Хипер: Русија е криминалецот што ја започна војната во Украина
- Сосема е јасно кој е агресорот и кој ја започна војната во Украина, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер запрашана за коментар на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека шефот на украинската држава Володимир Зеленски „не требало да ја започне војната“.

Брисел, 21 февруари 2025 (МИА) - Сосема е јасно кој е агресорот и кој ја започна војната во Украина, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер запрашана за коментар на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека шефот на украинската држава Володимир Зеленски „не требало да ја започне војната“.
- Русија е агресорот. Русија ја започна војната. Тоа е пример за агресија, што ја видовме насекаде, дел во Грузија, дел во Сирија и дел во Украина. Така што Русија е криминалецот, рече Хипер на денешниот редовна прес-конференција во Европската комисија.
На прашање дали на 11-годишнината од почетокот на руската инвазија на Крим, ЕУ се уште го смета Полуостровот за интегрален дел од украинската територија, Хипер одговори дека за Унијата „Крим е Украина“
- Ние ја поддржуваме Украина во обновата на нејзиниот територијален интегритет, суверенитет и независност. Ние сме целосно со Украина, порача кусо Хипер.
Заменикот главен портпарол на Европската комисија, Стефан де Керсмакер, пак, нагласи дека ставот на Европската Унија е целосно јасен дека е важно да се почитуваат територијалниот суверенитет и независноста на Украина и затоа мора да се запази принципот дека „не е можно решение за Украина без Украина, ниту без ЕУ“.
- Безбедноста на Украина е и безбедност на Европската Унија, порача Де Керсмакер во одговор на прашање дали ЕУ планира да упати некакви пораки до Американската администрација преку францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, кои следната недела ќе го посетат Вашингтон.
Де Керсмакер потврди дека в понеделник претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и членови на Колеџот на комесари ќе престојуваат во Киев за „да ја изразат непоколебливата поддршка на Европа за борбите на Украина за слобода и независност, три години од почетокот на руската целосна агресија“.
Тој информира дека Фон дер Лајен ќе им средба со украинскиот претседател Зеленски, како и дека тие ќе копретседаваат со заедничка седница на Колеџот на комесари и Владата на Украина.
Вчера во објава на Икс и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта соопшти дека в понеделник заедно со Фон дер Лајен ќе го посетат Киев, каде ќе ја потврдат „поддршката за херојскиот украински народ и за демократски избраниот претседател“.
- Понеделник, 24 февруари, е трета годишнина од руската целосна инвазија со целосен размер на Украина. Одлучив да бидам во Киев по овој повод, со Урсула фон дер Лајен, за да ја потврдиме нашата поддршка на херојскиот украински народ и на демократски избраниот претседател Зеленски, наведе Кошта во објавата. сп/
Фото: МИА Архива