• недела, 22 декември 2024
МИА Флеш

4 октомври 2024

Скопје - Државата нема да се фаворизира трет оператор, ако одиме со трет оператор нема да одиме со непосредна спогодба, туку ќе одиме со отворен тендер согласно Законот за јавни набави и ќе се натпреваруваат сите заинтересирани компании, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во поткастот „Каде се парите”.

Тој во поткастот исто така вели дека е дојдено време кога граѓаните мора да добијат поевтини цени и квалитетни услуги и дека повеќе е недозволив дуополот што го прават двата мобилни оператори.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска вети дека ќе направи се во координација со Министерството за финансии барем на половина од средно медицинскиот кадар кој работи со договор да биде вработен во јавните здравствени установи.

Според него, во здравството до сега имало околу 2.500 договорци, генерално среден медицински кадар, медицински сестри, болничари и хигиеничари, за што рече, дека од посетите на болниците му било укажано дека има посебен недостаток. 

Скопје - Одржливата, базната и домашната енергија ќе бидат приоритет на новата Влада. Тоа вклучува изградба на базни енергетски објекти, когенеративни електрани на гас, ветерни и соларни електрани и модернизација на РЕК Битола и усогласување со највисоките еколошки стандарди, како и конечно завршување на гасоводната  мрежа. Имаме визија од земја која увезува електрична енергија да станеме земја која произведува доволно струја за сопствените потреби, а понатаму можеби и да извезува, порача денеска министерката за енергетика Сања Божиновска.

Нагласи дека за таа намена се планира реализација на капитални инвестиции и истакна дека концептот за формирање на Министерство за енергетика, рударство и минерални суроивини е првиот чекор на ставање ред во енергетиката преку конкретен мониторинг, планирање, реализација и контрола.

Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој е дел од коалицијата Влен, коментирајќи го излегувањето на Мендух Тачи од Европскиот фронт предводен од ДУИ, рече дека партиите во овој фронт не се споиле иделошки, туку за да опстанат на политичка сцена. 

Во изјава за медиумите дадена денеска во Арачиново, Меџити рече дека нема информација дека се преговара со Тачи за негово преминување во Влен. 

Скопје - Нема потреба од носење на Закон за амнестија само со една и единствена цел да се намали пренатрупаноста во затворите, туку треба поголема примена на условниот отпуст со заштитен надзор. Сето ова како законско решение го имаме и треба да биде почесто применувано, изјави судијката во Основниот кривичен суд Скопје, Билјана Коцевска пред почетокот на работилницата „Предизвици за надминување на затворската пренатрупаност“.

Судиите, според Коцевска, треба да се охрабрат да изрекуваат поголеми условни отпусти со заштитен надзор, како и примена на електронскиот надзор од причина што, како што нагласи, неколкуте закони за амнестија коишто беа досега донесени не ја постигнаа целта и можеби само моментално се намалува пренатрупаноста во затворите, но за многу кратко време повторно има пренатрупаност во затворите. 

Скопје - На граничен премин Долно Блаце, денеска околу 10 часот полициски службеници го лишиле од слобода С.Х.(55) од Косово.

Тој управувал минибус на релација Косово – Грција и кога пристапил на пасошка контрола, поради тоа што немал сертификат за вршење меѓународен превоз на патници, на полицискиот службеник му понудил поткуп.

Атина - Зголемен број на позитивни, зголемен број хоспитализирани и зголемен број починати лица од Ковид-19 се регистрирани во изминатата седмица во Грција, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Во периодот од 23 до 29 септември, со Ковид-19 биле хоспитализирани 672 лица, а од вирусот починале 35 лица.

Подгорица - Во Црна Гора уапсени се 13 лица осомничени за криумчарење на 352 мигранти, соопшти Специјалното државно обвинителство (СДТ). Приведените се обвинети за создавање криминална организација и недозволен премин на државната граница и криумчарење луѓе.

Мигрантите потекнуваат од Пакистан, Бангладеш, Индија, Непал, Сирија и други држави, а нивното криумчарење се вршело со цел остварување финансиска добивка, пренесува РТЦГ.

