Ретрокар шоу во Делчево – награди за најреставрирано возило, за најмлад и за највозрасен учесник
- Во центарот на Делчево денеска се одржа изложба на стари возила, „Ретрокар Шоу“, во организација на здружението „Kings of the Roads“ од Делчево.
Делчево, 3 август 2025 (МИА) – Во центарот на Делчево денеска се одржа изложба на стари возила, „Ретрокар Шоу“, во организација на здружението „Kings of the Roads“ од Делчево.
Претседателот на здружението, Лоренцо Трајановски, изрази задоволство од бројот на возилата што учествуваат на изложбата, и покрај тоа што е период на летни одмори.
Меѓу учесниците со возило „лада" се издвои гостин од Дупница Ивајло Паунов, кој со својата сопруга и деца патува низ регионот каде има вакви изложби, а денеска во Делчево ја доби наградата за најреставрирано возило.
-Гости сме на Лоренцо и Делчево кој е прекрасен град. Ладата е од 1989 година, 1600 кубика со капучино боја, претходно планирана за испорака во Западна Германија, рече Паунов.
На настанот учествуваа повеќе возила од типот Застава 750 или популарното „фиќо".
-Ова е Застава 750 произведена 1985 година со четири брзини. Купена е од с.Луковица и ја имаме три години, полека ја реставрираме. Со неа имаме возено најдалеку до с.Полето, истакнаа учесници од М.Каменица.
Учесник од Благоевград, Бугарија на олд тајмер собирот дојде со модел „форд сиера“, кој според него вреди 30.000 левови или 15.000 евра.
-Возилото е 200 кубика, купено е 1992 година во Бугарија. При реставрацијата има доста комбинации од повеќе возила што може да го видите на банерот каде точно е опишано што се е изменето од првичната верзија. Не го продавам, но ако треба да се продаде мислам дека вредноста и е 30.000 лева, вели сопственикот на форд сиера.
Покрај благодарници за сите учесници, организаторите доделија и награди за најмлад учесник и за највозрасен учесник, со што уште еднаш ја потврдија својата цел да го негуваат пријателството меѓу генерациите љубители на класични возила.
Настанот се одржа под покровителство на Автовозач фер и други помагатели, а во рамки на истиот се одржа и дефиле низ градските улици во Делчево. вс/вг/
Фото: МИА