• петок, 26 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

18 април 2024

Струга – Специјализираната болница ЈЗУ Нефрологија Струга доби нов систем на кислород и реверзна осмоза, инвестиција од 3.800.000 денари, соопшти Центарот за развој на Југозападен плански регион.

Според информацијата, инвестирано е во централен систем за дистрибуција на кислород во три сали за хемодијализа и во три соби наменети за интензивна нега, како и во подобрување на условите за хемодијализа преку набавка на опрема реверзна осмоза.

Охрид – Во организација на Институтот за културно наследство и археологија во Скопје, на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, Општина Охрид и Стопанска комора на Северна Македонија денеска во Охрид беше отворена дводневната национална конференција „Културното наследство и туризмот: меѓународни стандарди и локален развој“.

На собирот ќе бидат разгледувани важни аспекти на поврзаноста на културното наследство и туризмот, како навидум различни, но дијалектични поврзани сектори. Во тој контекст, како што е посочено од собирот, најважните меѓународни организации и институции како УНЕСКО, ИКОМОС, ИУЦН, Центарот за светско наследство, Советот на Европа, Светската туристичка организација, ОЕЦД, имаат посебни оддели и издаваат официјални документи што се фокусираат на развивање на врските и потенцијалите на културниот туризам.

Куманово - Кумановци денеска можат бесплатно да ги посетат музејската поставка, АСНОМ и Кокино, по повод 18-ти април, Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, соопштија денеска надлежните од НУ Музеј Куманово. Граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со локалното културно наследство.

-Во чест на Светскиот ден на спомениците и локалитетите 18 април влезот ќе биде слободен за сите посетители на постојаната музејска поставка, Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце и архео-астрономскиот локалитет Кокино. Иницијативата и идејата е на Министерството за култура. Со ваквата активност не се афирмира само светскиот ден на спомениците, туку и нашите локалитети и споменици ширум државата, изјави директорката на НУ Музеј Куманово, Марија Миљуш Божурска. Таа ги повика кумановци да ги посетат локалитетите, да се информираат и да го запознаат локалното културно наследство.

Скопје - Општина Центар ја отстрани рампата на улицата „Наум Наумовски Борче” кај хотел Дувет, на раскрсницата помеѓу „Ленинова” и „Партизанска” која претставуваше проблем и пречка за функционирање на сите учесници во сообраќајот.

Со овој потег општината го реши деценискиот проблем на барање на жителите, по поднесена петиција во која се потпишаа 327 граѓани. Ова е направено во согласност со ДУП-от и за овој зафат се добиени потребните дозволи од сите надлежни институции.

Скопје - Поради дефект на приклучна водоводна цевка, без вода од 09:00 часот ќе бидат корисниците на улица „Христо Татарчев“ крак 14 во населба Припор.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот, соопшти ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Струга – „Преку разгледница до инклузија“ е тема на фото конкурсот што го распиша центaрот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуална попреченост и нивните фамилии „Порака нова“.

На конкурсот може да учествуваат сите фотографи, професионални и аматери со фотографии од Охрид, Струга и целиот регион на УНЕСКО, со цел нивна афирмација, но и поддршка на лицата со попреченост.

- Нашите заложби за поголема инклузија на лицата со попреченост, повеќе можности да креираат самостоен живот и да заработуваат сакаме да ги пресликаме во скоро сите активности кои ги имплементираме, па таков е и овој фото конкурс, соопшти „Порака нова“.

 

Остани поврзан