Сараево - Премиерката на Херцеговачко-неретванскиот кантон (ХНК) Марија Бухач денеска соопшти дека има жртви во поплавените области во општините Јабланица, Коњиц, Фојница и Крешево.

Според неофицијални информации до кои дојде порталот Klix.ba, бројот на загинати во поплавите и одроните во Јабланица е зголемен на над 10 лица. Информацијата на сараевскиот портал засега не е потврдена.

Париз - Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) предупредува дека зголемената глобална потрошувачка на гас и геополитичките тензии може да го комплицираат снабдувањето со гас како што се приближува зимата.

Според најновиот извештај на агенцијата, индустриската побарувачка, особено од Азија, придонесува за значително зголемување на употребата на гас.

Тел Авив - Градови и села во северниот дел на Израел повторно беа нападнати со ракети од територијата на Либан, јави ДПА, повикувајќи се на соопштение на израелската армија.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека 20 ракети биле насочени кон областа на градот Хаифа. Воздушна тревога има во многу градови на север и исток во Галилеја. Неколку од проектилите биле пресретнати, а останатите паднале на отворен терен, соопшти армијата. Според првичните информации, нема извештаи за жртви или поголема материјална штета.

Буенос Аирес - Аргентина бара „целосен суверенитет“ врз Фолкландски Острови откако Велика Британија на 1 октомври го предаде суверенитетот на архипелагот Чагос на Мавританија.

Шефицата нааргентинската дипломатија Диана Мондино ја поздрави одлуката на британската Влада за Чагос и вети „одлучна акција“ преземање на Фолкландски Острови од Велика Британија. Архипелагот во близина на Јужна Америка во Аргентина се нарекува Малвински Острови.

Берлин - Германскиот полициски синдикат предупреди на потенцијални немири во земјата на 7 октомври кога е годишнината од нападот на Хамас врз Израел, јави ДПА.

„Очекуваме пристојност од сите во Германија на 7 октомври“, изјави денеска претседателот на синдикатот Јохен Копелке за германската медиумска мрежа A&Д. Копелке рече дека полицијата презема решителна и доследна акција против одговорните за насилство и неред, додавајќи дека на сите безбедносни агенции во Германија имаат потреба од персонал на 7 октомври.

Брисел - Гркот Апостолос Ѕиѕикостас, Италијанецот Рафаеле Фито и Бугарката Екатарина Захариева пријавиле најголем имот во декларациите за имотната состојба што кандидатите за членови на новата Европска комисија ги доставиле до Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент, кои протекоа во јавноста. 

Врз основа на овие декларации, членовите на Комитетот за правни прашања (ЈУРИ) треба да проценат дали некој од предложените еврокомесари би можел да има евентуален судир на интереси поврзани со неговата сопственост или професионални и приватни врски. 

Сараево - Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, соопшти дека неофицијално добил информации за 20 загинати лица во поплавите и одроните во општина Јабланица, која се наоѓа на северот од Херцеговачко-неретванскиот кантон (ХНК) во Босна и Херцеговина.

Според Федералната управа за цивилна заштита, тие испратиле барања до Федералното МВР и Оружените сили на БиХ за помош. Хелез, во изјава за Ал Џазира, посочи дека од урнатините биле спасени едно дете и жена, но оваа информација сè уште не е официјално потврдена од страна на МВР.

Вашингтон - Работниците во американските пристаништа на Источниот брег и на Мексиканскиот Залив го прекинаа големиот тридневен штрајк, кој претставуваше закана за трговијата и економијата.

Синдикатот на пристанишни работници (ILA) во соработка со Поморската алијанса на САД (USMX) објавија дека договорот меѓу двете страни е продолжен до 15 јануари.

Виена - Во Австрија се објавени конечните резултати од парламентарните избори одржани на 29 септември, а Австриската партија на слободата (ФПО) победи со 28,8 проценти од гласовите.

Австриската народна партија (ОВП) освои 26, 3 проценти и е втора партија по освоени гласови, додека на трето место е Социјалдемократска партија на Австрија (СПО) со освоени 21, 1 отсто од гласовите. НЕОС доби 9,1 проценти, а Зелените – 8,2 отсто. Ниту една од малите партии не го помина цензусот од четири проценти.

Остани поврзан