Мицотакис смета дека не може да постои решение за Украина без да бидат вклучени Украинците
- Очигледно не може да постои решение за Украина, без да бидат вклучени Украинците. Се разбира, не може да постои решение за безбедноста на Европа, без вклучување на Европејците, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакисво интервјуто за „Блумберг“, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 20 февруари 2025 (МИА) – Очигледно не може да постои решение за Украина, без да бидат вклучени Украинците. Се разбира, не може да постои решение за безбедноста на Европа, без вклучување на Европејците, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакисво интервјуто за „Блумберг“, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер посочи дека Европа мора да има единствен глас, но и да се фокусира на сопствената безбедност, а не само на безбедноста на Украина и паралелно го повтори неговиот став дека ЕУ треба да одвои повеќе средства за одбраната.
На прашањето кој ќе ја претставува ЕУ во случај Европа навистина седне на маса со Доналд Трамп и Владимир Путин, Мицотакис објасни дека тоа е одлука што сè уште не е донесена, но би можело да се разговара за назначувањето на висок претставник на ЕУ, кој би можел да зборува во име на Унијата.
Во однос на трговските односи со САД, грчкиот премиер рече дека царините и трговијата се ексклузивна надлежност на Европската комисија, но и нагласи дека „ако Европа се најде во позиција во која еднострано ќе се наметнат царини за европските производи, Европа ќе биде принудена да одговори“ и изрази умерен оптимизам дека ќе се избегне ова сценарио.
- Не сакаме да се вклучиме во трговска војна со САД, но доколку е потребно, Европа секако ќе одговори. Мислам дека сè уште имаме време да го избегнеме ова. Верувам дека тоа би било лошо и за двете наши економии, и за европската и за американската економија, истакна Мицотакис за „Блумберг“. ср/сд/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер