• сабота, 22 февруари 2025

Димитриеска-Кочоска: Ако има „картелско“ здружување на маркетите цените и во „КАМ“ и во „Веро“ ќе беа тука некаде

Димитриеска-Кочоска: Ако има „картелско“ здружување на маркетите цените и во „КАМ“ и во „Веро“ ќе беа тука некаде

Скопје, 21 февруари 2025 (МИА) - Ако постои „картелско“ здружување на маркетите, цените и во „КАМ“ и во „Веро“ ќе беа тука некаде, но и сами знаеме дека не е така. Секој има можност и опција да пазари каде сака, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Таа информира дека во вторникот Владата водела долга диксуија околу мерките за цените на производите, при што било констатирано дека треба да се донесат долгорочни решенија. „Замрзнувањето“, повтори, е нешто ад-хок што дава само краткорочен ефект.

Одговорајќи на новинарски прашања по средбата во Сојузот на стопански комори (ССК), министерката подвлече дека одлуките за цените ги донесува исклучиво врз основа на податоците што ги објавува Државниот завод за статистика. Притоа ги повика новинарите со неа да појдат каде што пазари и да видат колку чини табла јајца. Не може, им рече, да ги земаат предвид цените само од еден маркет и да кажуваат дека се покачени. Пред две недели, кога купувала табла јајца, продавачката, напомена, и кажала дека кај неа цените не биле „мрднати“ од минатиот Велигден. Затоа, заклучи Димитриеска-Кочоска, мора пошироко да се гледаат работите.  

Во однос на креирањето на потрошувачката кошница што исто така било тема на владината седница, Димитриеска-Кочоска, како што нагласи, била фрапирана од два момента кои биле спомнати: дека едно семејство месечно троши 13 литри млеко или дека купува грав од конзерва. Не може, рече, кога се прават пресметките и анализите да се водиме од некој нелогичен пристап.

Ставот на ССК е сличен на оној на министерката, дека треба да се најдат долгорочни решенија и дека замрзнувањето на цените не дава резултати, а секое ограничување, како што рече претседателот на ССК Трајан Ангелоски, ќе има одредени реперкусии. Ангелоски порача маркетите да ја зголемат понудата и транспарентноста, да се потрудат да ги обележат прозвдоите за потрошувачите да знаат кој од каде доѓа и да одлучат што ќе купат.

-Не бранам никого, да не ме разбрете погрешно, зборувам со факти. Колку се зголемени цените ви кажувам врз основа на тоа што го извадил Државниот завод за статистика како податок. Обратете се таму, нека ви објаснат во детали како пресметале. Не одам по маркетите да проверувам, купувам во „Тинекс“ зашто ми е поблиску и не гледам такви трзавици на цени и на Зелено пазарче. Не одам да ги запишувам цените во секој маркет какви се. Одлуките ги носам врз база на податоците од Државниот завод за статистика, истакна министерката.

Таа го повикала директорот на Државниот завод за статистика и тој и кажал дека од 2011 година Заводот не пресметува потрошувачка кошница. Објаснил дека и ЕУРОСТАТ констатирал нешто слично во 2010 година во однос на тоа кои податоци се земаат предвид.

-Разговаравме на Влада и што треба да има во потрошувачка кошница при што беше оценето дека стручни лица тоа треба да го кажат, дополни министерката. 

Според неа, земјава има проблем со базичната инфлација, што значи дека храната бележи раст од 0,3 отсто на ниво на статистичка грешка.

-Кога ќе ги погледнеме бројките, сфаќаме дека се создава паника, но таа паника не е поткрепена со она што го кажува Државниот завод за статистика. Да, тој вели имаме инфлација, имаме раздвижување на инфлацијата, но не на она што значи основни производи. Во моментов најголема причина за инфлација се угостителските услуги. Имајќи предвид дека имаме ваква ситуација, разговаравме во вторникот на Влада. Имавме долга дискусија околу мерките за замрзнување на цените. Лично кажав дека можеме да воведеме одредена мерка „замрзнување на цени“, но тоа ќе има краткорочен ефект. Ние треба да бараме решенија на долг рок, а тоа не се овие ад-хок мерки за замрзнување на цените. Долгиот рок е комплетно нова стратегија - како треба да функционира македонската економија и е многу опширна, почнува од начинот на субвенционирање на земјоделството, поттикнување поголемо производство на храна и поголема конкуренција од страна на домашните производители за да имаме пониски цени и да не ни се случуваат проблеми кои се пресликуваат однадвор. Во однос на “картелско“ здружување на маркетите не можам да кажам дали има или не, сложена е постапката што треба да докаже дали такво нешто има. Ако има „картелско“ здружување тогаш цените и во „КАМ“ и во „Веро“ би биле тука некаде, а и сами знаеме дека не е така, рече Димитриеска-Кочоска.

Според претседателот на ССК Трајан Ангелоски, она што министерката го предлага, мерки на долг, се решение на целиот проблем.

-Колку проценти во маркетите се македонски производи? Нашата статистика вели дека нашите производители во маркетите се застапени во промили, грото од храна е увозна. Ние секогаш апелираме и до маркетите да им овозможат и на помалите произведувачи да се најдат на рафтот и очекуваме маркетите да го испочитуваат тоа. Генерално, сметаме дека секое ограничување ќе има одредени реперкусии во одредена сфера. профитите не се само кај маркетите, треба да бидеме внимателни зашто се работи за цел ланец составен од неколку карики, а маркетите се последната алка, потенцира Ангелоски. мч/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан