• вторник, 23 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 22 март 2024

Охрид – Припадници на Армијата на РСМ утре на Градскиот плоштад во Охрид во периодот од 9 до 18 часот ќе реализираат тактичко-технички збор односно изложба на вооружување, борбени системи, опрема и моторни возила.

Во рамките на активноста, припадници на Баталјонот за специјални сили во водите на Охридското Езеро кај Градското пристаниште, со употреба на атрифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема, ќе изведат показна вежба-препад на пловен објект. Во вежбата ќе се вклучи и хеликоптер на воздухопловниот ВИНГ на Армијата.

Сите активности во рамките на тактичко-техничкиот збор и показната вежба, покрај воено ќе имаат и полициско обезбедување што ќе го извршуваат припадници на Полициската станица Охрид и Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ (Езерска полиција).

Со оваа активност Армијата на РСМ ја одбележува 75-годишнината од формирањето на НАТО Алијансата и 4-годишнината од членството на РСМ во Североатлантскиот сојуз.

Од полицијата ушатуваат апел до граѓаните, да ги почитуваат насоките на службените лица задолжени за обезбедување на настанот. 

 

Дебар - Продолжуваат едукативните активности меѓу различните возрасни групи во мијачкиот крај, за кои, од почетокот пред неколку месеци, бројот на заинтересираните постојано расте.

Тие се одржуваат во прекрасниот амбиент на возобновената трпезарија, во храмот посветен на Пресвета Богородица, кој во јули минатата година го доживеа своето торжествено осветување, откако претходно беше целосно возобновен од страна на игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски, г. Партениј.

Едукативните средби се одржуваат со благослов на владиката Партениј, а се во рамки на долгогодишната манастирска социјално-образовна мисија.

-Овие едукативни средби, преку организирани предавања на различни теми од интерес, креативни работилници и сл., имаат за цел да ги развијат, односно да ги искористат силните капацитети на децата и младите луѓе, да ги запознаат сите возрасни групи со прекрасната православна традиција, која е темел на нашето образование и култура, но и да го зајакнат соживотот во овој шаренолик регион. Предавањата се многу интересни и интерактивни, и се отворени за сите, без оглед на етничката или религиската припадност, изјави за МИА сестра Ефимија од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица.

Таа потенцира дека постојат неколку групи, кои се распределени според возраста.

-На наше големо задоволство, сè поголем број родители ги носат своите деца на овие предавања, доаѓаат и многу млади луѓе кои имаат неверојатни потенцијали и добро развиени практики за

унапредување на животот во заедницата. Присутни се и огромен број возрасни лица од целиот регион, кои благодарение на оваа иницијатива на нашиот Старец, владиката Партениј, уште повеќе се сплотуваат и развиваат поквалитетни меѓусебни односи, вели сестра Ефимија.

 

Гевгелија - Во новата станбена населба кај Детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија се работи на пробивање и изградба на улица, околу која во овој дел на градот се изградија повеќе објекти за индивидуално и станбено домување и живеат околу 2.500 граѓани.

Како што информираат од Општина Гевгелија, покрај пробивањето на улицата, се планира изградба на нова фекална и атмосферска канализација, како и нова водоводна линија.

-Со пробивање и изградба на улиците започнавме со решавање на инфраструктурните прашања со цел да им се обезбедат достојни услови за живот на граѓаните во градот и населените места. Изградбата на оваа улица била потребна многу порано поради тоа што малиот капацитет на примарната подземна инфраструктура доведува до секојдневни проблеми, стои во пренесената изјава на градоначалникот на Гевгелија Андон Сарамандов.

Инаку, покрај овој зафат, на улицата „Сава Михајлов“ заврши уредувањето на тротоарите со павер-елементи. Реконструкцијата опфати расчистување и партерно уредување на тротоарите со поставување бекатон плочки и рабници. 

 

Охрид – Во рамки на одбележување на 22 март - Светскиот ден на водата, под мотото „Вода за мир“ Општинската организација на Црвениот крст и Центарот за јавно здравје од Охрид со поддршка на бројни еколошки и спортски здруженија и организации од Охрид и Албанија, утре на Градскиот плоштад „Св.Климент Охридски“ во Охрид ќе организира забавно-едукативен настан.

Настанот има за цел да се истакне вредноста на Охридското Езеро како огромен природен базен на питка вода, што во услови на  зголеменото влијание на климатските промени, зголемување на населението, наметнува итна потреба, внатре и помеѓу двете земји Албанија и С.Македонија, обединување и сериозен пристап во неговата заштита.

Преку бројни едукативни материјали, презентации и забавни перформанси ќе се потенцира на опасноста за Охридското Езеро и неговиот еко-систем од евентуалното одржување на настанот  светско првенство во трка со чамци „Формула 1“, за јули оваа година во акваторијата пред албанскиот град Поградец.

„И од овој настан сите заедно да упатиме силна порака и апел до населението и надлежните во двете држави за  избегнување и спречување на настани и активности на Охридското езеро и во блиската негова околина, кои се опасност за живиот свет и ја нарушуваат природната рамнотежа. Да се обединиме околу водата и ја користиме за мир, поставувајќи темели за стабилна и просперитетна иднина“, посочуваат организаторите на настанот. 

 

Велес - Еколошко друштво Вила Зора ja направи платформата за млади во Велес „Зелени – Можности“ . Главна цел на платформата е подобрување на учеството и комуникацијата помеѓу младината и локалните власти во заедницата. Со креирањето на дигиталната платформа на иновативен начин ги стимулираме младите да се вклучат во процесите на донесување на одлуки, искажувајќи ги своите идеи и мислења со што ќе се подобри младинскиот дијалог. Платформата е дел од проектот „Слушај и дејствувај Младинска Платформа за дијалог“ финансиран од Национален младински совет на Македонија, информира за МИА, Сашка Коцевска од ЕД „Вила Зора “ од Велес, а платформата  младите можат да ја најдат на  www.zeleni-moznosti.mk

Таа појаснува дека со достапноста на платформата исто така ќе ги вклучиме и младите од руралните средини .

- Оваа група ќе  вклучува млади од различни етнички, социо-економски и културни контексти. Преку нашиот проект, ние ги вовлекуваме во дијалог и обезбедуваме платформа каде што можат да споделуваат свои идеи и предлози. Нивната активна улога во дијалогот им овозможува да ги изразат своите потреби и прашања, информира Коцевска.

Воедно појаснува дека  развивањето на дигиталната платформа ќе обезбеди младите со едноставен и достапен начин за споделување на своите идеи и предлози, со вградени механизми за коментари и обратна врска, да го олесни дијалогот помеѓу младината и локалните власти.

Коцевска додава дека проблемот кој треба да се адресира со помош на овој проект е недостатокот на активно учество и комуникација помеѓу младината и локалните власти во нашата заедница. Младите лица често се соочуваат со предизвици и потреби кои не се адекватно разгледани во процесите на креирање на политики и одлуки, што резултира во недоволно задоволување на нивните потреби и недостиг на одговорност на локалните власти кон младината.

Остани поврзан