• петок, 17 мај 2024

МИА на Меѓународната воена вежба во Грција со учество и на специјалните сили од Северна Македонија (Фото)

МИА на Меѓународната воена вежба во Грција со учество и на специјалните сили од Северна Македонија (Фото)

Атина, 4 мај 2023 (МИА) - Во низа различни сценарија како на копно, така и во вода и воздух, припадниците на специјалните сили на девет земји меѓу кои и Северна Македонија, ги покажаа нивните вештини, подготвеност и обученост за време на отворениот Ден за истакнати гости во рамките на Меѓународната воена вежба „ОРИОН 23“ што се одржува во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во меѓународната вежба „ОРИОН 23“ на специјалните сили - силите за специјални операции, што започна пред десет дена, учествуваат баталјонот за специјални сили од Северна Македонија и нивните колеги од Кипар, Австрија, Бугарија, Франција, САД, Црна Гора, Србија и домаќинот Грција, односно вкупно 350 учесници, а целта е да се промовира соработката и меѓуоперативноста на учесниците, поттикнувајќи регионална стабилност.

Токму соработката и можноста, преку заедничката вежба, да се приближат специјалните сили на земјите учеснички ја истакна заменик началникот на Генералштабот на грчката армија Франгискос Лелудас.

Меѓу сценаријата презентирани денеска во рамките на Меѓународната вежба, а во која учествуваа копнени, поморски и воздушни средства, меѓу кои и хеликоптери Синук и Апачи, воени авиони Ф-16 и транспортен авион Спартан беа и спасување на пилот од соборен авион, падобрански скокови од хеликоптери, операција за пребарување на запленет брод, неутрализација на цели, обезбедување помош за време на пукање, ослободување од чамец, пренесување на специјални сили со помош на хеликоптер од копно до поморска точка, справување со асиметриска закана, спасување повреден со помош на хеликоптер итн.

Денешниот дел од вежбата заврши со падобранци, кои ги носеа знамињата на земјите учеснички.

„ОРИОН 23“ започна на 24 април, завршува утре, а денеска меѓународната воена вежба беше отворена за истакнати гости, новинари и амбасадори, а меѓу присутните беше и амбасадорката на Република Северна Македонија во Грција Лидија Бошковска. 

Меѓународната воена вежба, што годинава е паралелно и во склоп на Мултинационална воздушна вежба „ИНИОХОС 2023“, се одржува по шести пат и секоја година се проширува со учество на се повеќе земји. 

Станува збор за вежба за развој на стратегии - бази на специјални операции од типот CFX/LIVEX/INVITEX (Command Post Exercise/Live Exercise/Invitation Exercise) и има за цел да го надгради нивото на разбирање и размената на знаење помеѓу учесниците, како и во зголемувањето на оперативните способности на специјални силите - силите за специјални операции во меѓусојузнички контекст, со извршување на сложени оперативни сценарија со зголемена тежина и сложеност, како во копнената, така и во морската средина. ср/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан