Избрани најуспешните ученици од повикот на МОЗ за творби на мајчин јазик
- Ученици од шесто до деветто одделение кои имале најдобри прозни или поетски творби на мајчин јазик, на повикот на Министерството за односи меѓу заедниците (МОЗ), денеска во неговите простории добија пригодни награди на настан по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

Скопје, 21 февруари 2025 (МИА) - Ученици од шесто до деветто одделение кои имале најдобри прозни или поетски творби на мајчин јазик, на повикот на Министерството за односи меѓу заедниците (МОЗ), денеска во неговите простории добија пригодни награди на настан по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Настанот беше организиран во соработка со Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците.
Наградените ученици, придружени од нивните ментори, ги прочитаа своите творби на слободна тема и напишани на нивниот мајчин јазик, што беше и услов на повикот, односно да бидат напишани на македонски, албански, турски, ромски, српски, босански, влашки и/или други јазици, независно дали е застапен во редовната настава во училиштето.
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ рече дека МОЗ се приклучува кон глобалното чествување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари со порака за „јакнење на културните особености и промоција на соживотот во нашата земја која се карактеризира како повеќенационална и повеќејазична“.
-Со Уставот се предвидени седум јазици, но конкурсот беше отворен за сите, и за оние кои не се споменати во Уставот, така што не правевме никаква разлика меѓу јазиците. Јазикот не е само најсовршено средство за разбирање меѓу луѓето, туку едно од средствата за културна, духовна и секаква друга идентификација на сите луѓе во светот, вклучувајќи ја и нашата држава, бидејќи таа е позната како повеќејазична и повеќенационална. И од тој аспект сметавме дека треба да ги испочитуваме сите припадници на заедниците во Македонија, изјави Стоилковиќ.
Посочи дека ова е прва година во која МОЗ го одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, одѕивот на конкурсот бил одличен од учениците, а наредната година очекува, рече, овој ден да биде одбележан „на многу посериозен и поквалитетен начин“.
-Јас тргнувам од една народна изрека која кажува дека секој јазик е ваш кој не зборува против вашите интереси, и тоа нека биде потстрек за меѓусебно разбирање, затоа што разбирањето прво и елементарно се одвива преку јазикот, додаде вицепремиерот.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик - 21 Февруари е востановен од Обединетите нации и УНЕСКО во 1999 година со цел промоција, негување и афирмација на сите јазици, како и за поддршка на имплементацијата на стратегиите и политиките во полза на различноста на јазиците во сите делови од светот. хс/аа/
Фото: МИА / МОЗ