граѓани од оваа општина добиваат помош и поддршка при извршувањето на домашните работи, од страна на стручни и обучени лица. Овој проект Општина Центар го реализира во соработка со невладината организација „Хуманост“.

-Преку овој проект им помагаме на нашите повозрасни сограѓани полесно да се справат со секојдневните домашни обврски. Со помошта на стручните лица физиотерапевти, психолози и негуватели на нашите баби и дедовци им обезбедуваме подобри пензионерски денови и полесна старост, вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Апликациите за проектот заинтересираните граѓани може да ги доставуваат почнувајќи од 12.06.2023 година (понеделник) па се до 20.06.2023 година (вторник). Реализацијата на Проектот ќе трае се до исцрпување на финансиските средства предвидени за оваа намена во Буџетот на Општината.

Граѓаните за да станат корисници на проектот треба да се жители на Општина Центар-Скопје, да се на возраст над 62 години, да се корисници на пензија или на социјална помош, висината на пензијата или социјалната помош не смее да надминува 30.000,00 денари месечно.

Остани поврзан