• сабота, 18 мај 2024

Во Пехчево одбележан Светскиот ден на водните живеалишта

Во Пехчево одбележан Светскиот ден на водните живеалишта

Пехчево, 2 февруари 2024 (МИА) – Под мотото „Водните живеалишта и човековата добросостојба“ во Пехчево одбележан „2 Февруари – Светски ден на водните живеалишта“. Активноста ја организираше здружението „Едукативен центар за зачувување на природата“ с. Негрево, Општина Пехчево во соработка со деветолетката „Ванчо Китанов“.

Како што информираа од здружението, групата ученици и нивниот ментор го посетија „Барскиот екосистем – Езерце“ кој се наоѓа на источната страна во градот и нуди содржини за одмор, рекреација и релаксација.

- По повод денешниот ден, децата имаа можност да се запознаат директно на терен со суштинското значење на растителниот и животинскиот свет, но и за добросостојба и здравјето на луѓето, особено на тие што живеат во нивна близина. Доколку се наруши природната рамнотежа во водните живеалишта ќе бидат засегнати човекот, земјоделството, економијата туризмот, риболовот и друго, истакнаа од Едукативниот центар во Пехчево.

Климатските промени, како што додадоа, исто така биле тема на разговор во рамки на денешното одбележување на настанот. Учениците преку набљудување, мерење на Ph и температурата на терен ја согледаа важноста на влијанието на климатските промени и како влијаат киселите дождови врз водните живеалишта. Идентификуваа потреба од поголема грижа и заштита на овие екосистеми, додадоа организаторите на настанот.

Активноста е дел од проект на „Мрежата за искуствено учење“ кој преку бројни работилници врши истражување на „Водните екосистеми и жив свет во бари и тресетиште“. вс/ир

Фото: МИА

Остани поврзан