Сојуз на борци: Општина Тетово глуми демократија, предлогот е на бирото на Касами
- Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи од Тетово преку соопштение реагира на повикот на Општина Тетово за давање предлози за именување на улици. Општина Тетово објави повик за прибирање предлози за преименување на улици кои веќе имаат определено име и именување на новите улици во периодот од 10 февруари до 10 март.

Тетово, 17 февруари 2025 (МИА) - Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи од Тетово преку соопштение реагира на повикот на Општина Тетово за давање предлози за именување на улици. Општина Тетово објави повик за прибирање предлози за преименување на улици кои веќе имаат определено име и именување на новите улици во периодот од 10 февруари до 10 март.
- Општина Тетово продолжува да го води процесот за преименување на улици во градот и именување на нови улици и во таа насока објави 30 дневен јавен повик за доставување на предлози. Општина Тетово ги игнорира јавните апели на Сојузот на борци, политичките партии и граѓаните, како и ставот на Владата дека е неприфатливо преименување на постоечки имиња на улици во градот Тетово и упорно води постапка и за преименување на улици, се вели во соопштението на Сојузот на борци и граѓаните продолжувачи.
Тие сметаат дека повикот е само обид на Касами за да покаже демократија.
- Будно го следиме процесот и примаме почетни загрижувачки информации кои говорат дека Општина Тетово само се обидува да глуми демократија и вклученост на граѓаните, а дека во суштина предлогот веќе е на бирото на градоначалникот. Законот забранува водење на постапка за определување на имиња на улици најмалку 6 месеци пред одржување на локални избори, па ваквото брзање, глумење демократија, игнорирање на апели и поминување на претходно зацртани предлози е само во служба на предизборието и креирањето на меѓунационална криза и треба веднаш да престане, велат од Сојузот.
На 11 февруари Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи Тетово поднесе иницијатива за оценување на уставност и законитост на Одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 година која се однесува на промена на имиња на улици, а што не беше прифатена од Владата. ас/дма/
фото : МИА архива